Уким Економски факултет

Лажен мејл повика на собир 300 студенти на Економскиот факултет

Студентите од прва година на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ завчера во текот на ноќта на своите мејл адреси добија необична порака во која беа замолени следниот ден да отидат во салата за состаноци на факултетот. Станува збор за мејл испратен до повеќе од 300 бруцоши, студенти кои студираат на различни насоки и оддели на Економскиот факултет.

Во мејлот се наведува дека поради настаната голема техничка грешка, се замениле резултатите од испитите, па поради тоа сите полагања ќе се повторат со физичко присуство.

Ова веднаш поттикна реакции помеѓу студентите на Економскиот факултет, по што тие бргу сфатиле дека станува збор за лажен мејл.

Лажен мејл повика на собир 300 студенти на Економскиот факултетВо лажното известување се тврди дека истото е испратено од Деканот на Економскиот факултет, Предраг Трпчески. Авторот на мејлот дури се потрудил е-адресата од која ја испраќа пораката да личи на официјалната веб страна на Економкиот факултет, со што на прв поглед се добива впечаток дека информацијата потекнува од веродостоен извор. Официјалната веб страна на Економскиот факултет при УКИМ е eccf.ukim.edu.mk , а испраќачот на лажниот мејл е потпишан со истата адреса, само на електронската пошта Gmail: eccf.ukim.edu.mk@gmail.com.

Мејлот во кој се бара присуство во затворен простор на повеќе од 300 студенти доаѓа во период на здравствена криза, кога во државата се забранети поголеми собири поради зголемениот број случаи на Ковид-19, особено во главниот град.

„Мета.мк“ побара реакција од Деканатот на Економскиот факултет. Деканот, проф. д-р Предраг Трпчески, рече дека станува збор за лажно креирана мејл адреса, најверојатно од некој од студентите. Факултетот веднаш реагирал и со официјално известување во електронска пошта ги известил студентите дека станува збор за лажна информација.

„Се работи за невкусна шега, злоупотреба. Најверојатно станува збор за мејл испратен од страна на студент, бидејќи тие ги имаат контактите на нивните колеги. Тој ги искористил контактите преку кои ние постојано комуницираме со студентите, им пишал лажен мејл со кој им пренесува погрешни информации. Уште вчера е испратен официјален мејл до сите 300 студенти што го добиле мејлот и тие се известени дека се работи за лажно креиран профил. Случајот денес ќе биде пријавен во полиција и понатаму ќе биде процесуиран до надлежните институции“, вели Трпчески.

Трпчески тврди дека не станува збор за хакерски напад и дека адресите на повеќе од 300 студенти најверојатно се преземени од комуникацијата помеѓу студентите и официјалниот мејл на Економскиот факултет.

Но, кога некој факулет на УКИМ испраќа официјално известување или електронска пошта до студентите, пораките се енкриптирани, а мејл-адресите на студентите сe заштитени и не се видливи за секого, односно, секој студент може да ја види само својата адреса. Ова го повлече и прашањето, ако електронсктие адреси на студентите се заштитени и не се видливи, како испраќачот на лажниот мејл дошол до овие адреси.

Економскиот факултет неодамна им додели нови електронски адреси на студентите кои тие ги користат за следење на онлајн наставата преку платформата Microsoft Teams и секој студент што ќе влезе на предавањето може да ги види мејловите на сите присутни колеги. Но, адресите на кои е испратен лажниот мејл се лични адреси на студентите, кои им се познати само ним и кои ги користат за најава во системот на УКИМ.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Кочанскиот Центар

Убиецот зад кочанскиот фемицид доби доживотна казна

Донесена е пресуда за кривичното дело Убиство извршено при родово базирано насилство и на свиреп …