Министерството за внатрешни работи ги направи сите потребни проверки во врска со денешните пријави од училишта и други објекти во Скопје и Кавадарци, кои добиле порака на електронската адреса со закана за поставена експлозивна направа, и утврдено е дека станува збор за лажни пријави. Ова го соопштија денеска во МВР.
„Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, информираат оттаму.
Инаку денеска околу 08.20 часот во Полициска станица Кавадарци било пријавено дека на електронска адреса на едно основно училиште во Кавадарци е упатена закана за поставена експлозивна нaправа. Полициски службеници презеле мерки за безбедно евакуирање на училиштето и направени биле антитерористички проверки.
Освен тоа, лажна дојава за поставена бомба денеска околу 09.30 часот добиле девет училишта во Скопје, а дојава имало и во Министерството за надворешни работи, ГТЦ, Џевахир сити и ТЦ Ист гејт.