Лажните вести на ДПМНЕ ја убиваат вистината на СДСМ

Пишува: Зоран Милошески

Последната анкета на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), го покажа она што не беше тешко да се претпостави – дека во моментов, мнозинството граѓани немаат доверба во Владата.

И како по некое непишано правило, во секоја ваква или слична ситуација се јавуваат релативизатори, кои невешто се обидуваат да ги минимизираат сублимираните резултати и да го докажат недокажливото – „нерелевантноста“ на анкетата! Ама пред да го сторат тоа, на „Илинденска“ треба да знаат дека игнорирањето на реалноста никогаш никому не донело ништо добро. Оти, ставањето под тепих на сето она кое во моментот не и’ оди во прилог, или не е по кејф на власта, само го одлага соочувањето со вистината. Која ќе избие на површина тогаш кога ќе биде предоцна било што да се смени, во најлошиот можен момент – на денот на изборите!

Од тие причини, резултатите од анкетата на МЦМС треба сега и веднаш да го вклучат алармот на „Бихаќка“ и да ги натераат најповиканите во уќуматот да се зафатат со сериозна анализа за причините кои ја довеле партијата до ова дереџе. Секако, сеуште не е дојден нож до коска, ама дека е „минута до дванаесет“ за конкретни и видливи нешта, дефинитивно – е. Тоа што на социјалдемократите за неполн месец им претстои Конгрес, никако не значи дека сите други активности треба да ги остават во втор план. Бидејќи, сериозен политички субјект како СДСМ кој поседува изградена партиска инфраструктура и повеќе од солиден човечки потенцијал, не смее да се занимава само со внатрепартиските случувања, туку треба паралелно да води повеќе процеси.

Не постоеше дилема дека решавањето на спорот со Грција и потпишувањето на Преспанскиот договор, ќе го земе данокот од аспект на намалување на рејтингот на Владата, партијата и на Зоран Заев. Меѓутоа, тоа беше пресметан ризик кој никако не смееше да влијае врз носењето на храбрата и неизбежна одлука. Оти без тоа, членството во НАТО и доаѓањето во преддворјето на Брисел, уште долго ќе останеа пуста и неостварена желба.

Истовремено, пандемијата на ковид-19, која ги покори здравствените системи на најмоќните земји во светот, како и ножот во грб од страна на источниот сосед, дополнително ги разнишаа темелите на Владата. Иако степенот на вина на владејачкото мнозинство по овие теми, особено по прашањето на справувањето со коронавирусот, најблаго речено е прилично дискутабилен.

Од сегашната временска дистанца, давањето било каква стручна оцена за тоа дали државата направи се’, или пак потфрли во борбата со чумата на 21 век, би било крајно неблагодарно и паушално. Но, она што со сигурност може да се каже, е дека во целата оваа приказна, и покрај бескрупулозноста на кочничарите олицетворени во „ликот и делото“ на опозицијата, власта не жалеше средства, а здравствените работници не се штедеа себеси. Ако се има во предвид во каква состојба беше здравството пред 4 години, во каква кондиција беа и со каква инфраструктура и апаратура располагаа здравствените институции, ако се знае колкави беа платите на докторите и останатиот медицински персонал, заради што со години бевме сведоци на егзодус на лекари и медицински сестри, тогаш одговорот недвосмислено се наѕира.

Да не заборавиме дека на сето ова треба да се додадат огромните финансиски средства, кои преку досегашните пет антикризни економски мерки завршија кај разни категории на граѓани и стопански субјекти, најпогодени од пандемијата на ковид-19.

И ако сите погоре споменати показатели се факти кои одат во прилог на владејачкото мнозинство, тогаш се поставува прашањето: од каде произлегува недовербата кон власта утврдена со последната анкета?

Покрај во повеќе наврати аргументираните докази за лошата кадровска политика и големиот број аздисани и неодговорни директори и други функционери, она што има огромно влијание врз формирањето на јавното мнение е агресивната опозиција, која во коалиција со блиските до нив медиуми, на дневна основа ја „бомбардира“ јавноста со лажни вести.

Неподелен е впечатокот дека не успевајќи да најде решение за проблемот, најголемата владејачка партија премина во дефанзива, трошејќи добар дел од енергијата на демантирање на секојдневните шпекулации и невистини. Притоа, немоќта да се справи со лажните вести и да најде правна рамка за санкционирање на нивните креатори, кај јавноста создава дополнителна недоверба во власта. Првенствено по однос на дилемата, дали во пресрет на исклучително важните локални избори, СДСМ има целосна контрола над состојбата во државата?

Убеден сум дека сето ова им е добро познато и констатирано на луѓето од аналитичкиот центар на „Бихаќка“. Но, еден од „дефектите“ во социјалдемократската машинерија е токму тоа – констатирање на состојбата и оставање проблемите сами да се решат. Такво нешто никогаш и никаде не се случило. Затоа, она што членовите и приврзаниците на партијата го очекуваат, покрај исполнување на ветувањето на Заев за кадровски смени во партиската хиерархија, е нивно охрабрување и мотивирање, преку покажување моќ и доследна примена на сите механизми кои како на власт и’ стојат на располагање.

Оти и во државата, исто како и во коалицијата, но и во партијата, треба точно да се знае – кој коси, а кој вода носи!?

Прочитајте повеќе

Венко Филипче

Филипче пред сопартијците: Тука сме да пристапиме на секој, да прашаме што му треба (ВИДЕО)

Неврохирургот Венко Филипче при својата вчерашна посета на Струмица разговараше со членството на СДСМ. При …