Легитимност и антиполитика

Легитимност и антиполитика

Пишува: Доц. д-р Јасмина Трајкоска

Легитимитетот во најопшта смисла, претставува воспоставување и делување на политичката власт врз принципите кои се општо прифатени во рамките на една политичка заедница. Ако ја земеме само оваа дефиниција и ја споиме со истражувањето на МЦМС во „Извештајот за проценка на корупција во Македонија во 2017 година“, ќе видиме дека е “легитимно” што сме корумпирано општество. Ова, секако, е надвор од разумното, но тоа за нас е секогаш поприфатливо.

Имено, 87% од граѓаните сметаат дека постои веројатност или голема веројатност, во иднина да бидат подложни на коруптивен притисок, 69% од испитаниците велат дека корупцијата е распространета помеѓу службените лица, тројца од четворица граѓани сметаат дека судиите и јавните обвинители се најкорумпирани во нашиот политички систем, а над 65% од граѓаните мислат дека пратениците, министрите, лидерите на политичките партии и локалните лидери, се најкорумпираните професии. Еден од заклучоците истакнат при промоцијата на резултатите од истражувањето, кој треба постојано “да трепка”, е дека „корупцијата во Македонија останува неказнива.

Неопходно е да се сфати дека легитимен е оној поредок, кој секогаш се базира на принципите на правото и правичноста, па со тоа е и добро уреден поредок. Оваа состојба е спротивна на состојбата на беззаконие, анархија, несигурност и самоволност. Состојбата на несигурна слобода и неуредени права не е ниту легитимна ниту политичка! Заради ова Аристотел многу одамна напоменува дека „Само поредокот на доблести е политички поредок“. Потребата за легитимитет е услов за секое владеење, а постоење на легитимитет е услов на доброто владеење (управување).

Прашањето на легитимитет е секогаш прашање на доверба во достојноста на политичките институции кон граѓаните. Довербата како основа на социјалниот капитал во едно општество и помеѓу луѓето, како и довербата на граѓаните кон институциите, е на многу ниско ниво. Освен што очекуваме коруптивен притисок, ние исто така очекуваме и да бидеме “изиграни” од другите, или од институциите на политичкиот систем. Што се однесува, пак, до довербата во политичките партии од страна на граѓаните, таа е убедливо најниска.

Легитимитет без да имате доверба во исправно постапување на оние кои ја имаат јавната функција, е невозможно да се постигне, па макар биле и победник на изборите. Легитимитетот е суштинска вредност на политичкото владеење. Поради тоа ни се важни личности кои имаат визија, план, идеи, ентузијазам, достоинство, интегритет,  индивидуална општествена одговорност за подобрувања во управувањето на јавните работи, бидејќи тие луѓе создаваат и политика, и легитимитет.

Што значи ова? Значи дека политичките партии, за кои најголемиот број граѓани немаат доверба дека можат да продуцираат некое јавно добро, итно треба да преземат мерки и да се насочат во подигнување на политичките капацитети преку едукација на партиските кадри за основите на политичката едукација. Член на политичка партија без да има напредни познавања за политиката како наука, не може да е свесен дека не продуцира политика, туку продуцира антиполитика. А тоа не може да е легитимно. Ние веќе се соочуваме со ликови (функционери) кои се “изненадуваат“ од сознанието дека треба да имаат визија, програма, цел и претходни постигнувања за да ја извршуваат функцијата која ја добиле. А која ја заслужиле со теренската обработка на територијата на Македонија, заради што сметаат дека го имаат легитимитетот за нејзино извршување. Антипартиските движења на светско ниво, меѓу другото, се случуваат токму поради губење на легитимитетот на партиските кадри кои не создаваат политика.

Оваа недела имавме можност да го видиме соочувањето на лидерите на двете најголеми политички партии во Македонија. Следевме дебата во која визиите, плановите, различните разумни решенија за управување со јавните работи и доблеста, изостанаа од содржината на истата. Кога лидерите не прикажуваат вредности кои се доблесни тие, всушност, продуцираат антиполитика. Политиката е најсатанизиран поим во нашето општество, не заради тоа што е негативен термин, туку поради тоа што довербата на граѓаните во политичарите е изгубена. Што се должи на тоа што политичарите предолго не продуцираат јавно добро.

Но, политика не создаваат само политичарите. Ние сите сме политички суштества. Заради сето ова, клучна е едукацијата и социјализацијата на граѓанството за целите и постоењето на политиката и за тоа дека политичката партија може да е производител на антиполитика, наместо на политика. Без таков вид едукација, македонското општество ќе остане уште долго да се бори со апатијата, недовербата, корупцијата и антиполитиката. Сето тоа ќе продуцира нелегитимност која, пак ќе речам, ја урива суштинската вредност на политиката.

Прочитајте повеќе

Уапсена директорката на Агенцијата за спречување на корупцијата на Црна Гора

Уапсена директорката на Агенцијата за спречување на корупцијата на Црна Гора

Специјален полициски тим, по наредба на Специјалното државно обвинителство на Црна Гора, на 17 април …