„Левичарска“ политика на работ на конфликтот, резилот и срамот

„Левичарска“ политика на работ на конфликтот, резилот и срамот

Пишува: Зоран Милошески

Трендот на пад на нивото на политичката култура во државата, е нешто на кое од поодамна се укажуваше и се предупредуваше. Падот на политичката култура неизбежно резултираше со пад на квалитетот на политичката понуда, која пак беше дополнително засилена со (три)децениската негативна селекција на кадри во двете најголеми партии од македонскиот политички блок.

Комбинацијата од сето тоа доведе до она коешто во моментов е реалност на домашната политичка сцена, но кое сеуште не е дното кон кое сигурно се движиме.

Институцијата која требаше да биде храм на демократијата, Собранието, одамна не е тоа. Особено не после оној 27 април, црниот четврток кој на подолг рок ја разниша меѓусебната доверба на политичарите на релација власт – опозиција, но и кредибилитетот на највисокиот законодавен дом.

Неброено пати сме се увериле дека во собраниските клупи седат луѓе кои не се достојни да го преминат ниту прагот на оваа некогаш респектабилна институција. Тогаш, на што можат да се надеваат граѓаните кога станува збор за локалните „парламенти“, општинските Совети?

Ако пратеници со академски титули, без срам и перде на социјалните мрежи користат уличарски речник, ако заради лични интереси со ширење лажни вести меѓу граѓаните внесуваат несигурност, немир и страв, ако на најпростачки начин ги навредуваат Претседателот, премиерот, министрите и колегите пратеници… тогаш што да очекуваме од нивните партиски колеги во Советите?

Впрочем, од таквите повеќе и нема што да се очекува бидејќи сите тие, особено квазиполитичарите од Левица, квалитетот на политичката дебата и комуникација го спуштија под секое ниво.

Ако не знаете на што мислам, погледајте ги настапите во Советот на општина Прилеп на еден од колегите по партиска припадност и простотилак на Апасиев, и се’ ќе ви биде јасно.

Отсуството на елементарна култура, домашно воспитување и почит кон останатите присутни во општинската сала, кон вработените во општинската администрација, намерата да се навредат и омаловажат сите други кои се надвор од нивната „секта“, е главната и крајна цел на припадниците на оваа непримерна дружина.

Нивниот дилетантизам и тоталното непознавање на функционирањето на државните и општинските институции, не е е оправдување за тежината на кажаниот збор. Ниту пак тоа е случајно. Оти тие зборуваат и пишуваат за да навредат. Таква е нивната партиска стратегија и политичка матрица: да се движат по танката линија која демократијата ја дели од анархијата. Да „играат“ на работ на пристојноста и често, повеќе намерно одошто случајно, да го преминуваат. Да водат политика на работ на конфликт, на чекор од инцидент.

Нивната појава е директна последица на споменатата долгогодишна некритична и непринципиелна кадровска политика на СДСМ и ДПМНЕ. Ако функционирањето на едните и другите се темелеше врз јасно поставени принципи и критериуми, ако способните, образованите и посветените партиски активисти имаа приоритет во однос на климоглавците, безгласните и преостанатите од друштвото “јас, тате и бате“, за апасиевци и сличните на нив немаше да има место на политичката карта.

Политиката е премногу сериозна работа за да им се остави на аматери. Од тие причини, квалитативните промени кои сите политички субјекти треба да ги направат сега и одма, ќе бидат основа за некои скорешни промени на подобро. Притоа, покрај итното и безусловно вклучување во партиската хиерархија на сите оние кои имаат знаење и желба да помогнат, враќањето на традиционалните вредности и едукацијата на партиското членство мора да станат дел од секојдневното партиско милје.

Тоа е темелот врз кој се гради секоја успешна приказна, од која со тек на време ќе се профилираат и на површина ќе излезат компетентни кадри, изградени за извршување на одговорни партиски и општествени функции.

Добивката од тоа ќе биде двојна: ем зајакнувањето на партиската инфраструктура ќе резултира со зајакнување на државните институции, ем наменски појавените петпарачки и ситнопрофитерски шушумиги ќе исчезнат исто онака како и што се појавиле – преку ноќ и нечујно.

Прочитајте повеќе

банкноти пари плата пензии буџет долг Долговите

Буџетот на ПИОМ за 2025 година тежи речиси 2,3 милијарди евра (АНАЛИЗA)

Само за алиментирање на „социјалните бенефиции“ со кои се опфатени и пензиите, во 2025 година …