Лидер – колку гордо тоа звучи!

Лидер – колку гордо тоа звучи!

Пишува: Доц. д-р Јасмина Трајкоска

Демократија во интерес на граѓаните, европски вредности, сè тоа се ретки заеднички зборови за сите партиски лидери. Политичките процеси неминовно ги има во секој вид на општество, но начинот на кој тие се одвиваат и можноста за учество на засегнатите институции, граѓански организации и граѓани, определува дали тој процес е транспарентен и демократски или е карактеристика за тоталитарна демократија.

Една од првите работи за кои секој граѓанин треба да стане свесен, е дека кога се вика дека “процесот е демократски и според закон“, тоа никако не треба да значи и дека е правилен, бидејќи во сето тоа голема улога игра начинот на одлучување и содржината на одлуката. Доколку гледаме други западно-развиени политички системи, може да сретнеме примери каде што поделбата на власт е изразена како извршна, судска, законодавна и граѓаните како четврта власт (пример Швајцарија). Ако сакаме, пак, да сме професионални во согледување на четвртата власт во Западен Балкан, со тоа и во Македонија, ќе видиме дека ние имаме законодавна, извршна, судска и власт на политичките партии. Но, не толку на политичките партии, колку власт на лидерите на политичките партии, кои се главните “шефови” во креирањето на јавните политики, а со тоа и на нашите судбини.

Во земјите на Западен Балкан, главните политички процеси и политики воопшто, се креираат најчесто на неформални лидерски средби. Потоа, откако ќе ни ја соопштат одлуката, лидерите се чувствуваат демократи и транспарентни.

Во извештајот за „Неформалниот живот на политичките партии во земјите на Западен Балкан“ од 2017 година на Институтот за демократија, јасно стои дека институцијализацијата на лидерските средби во земјите на Западен Балкан, нè наведува тие средби да ги гледаме како неформални институции. Во истиот извештај се наведени четири главни заеднички карактеристики за околностите кои дозволуваат  лидерските средби да се најзначајните одлучувачки настани  во Западен Балкан.

Прво, тие се резултат од неможноста на формалните институции да го решат политичкиот проблем. Втората причина е јаката централизирана структура во политичките партии, односно фактот дека лидерските средби ја заобиколуваат транспарентноста на политичките процеси. Трето, претставниците на Европската унија најчесто функционираат како медијатори и значајни учесници во процесот на одлучување и, четврто, лидерските средби го имаат најзначајното влијание врз политичките процеси и креирањето на јавните политики, со што се појавуваат како јаки неформални институции.

Оваа пракса продолжува да се практикува и денес. Да ги разгледаме причините за околностите на овие четири главни заеднички карактеристики за земјите од Западен Балкан.

Нефункционалност на формалните институции – веќе напишав дека во Македонија има 1.302 институции и сите тие се со одредени, точно определени функционални надлежности за кои претседателите на партии не би требало да одлучуваат, бидејќи на нивно чело веќе има лица кои би требало да се одговорни и да постапуваат професионално и независно. И кога велам “независно“, првенствено мислам на независност од “шефот“. Но, регрутирањето на кадри по овие институции се’ уште се прави строго по партиска основа, што и не е најголемиот проблем. Поголем проблем е што тоа се прави по некадарна партиска основа, што пак е основна причина за последицата “јас сум директор, но не можам да одлучувам додека не ми кажат од горе”. По разговори со многу граѓани на важни одлучувачки функции, кои не одлучуваат самостојно, најчесто кажаниот коментар од нивна страна е: „Ако не ги послушаш, ќе ти најдат 1.001 мана за да те сменат до вечер”.

Почитувани “шефови“, ве молам престанете со праксата да поставувате функционери без никаков критериум! Ние обичните граѓани, желни сме да видиме способни луѓе кои ќе можат да одлучуваат, за што всушност и се поставени. Во разговор со еден професор, ми кажа дека му била понудена можноста да стане министер, но дека истата ја одбил. Кога сосема логично го прашав : „Министер за што?”, тој одговори: „Па за било што бе Јасмина, ова е Македонија!”.

Јака централизирана партиска структура – лидерот на претходната Влада јасно ни покажа што се случува кога му дозволуваме да стане и доктор, и судија, и професор, и полицаец, и инспектор, и кондуктер… Лидерот, кој е коалиционен партнер и во актуелната власт, имаше можност да учествува во таквиот начин на водење на политички процеси. Јавна тајна е дека до позиции и функции се стигнува само преку “близина и послушност” кон лидерот. Време е да се децентрализирате внатрепартиски, да дозволите делиберативен процес во партиите и да престанете да одговарате во името на секој кој сте го поставиле. Има мали видливи корекции во оваа насока, но сепак тоа е само шминка на реалноста која е малку поинаква. На годишната конференција на МАНУ исто така се потенцираше од потребата за развој на внатрепартиската демократија. Имајте слух!

Претставниците од ЕУ се доживуваат како “нешто што мораме да направиме”, притоа не обрнувајќи внимание на тоа дека подобро е за нас да се обидеме да креираме политички процеси од кои ќе се очекува да бидат ефикасни политики, а не политики во интерес на малкуте кои се блиски на лидерот.

И за тоа колку лидерските средби се клучни во донесувањето на одлуки, гледаме цело време, а сега и за претседателскиот кандидат, со тоа што се чека да видиме што ќе се договорат Зоки и Али. Разбравме за одлуката на пописот да има етничка графа, што е поразлично од тоа што го предлагаше директорот на Заводот за статистика, само затоа што лидерите одлучиле поинаку.

Господа лидери и шефови, знам дека ништо ново не Ви кажувам. Ви се обраќам, бидејќи чувствувам обврска да Ве потсетам на Вашето неформално делување, многу често надвор од институциите – дека истото нема никаков спој со либералната демократија, интересите на граѓаните и европските вредности.

Прочитајте повеќе

Дизелот поевтинува, бензините поскапуваат

Дизелот поевтинува, бензините поскапуваат

Нафтените деривати од вечерва со нови цени, одлучи Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги …