трамп зеленски путин

Лидерите на Г7 со „силни идеи“ за крај на војната во Украина, преговори можни летово

Украинскиот претседател Володимир Зеленски им се заблагодари на лидерите на Г7 по состанокот во Франција, оценувајќи дека биле разгледани „силни идеи“ за зголемување на притисокот врз Русија и завршување на војната

Украинскиот претседател Володимир Зеленски им се заблагодари на лидерите на Г7 за, како што наведе, „силните идеи како Русија да се принуди на мир“, пренесува Гардијан.

По состанокот меѓу лидерите на Г7 и Украина во Франција, Зеленски на социјалните мрежи оцени дека дискусијата била продуктивна и им се заблагодари на своите колеги за времето и поддршката.

„Приоритетите се јасни: повеќе ракети за противвоздушна одбрана, заедно со лиценци за нивно производство, пакет поддршка за зимскиот период и засилување на притисокот врз Русија. Важно е што САД се подготвени да обезбедат поддршка во сите овие области“, напиша Зеленски.

Тој нагласи дека е клучно сè што било договорено да биде спроведено во пракса.

„Русија мора да разбере дека нејзината војна никогаш нема да биде нормализирана. Им благодарам на сите што помагаат“, порача украинскиот претседател.

Во меѓувреме, германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул, посочи дека дел од разговорите за завршување на руската инвазија врз Украина би можеле да започнат пред летото.

Во изјава за медиумите RTL/NTV, Вадефул оцени дека ниту една од страните нема предност на бојното поле, при што војната е во ќорсокак.

Извор: МЕТА