Лидерите на парламентарните партии денеска на средба во Собранието

Лидерите на парламентарните партии денеска на средба во Собранието

Денеска во Собранието ќе се одржи лидерска средба која ја свика премиерот Димитар Ковачевски. Како што беше најавено од Владата, на лидерската средба претседателите на парламентарните партии ќе разговараат за одлуките кои треба да се носат со широк консензус, односно за внесувањето на Бугарите и другите народи во Преамбулата на Уставот за да продолжи европскиот пат на земјава.

„Лидерската средба ја свикав со цел заедно со сите политички партии кои се застапени во Парламентот да разговараме за европската иднина на државата и за сите одлуки коишто треба да ги носиме во еден широк, општествен и политички консензус“, изјави премиерот Ковачевски.

Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски изјави дека ќе присуствува на средбата, иако претходно посочи дека на неа треба да се разговара за реални прашања како економијата, сиромаштијата и енергетската криза, а не за уставните промени. Тој додаде дека е подготвен на средбата да ги брани ставовите на партијата.

„Народот од нас очекува да зборуваме за инфлацијата, за енергетската криза, за зголемената сиромаштија, за затворените рудници и фабрики, за нискиот стандард. Ова се темите за кои мора алармантно да се бараат решение, а не за уставни измени или една генерална тема без никакви појаснувања“, изјави Мицкоски на 5 ноември.

Од парламентрните партии кои потврдија дека ќе учествуваат на лидерската средба е Алијанса за Албанците (АА). В.д. претседателот на партијата Арбен Таравари изјави дека ќе присуствуваат во Парламентот за да разговараат за идната европска перспектива на државата, но како што рече и за „евентуалните промени кои треба да се направат во Уставот“.

„Одлука на комисијата за организирање на конгресот на АА, која се состои од градоначалниците и пратениците од АА, донесе конечна одлука дека во понеделник во 12 часот ќе бидеме во парламентот“, рече Таравари.

Алијанса за Албанците е дел од албанските парламентарни партии кои, пак, отворањето на Уставот го условуваат со барање при внесувањето на Бугарите и другите народи, да биде избришана и формулацијата „20 проценти“ за да биде заменета со албански народ, албански јазик.

Истото барање го изнесе и партијата Беса, која пак најави дека во текот на денов ќе соопшти дали ќе присуствува на лидерската средба во Собранието. Беса претходно соопшти дека за случајот со дефиницијата „20 проценти“ и дефинирањето на албански јазик ќе испрати покана до партиите од албанскиот блок за одржување на состанок со цел обединување на „албанскиот политички фактор за да се отстранат погрдните поими како што е согласно нашите заеднички определби“.

Но, од ДУИ која е дел од владејачката коалиција со СДСМ, рекоа дека сега не е момент за овие промени, односно дека оваа промена на Уставот спред нив треба да се случи во нормален политички процес.

Владејачката коалиција во Собранието која е составена од СДСМ, ДУИ, ДПА и Алтернатива имаат вкупно 64 пратеници. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ има 38 пратеници, Алијанса за Албанците 8 пратенци, Беса има 4, Левица 2. Левица исто така соопшти дека нема да присуствува на лидерската средба.

За отворањето на Уставот е потребно да гласаат 80 пратеници и е услов којшто го прифатија Бугарија и Македонија како дел од францускиот предлог за кревање на бугарското вето и одблокирање на почетокот на пристапните преговори на Македонија со Европската унија.

Бугарија пред неколку месеци го укина ветото за почеток на преговорите со ЕУ откако го прифати францускиот предлог, кој меѓу другото, предвидува бугарските услови да станат дел од обврските на Македонија кон ЕУ. Во јули годинава документот го одобри и македонскиот Парламент, кој значи внесување на Бугарите во Преамбулата, но и борба против говорот на омраза, ревизија на учебниците по историја и гаранции дека земјава нема територијални претензии.

Извор: Радио Слободна Европа

Прочитајте повеќе

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

На гласачките места во 14 казнено поправни установи своето гласачко право денеска ќе можат да …