Лидл ги „напаѓа“ Амазон, Гугл и другите технолошки гиганти

Лидл ги „напаѓа“ Амазон, Гугл и другите технолошки гиганти

Шетајќи низ новото корпоративно седиште, Бернд Вагнер ентузијастички наведува дека е користена „седум пати поголема количина челик од онаа за изградбата на Ајфеловата кула“ или „кабли што се протегаат од тука до Неапол“. Вагнер е одговорен за клауд бизнисот и продажбата во Шварц Дигитс чие седиште официјално ќе биде отворено на 21 јули 2026 година. Дизајнирана за 3.500 вработени со детска градинка, ресторан и фитнес зона, комплексот потсетува на седиштето на Амазон, Епл или  Гугл. Сместено е на рид, има пет повеќекатни, елегантно закривени, стаклени згради во форма на саќе. Во центарот на т.н. „Шварц Дигитс Кампус“ се наоѓа мало езерце, опкружено со зеленило и клупи во сенка. „Ова е стејтмент. Нема зошто да се криеме од Гугл или било кој друг“, вели Вагнер.

Од супермаркети до дигитализација

Новото седиште не е во Калифорнија, туку во Бад Фридрихсхал, мало гратче во јужна  Германија.Во близина се наоѓа Хајлброн, родниот град на веројатно најбогатиот човек во Германија, Дитер Шварц, кој сега има 86 години. Токму од таму тој ја изградил својата империја Лидл. Повеќе од 600 илјади луѓе ширум светот работат за компании под чадорот на групацијата Шварц. Корпорацијата растеше првенствено благодарение на синџирите Лидл и Кауфланд, но со оглед на тоа дека во групацијата претпочитаат сè да прават интерно, таа се шири во сите правци – од производство на храна, управување со отпад, рециклирање до најновата гранка, дигитализација. Минатата година групацијата генерираше  нешто помалку од 185 милијарди евра приходи – повеќе од САП, Мерцедес и Бајер. Единствената германска компанија што оствари поголем приход во Германија во 2025 година беше производителот на автомобили Фолксваген. Групацијата Шварц одамна е позната по тоа што е затворена, а особено малку се зборува за  нејзиниот основач, Дитер Шварц. До ден-денес, речиси и да нема фотографии од него. Наводно, тој може слободно да се движи во Хајлброн без да биде препознаен.

Групацијата Шварц игра на картата Германија како деловна локација

Групацијата сега повторно се најде на насловните страници со нова приказна која почнува со Шварц Дигитс и се фокусира на  дигитална независност и Германија како деловна локација.„Ако не седиш на масата, стануваш дел од менито“, вели Бернд Вагнер во својата климатизирана канцеларија.

Бернд Вагнер раководи со продажбата и со бизнисот со облак-услуги во Шварц Дигитс
Бернд Вагнер раководи со продажбата и со бизнисот со облак-услуги во Шварц Дигитс: „Тука сме за да останеме.

Шварц Дигитс во изминатите години првенствено служеше за ИТ на 14.500  супермаркети на групацијата ширум светот, компанијата сега ги нуди своите клауд и безбедносни решенија и на други бизниси и државни институции. Фирмата на тој начин сака Германија и Европа да се вратат во игра, наместо да бидат тотално зависни од технологијата од САД  или Кина, вели Вагнер. „Сакаме да ја вратиме способноста на Европа да дејствува“, додава тој. Компанијата моментално реди еден по друг договор, а меѓу нејзините клиенти и партнери се холандската влада, германски министерства и Германската фудбалска асоцијација. Во регионот Шпревалд, на еден час јужно од Берлин, фирмата гради  центар за складирање податоци. Инвестицијата од единаесет милијарди евра е најголемата поединечна во историјата на групацијата. Колку чинело седиштето во Бад Фридрихсхал е тајна, но јасно е дека треба да ги задржи – а можеби дури и да привлече – ИТ таленти. Пораката е: зошто да се преселите во скапата Силиконска долина кога иднината може да ја кроите и во јужна Германија?

Хајлброн станува центар на наука

Милијардерот Дитер Шварц рано сфатил дека успехот зависи од луѓето, талентот и образованието. Фондацијата Дитер Шварц е основана во 1999 година и е посветена првенствено на образование, наука, истражување и претприемништво. Во Хајлброн се гледа како се создаваат талентите на иднината на пример во образовниот кампус на Фондацијата Дитер Шварц. Голем број германски институции тука обучуваат околу 8 илјади студенти и тој број значително ќе се зголеми.

Хајлброн, Германија | Научен центар Експеримента
Експеримента во Хајлброн – трансформација во град на науката

Недалеку се наоѓа Експеримента – најголем научен центар во Германија, каде посетителите од прва рака може да ја доживеат вештачката интелигенција и технологијата. Експеримента е заштитен знак на Хајлброн и истовремено магнет за туристи. Градоначалникот на Хајлброн, Хари Мергел, беше ко-иницијатор на изградбата на Експеримента пред дваесет години, во тоа време во друга функција, а еден од главните поддржувачи во тоа време беше Фондацијата Дитер Шварц. Мергел е градоначалник од 2014 година на местото со околу 130 илјади жители. Ни тој не зборува многу за Шварц,  главниот покровител зад сцената кој сè уште живее во градот. „Секој има право на анонимност“, вели градоначалникот.

Мегапроектот на кампусот за вештачка интелигенција „ИПАИ“

Мергел сепак смее да открие дека „Групацијата Шварц и Фондацијата Дитер Шварц играат клучна улога во трансформацијата на Хајлброн во град на науката“. И таа е веќе видлива. Хајлброн, град кој локалното население своевремено шегувајќи се на своја сметка го нарекуваа „Хајлбронкс“, на некои ранглисти е град со највисока куповна моќ во Германија. Доселувањето на индиски и кинески државјани сугерира дека работни места во ИТ секторот привлекуваат луѓе во Хајлброн. Освен тоа, мега-проектот „Иновациски парк за вештачка интелигенција“ треба во следните години да придонесе и за меѓународното профилирање на градот, кој сака да игра во иста лига како Лондон или Париз. Се очекува до 5 илјади луѓе да работат и да спроведуваат истражувања на периферијата на градот. Следната година треба да бидат отворени првите згради. Фондацијата Дитер Шварц и Групацијата Шварц и тука играат клучна улога. Во однос на трошоците за проектот се воздржани со информации. Иновацискиот парк како мрежа е активен уште од 2022 година. Околу 140 компании и партнери сега работат на вештачка интелигенција во Хајлброн. Хари Мергел ќе биде градоначалник до 2030 година.

Германија, Хајлброн | ИПАИ Спејсис
„Иновациски парк за вештачка интелигенција“ треба во следните години да придонесе и за меѓународното профилирање на градот, кој сака да игра во иста лига како Лондон или Париз

Иако никој не може да предвиди колку брзо ќе се развива вештачката интелигенција, сепак јасно е дека „нема да има ниту една компанија, индустрија или административно тело способно да работи ефикасно без вештачка интелигенција“, вели Мергел. Тој го опишува паркот како „полиса за животно осигурување за регионот“, додавајќи дека „иднината се креира во Хајлброн“.

„Тука сме за да нѐ има“

Од градското собрание на Хајлброн до корпоративното седиште на Шварц Дигитс ве делат 15 минути возење. Робот готвач подготвува дури и среде ноќта шест различни јадења за ИТ талентите на иднината. „Регионот мошне скоро ќе стане најголемиот центар за вештачка интелигенција во Германија и Европа“, уверен е директорот за продажба Бернд Вагнер. Но, дали фирмата навистина може да се натпреварува со технолошките гиганти? На пример, Амазон минатата година оствари приход од 135 милијарди долари само од својот клауд бизнис. Шварц Дигитс пак, со сите негови активности постигнува вкупен приход од 2,2 милијарди евра. „Тука сме за да нѐ има“, вели Бернд Вагнер со самоувереност. Шансите произлегуваат од пазарот, вели тој и додава дека на Германија и на Европа итно им се потребни независни ИТ решенија. Апелот на Вагнер за дигитална независност по малку звучи и како ПР стратегија. Но, независно од тоа основачот на Лидл, Дитер Шварц, често покажал издржливост и докажал дека има нос за бизнис. Не е случајно тоа што Групацијата Шварц е прва во Европа, и четврта по големина во светот фирма за трговија на мало, па сосема е можно најбогатиот Германец да го добие и овој технолошки облог.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Сообраќаен хаос во Тетово: Печалбарите дојдоа, Касами вели градот нема полицајци за да работи пајак-службата

Сообраќаен хаос во Тетово: Печалбарите дојдоа, Касами вели градот нема полицајци за да работи пајак-службата

Слично како и претходните години, и оваа година со доаѓањето на печалбарите во последните два …