Четириесетина дела ја чинат тематската поставка „Ликовни предели“ од битолскиот сликар Драган Најденовски, што до 22 овој месец ќе биде изложена во галеријата на центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп. Делата работени во повеќе техники масло на платно, молив на хартија, пастели, маслени пастели комбинирани со молив на хартија се од циклусот „Ливадата на музите“.

„Најденовски евидентно во своите „предели“ создава нешто исклучително, уметнички вредно. Неговите слики на уверлив начин сами од себе зборуваат дека знаат да светат и кога сонцето се помрачува во ликовната татковина на уметникот. Секоја негова слика е светлина, иреална, но и далеку поапстракна што зрачи и осветлува скриени ликовни простори од ова поднебје. Тие се прекрасни предели во замислената иреална “Ливада на музите“, бајковито насликани со филозофско-фантастичен набој со магичен и метафоричен ликовен израз, силно и цврсто потпрени на имагинацијата на авторот. Поетизам, лиризам, естетизам, складност на бои, сè е збрано во овие слики од најновото ликовно творештво на Најденовски презентирани на изложбата“ рече писателот Панде Манојлов, промовирајќи ја поставката во Прилеп.

Најденовски како член на друштвото на ликовни уметници во Битола (ДЛУБ) и на ДЛУМ досега реализирал преку 40 самостојни и многу групни изложби во земјава и странство. Тој е добитник на повеќе награди, меѓу нив и наградата „4 Ноември“ на Општина Битола“ за остварувања во уметноста во 2017 година.

Извор:МЕТА