Лицата со церебрална парализа во Прилеп, од денеска имаат свој Дневен центар

Лицата со церебрална парализа во Прилеп, од денеска имаат свој Дневен центар

Дамнешниот сон и потреба на многу родители со деца со церебрална парализа, конечно се оствари. Нивните барања до властите низ годините,со оваа локална власт, добија своја реализација. Со заложбите на градоначалникот Илија Јованоски и силната поддршка на Министерството за труд и социјална политика и министерката Мила Царовска, изграден е современ Дневен центар во Прилеп.

Дневениот центар се наоѓа на улица „Цар Самоил“, во близина на економското училиште. Располага со вкупна внатрешна површина од 186м2 и двор од 220 метри квадратни. Објектот што некогаш беше ставен во функција на НВО-секторот, со 2 милиона денари од ресорното министерство е реконструиран и преадаптиран. Согласно со европските стандарди во него има просторија за дневен престој, кујна, трпезарија, просторија за физикална терапија, тоалети и за лицата со церебрална парализа и за вработените, и посебна сензорна соба, за третман и стимулација на сетилата и менталните способности на овие лица.

Лицата со церебрална парализа во Прилеп, од денеска имаат свој Дневен центарОпштина Прилеп обезбеди преку 4 милиони денари за опрема и возило, со кое што ќе се врши превоз на овие наши сограѓани од нивните домови до центарот и назад.
„Целта на Дневниот центар е нашите сограѓани со церебрална парализа да бидат социјализирани, стручно и адекватно згрижени.На овој начин постигнуваме нивна поголема социјална инклузија. Во центарот ќе бидат згрижени 50-ина, по половина во смена. Оваа установа ќе функционира како дел од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа. Посебна симбиоза во грижата за лицата ќе се постигне, зашто меѓу вработените ќе бидат и членови на семејствата на лицата со хендикеп. Овој предлог на родителите им го ветив уште при првата средба пред една година и со нивна поддршка и морална и финансиска поддршка од Министерството и министерката Царовска, проектот го реализиравме“, рече градоначалникот Илија Јованоски, заблагодарувајќи се на сите, кои што се вклучени во реализација на овој проект за поголема социјална инклузија на овие наши сограѓани.

Лицата со церебрална парализа во Прилеп, од денеска имаат свој Дневен центарМинистерката Царовска, истакна дека всушност заложба и на ресорното Министерство е спроведување на втората компонента од социјалната заштита,што значи социјални услуги,за сите граѓани кои што имаат потреба.
„Драго ми е што градоначалникот направи проект  и го достави, веднаш по повикот што како Министерство го доставивме до сите општини. Веднаш обезбедивме финансиски средства. Тоа се нешто повеќе од 2 милиона денари, за да можеме денеска да го отвориме овој центар и да кажеме дека е еден од посовремените во државата. Во овој тип центри треба да доаѓаат сите други граѓани, зашто многу е важно и лицата да ги внесеме во општеството, но и општеството да влезе кај овие лица. Само така може да имаме подемократски развиено општество“, рече меѓу другото министерката Царовска.

Лицата со церебрална парализа во Прилеп, од денеска имаат свој Дневен центарЕлена Кочоска,претставник на „Полио плус“, движењето против хендикеп од Скопје, порача,овие сервиси да водат кон понезависен и подостоинствен живот на сите граѓани.
„Не правете ги сервисите за нас, направете ги за вас,само така може да има достоинствен живот“, порача Кочоска.

Директорот на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, Живко Силјаноски, ја најави целосната заложба на вработените, за што подобро згрижување на лицата со церебрална парализа во овој центар, што ќе биде во ингеренции на МЦСР.
Лицата со церебрална парализа во Прилеп, од денеска имаат свој Дневен центар„Факт е дека негата, едукацијата и социјализацијата ќе ни бидат приоритет. Факт е дека сето тоа ќе го направиме со мултисекторски тим од 10 колеги, коишто ќе се стекнат и со нови знаења, зашто секој од нас ќе биде доволно обучен и со сертификат, за да може да одговори на овие услуги. Овој е простор на Општината, вложија многу, а ние ќе бидеме со обврска да ги сервисираме граѓаните, и да ги покриваме трошоците коишто ќе ги задоволуваат потребите на овие наши сограѓани“, истакна директорот Силјаноски.

Вредно е да се истакне,дека Дневниот центар за лица со церебрална парализа е изборно ветување на градоначалникот Илија Јованоски. Центарот е изграден неполна година по неговото доаѓање на функција, од локалните избори, кои што финишираа во октомври минатата година.

Прочитајте повеќе

уставен суд

Балансерот укинат, доаѓа нов Закон за правична застапеност

Претседателот на Уставен Дарко Костадиновски кажа дека балансерот како алатка е исцрпена и оти ги …