Пишува: Сотир Габелоски, Крушево
Опозицијата, на локално ниво, се однесува идентично како централното раководство на ВМРО ДПМНЕ – деструктивно, неосновано и без чувството за клучните прашања во земјава.
Во Крушево, таа е се’ уште изгубена и неконсолидирана. Нивниот активизам се сведува на навреди, ширење омраза, клеветење и што е најважно, исто како и Христијан Мицкоски, не покажуваат сенс за клучните моменти во кои се наоѓа општина Крушево. Дополнително, тука е и упорното неприфаќање на злото што апашите од ДПМНЕ го правеа во Крушево 8 и пол години. За локалната опозиција непоимливо е да признаат барем дел од деструкцијата на нивната партија и барем декларативно да се извинат за претходно направените зулуми.
Сепак, ваквиот начин на делување можеби е насока од централното раководство на партијата, кое одбива да се вклучи со свој придонес во овие историски моменти за Македонија. Доколку е така, тогаш ДПМНЕ на централно и на локално ниво продолжува да се однесува како и многу пати во нашата кратка историја – незрело, неодговорно, опортунистички.
Во Крушево, на партијата и’ недостига “чистење“ и ослободување на стегите произведени од лични интереси на неколку ликови. Истите тие, и покрај неуспесите и непопуларноста, продолжуваат да ја злоупотребуваат партијата и да ја туркаат уште подлабоко во опозиција. Она што зачудува, е дека голем дел од тоа партиско тело не е свесно за внатрешно уништувачките процеси кои се водат во нивната партијата.
Но, прашањето е друго: зошто во овие моменти го начнуваме прашањето на опозицијата и зошто ни е толку важно во еден ваков контекст, кога Македонија ја очекуваат убави работи на полето на ЕУ и НАТО интеграциите, да се занимаваме со делувањето на оваа партија?
Гледано во локални рамки, има две причини за тоа. Прво, на секое општество му е потребна силна опозиција која ќе претставува вистински коректив на власта, а исто така, ќе ги препознава чувствителните мерки за општината за кои ќе ја надмине суетата и ќе ја поддржи локалната власт.
Второ, страшно е што кај локалната опозицијата се’ уште владеат оние сили кои насилнички се однесуваа кон поранешната опозиција и активисти на локално ниво. Разочарувачки е што млади луѓе дозволуваат да бидат водени од опортунисти и насилници, земајќи им го со тоа целиот младешки полет.
За општина Крушево ова се клучни моменти. Во изминатите, отприлика, 8 месеци, локалната самоуправа покажа спремност и заложба да ги промени нештата во градот, но деструктивните сили не можат да бидат дел од тоа, заради што треба час поскоро да се отстранат од било каква позиција на застапување, макар и мала група луѓе. Опозицијата мора да покаже свесност за клучните процеси на локално и на централно ниво!