ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ – “МОМЕНТ НА ВИСТИНАТА“ ЗА ИДНИНАТА НА ДРЖАВАТА

ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ – “МОМЕНТ НА ВИСТИНАТА“ ЗА ИДНИНАТА НА ДРЖАВАТА

Колумната не се препорачува за деца под 77 години
Неопходен е надзор на родител или старател

Дури и на најгласните критичари на новата Влада им е јасно оти првите чекори на Заев и владиниот кабинет ги надминаа очекувањата на оптимистите но и на (со право) воздржаната јавност која после искуството со еднодецениското владеење на “надежниот и технократски ориентиран“ екс-премиер, дува и на маштеницата.

Тевдовски, Таравари, Десковска-Треневска, Спасовски, Димитров и останатиот владин тим се вистинско освежување во застоената политичка баруштина. За само десетина дена избраниците на Заев покажаа оти можело и поинаку да се владее. Истовремено ја вратија и вербата кај разочараните граѓани дека и на ова парче земја може да има достоен живот. И тоа подеднакво за сите. Да не е за подрек, ама и покрај тешкото “наследство“ кое во форма на опљачкана држава, пренатрупана и партизирана администрација и девалвиран меѓународен углед го добија од претходната власт, се чини дека најдоброто од нив допрва следува.

За да се случи тоа, за да му се даде ветар во грб на владиниот кабинет, неопходно е да дојде до зацврстување на политичкиот легитимитет на партиите кои го формираа новото парламентарно мнозинство. Не дека за ДУИ и останатите владини партиципиенти тоа не важи, но сепак најголемата одговорност лежи кај столбот околу кој се концентрирани останатите политички субјекти, СДСМ.

Претстојните локални избори  ќе бидат “момент на вистината“ за иднината на државата. Доколку владејачката коалиција победи во мнозинството од 84 општини и Градот Скопје и притоа ги освои урбаните центри, нема дилема дека тоа ќе ги зајакне позициите на своевремено наречената „Ганс & роузис“ коалиција. Со огромна веројатност може да се тврди дека после таквата претпоставена ситуација, парламентарното мнозинство ќе биде и бројчано зајакното со трансфери на пратеници од поразената кон победничката страна. Не треба да се биде политички аналитичар, уште помалку пак да се користат услугите на бајачката на Грујо, за да се погодат имињата на “ѕвездите на преодниот рок“…

Во тој случај, уште една работа ќе биде повеќе од сигурна: дефинитивното заминување на чедото на мајка Нада од челната позиција на ДПМНЕ! Се разбира, доколку изборите ги дочека од таа позиција и, воопшто, од слобода.

Постојат две работи кои ќе имаат директна импликација врз исходот од октомвриските избори.

Првата е разобличувањето на криминалното владеење на доскорешните и актуелните функционери на ДПМНЕ. Поранешни бројни министри во неколкуте влади, двајца премиери, градоначалници, директори на државни и локални јавни претпријатија, на образовни и здравствени институции, бизнисмени и новинари блиски до злосторничкото здружување, … Разобличувањето подразбира и конкретни обвиненија произлезени од Јавното обвинителство и СЈО, како и ефективни и строги судски пресуди.

Втората работа, речиси подеднакво важна како и првата – внатрепартиските избори во СДСМ. Нивното одржување во втората половина од тековниот месец и тоа по скратени постапки и рокови кои подразбираат нивно завршување во првата половина од јули, е процес од приоритетно значење за социјалдемократите.

Јавна тајна е дека најголемиот дел од претседателите и раководствата на Општинските организации не се потребното ниво кое ќе гарантира успех на локалните избори. Впрочем, сите тие имаа четиригодишен мандат за да покажат дека имаат капацитет да се справат со политичкиот противник и да го олеснат процесот на рушење на режимот кој нивниот претседател го започна пред 30 месеци. Меѓутоа не само што тоа не се случи, туку добар дел од нив мандатот го поминаа во “самоизолација“, чекајќи Заев да го одработи и нивниот дел. И уште повеќе, “обичните“ партиски членови ги знаат имињата на тие кои свесно ги премолчија аферите на локалните функционери на ДПМНЕ, знаат кој кокетирал и соработувал со нив а кој во име на партијата собирал “арач“ од ситните и средните бизнисмени, па дури и ќарел од сопствената партија.

Заради сето наведеното кое е мал дел од “арсеналот“ на партиските зихераши и профитери кои знаат добро да се нафатираат и за време на опозициските години, на партијата ѝ треба сериозно прочистување. И тоа токму сега, на стотина денови пред локалните избори, период кој е и повеќе од доволен за ставање во петта брзина на ремонтираната машина. Партијата има доволен кадровски и организациски потенцијал кој ќе ѝ овозможи од внатрепартиските избори да излезе многу посилна отколку сега. Политичарите на се делат на мажи и жени, стари и млади, искусни и почетници, туку единствено на добри и лоши.

Заев не ризикуваше сѐ што има, политичката кариера, семејниот бизнис, сопствениот живот и безбедноста на своите најмили, за да манипулатори, лажни социјалдемократи и бројни медиокритети го уништат тешко спечалениот и со крв платен живот во Македонија.

Затоа – прво избори, па на избори!

 

Автор:

Чеге Вара                                 Прилеп, ебаго!…….(153)

Прочитајте повеќе

НЕ ГЛЕДАЈ ШТО ПРАВАМ, СЛУШАЈ МЕ ШТО ЗБОРУВАМ

НЕ ГЛЕДАЈ ШТО ПРАВАМ, СЛУШАЈ МЕ ШТО ЗБОРУВАМ

Колумната не се препорачува за деца под 77 години Неопходен е надзор на родител или …