избори

Локалните избори во детали: Советите се бираат во еден круг, за градоначалник можно е да има и втор круг

На Локалните избори 2021 право на глас ќе имаат 1.824.864 гласачи впишани во Избирачкиот список. На седмите по ред избори за градоначалници и општински совети за 80 општини и Град Скопје, граѓаните утре ќе избираат нови градоначалници и општински совети од пријавените 299 кандидати за градоначалници и 10.532 кандидати за членови во општинските совети, покажуваат податоците на ДИК.

За да може да се изврши успешен избор на градоначалник, неопходно е на избирачките места да излезат една третина од вкупниот број гласачи кои се запишани во Избирачкиот список во конкретната општина. Доколку не се обезбеди ваквиот праг, треба да се повтори целата изборна постапка во сооветната општина.

За локалните избори е значајно да се спомене дека изборот на советници во општинските совети се врши само во првиот изборен круг на 17 октомври, при што распределбата на советници се врши според бројот на освоени гласови по Донтовата формула.

За разлика од изборот на членовите во општинските совети, кај градоначалниците е неопходно во првиот круг еден од кандидатите да освои мнозинство гласови во конкретната општина, а доколку не се постигне ваквиот услов, двајцата кандидати за градоначалници кои освоиле најмногу гласови во првиот круг, ќе се натпреваруваат во втор круг којшто ќе се одржи на 31 октомври.

За граѓаните кои живеат во една од 10-те скопски општини, важно е да се напомене дека ќе гласаат на четири одделни избирачки ливчиња, и тоа: за кандидати за градоначалник на Град Скопје и за нивната конкретна општина, како и за кандидатите за членови на Советот на град Скопје, и дополнително, за членови на општинскиот совет во нивната општина.

За првпат на изборите во земјава, утре на избирачките места ќе се гласа со биометриска проверка на секој одделен гласач. Пред да може секој граѓанин впишан во Избирачкиот список да гласа, неопходно ќе биде преку уредот за биометриска идентификација да се провери неговиот отисок на прст, којшто ќе треба да се совпаѓа со отисокот кој го има во базата која е внесена во уредот за идентификација.

Претседателот на ДИК, Александар Даштевски на денешната прес-конференција изјави дека за објавувањето на изборните резултати од ДИК можно е овој пат да треба повеќе време, бидејќи ќе се споредуваат резултатите од ливчињата со дадените отпечатоци од прсти на гласачите.

„Можеби ќе биде малку поспоро од порано, меѓутоа ќе биде доволно брзо за да граѓаните на време бидат информирани, подобро да информираме точно кои се резултатите отколку да брзаме“, рече претседателот на ДИК, Александар Даштевски.

Иѕвор:МЕТА

Прочитајте повеќе

полиција

Двајца приведени за убиството на лекарот во Железара

Две лица се приведени во врска со убиството на лекарот во скопската населба Железара, изјави …