На денешната конфереција за печат, организаторите на второто издание на фестивалот „Крај Вардарот џез“, Мирко Попов и Владан Дробицки најавија дека тој ќе биде отворен на 5 септември (недела), во 20 часот, во паркот позади Младинскиот културен центар, со настап во живо на „Љубојна“ и „Кантон 6“.

На првата фестивалска вечер, Љубојна, кои прославуваат 20 години постоење и работа на сцената, концертно ќе го промовираат најновиот материјал од винилот „Стела“, кој е филмски саундтрак за истоимениот филм во режија на Стојан Вујичиќ, а во продукција на „Дрим фактори“. Албумот го издава дискографската куќа „ПМГ џез“. Наедно ќе се осврнат и на некои од највозбудливите мигови од нивната долга и успешна музичка кариера.

Неверојатно е искуството да се слушне супстанцата и битот во гласот на Вера Милошевска-Јосифовска во контекст на џез фестивал, но и раскошот во музичката изведба на овој култен бенд. Вечерта ќе ја отворат и надополнат скопските „Кантон 6“, кои ќе дебитираат со материјалот од нивниот трипли албум „Џезус“.

Неодамна вратени од турнеја низ регионот, „Кантон 6“ ќе го претстават својот оригинален бленд на електроника, модерен џез и лажна митологија. Се чини дека овие три, досега неспоени нешта, функционираат совршено во производот на овој иновативен џез состав. Легендарниот македонски џез музичар и тромбонист Владан Дробицки; водечкиот театарски бокс-офис режисер, Синиша Евтимов и Мирко Попов, го чинат овој состав.

„Голем успех и задоволство е кога најавуваш нов албум. „Стела“ е винил издание кое од овие 20 години работа, ги открива новите музички визии на Љубојна. Специјално значење има затоа што е оригинална музика од играниот филм „Стела“ во режија на Стојан Вујичиќ, и можеби прво издание на филмска музика на винил. Музичкото ткиво е интересен фјужн на изрази и идеи. Големо благодарам за соработката и вложениот труд на издавачката куќа „ПМГ џез“ и продукциската куќа „Дрим Фактори“ за заедничката љубов која направи овој винил да е во наши раце и чија што музика во живо ќе зазвучи во недела на фестивалот Крај Вардарот џез, еден од моите омилени фестивали“, вели Милошевска-Јосифовска.

На средбата со новинарите, Попов, рече дека фестивалот сериозно и продлабочено работи на откривање и промоција на домашната џез и современа сцена.

Билетите за отворањето се во строго ограничен број и можат да се купат на билетарата во МКЦ Скопје и онлајн на www.bileti.mkc.mk. Винил и ЦД изданијата од „ПМГ Џез“ ќе можат да се набават самата вечер на фестивалот по промотивни цени.

Предходно на 3 септември, во 21 часот во кафе бар „Котур“, ќе има слушачка промоција на најновиот албум „Стела“ на извонредните етно и џез кросовери „Љубојна“. Ова е прв македонски филмски саундтрак издаден на винил. На слушачката промоција, плочата ќе биде достапна по промотивна цена.

На 10 септември, во 21 часот во рамки на фестивалот „Крај Вардарот Џез“ во кафе книжара Буква, закажана е слушачка промоција на винилното издание „Крај Вардарот Џез 1“, компилација од повеќе автори, кои издаваат за ПМГ Џез. Плочата „Крај Вардарот Џез 1“ произлезе од работата на лејблот со артистите од овој нов џез бран. На неа се поместени 8 композиции од: „Светлост“, „Кантон6“, „Сетстат“, „Филип Букршлиев“, „Јордан Костов Квинтет“, „Кобалт Код Јунит“, СД4 и хитот „Бела“ од Сетстат и Мирко Попов.

На 6 октомври, во 20 часот, во кино Фросина, МКЦ ќе биде заокружено второто издание на фестивалот со концерт на „Такси Конзилиум“ и „Дино Имери“.

Извор:МЕТА