Пишува: Зоран Милошески
„…Зборот „Боеми“, означува еден тип луѓе, обично писатели, уметници, новинари… кои живеат на посебен начин, по некои свои недефинирани правила несообразни со прифатените општествени конвенции. Иако сè се гледа, тешко е да се влезе во темниот вилает на една уметничка душа и да се запише неговата боемска биографија. А тешко е, зашто таму сите центри се заменети и никогаш не можеш да дознаеш кога реалноста е само привидение, а јавето само компилација на сонот…“.
Петре М.Андреевски „Скопската боемија“
Групата „Боеми“ е формирана во октомври, 1989 година, на што му претходеше повеќегодишно другарување и музицирање во младинскиот оркестар при КУД „Стив Наумов“ – Битола.
Тоа е, верувам, единствената група во нашата држава која во целост го заслужила и оправдала своето име за кое, патем речено, главниот „виновник“ е нункото Димо.
Во изминатите 30 години „Боемите“ имаат снимено отприлика исто толку авторски песни, а препеале и десетина народни песни и песни од други изведувачи.
Кога се во прашање фестивалите, покрај Валандовскиот на кој секогаш посебно му се радуваа и на чии ноќи и зори поминати во „Фук-Так“, заедно со нив, со носталгија се сеќаваме, останаа запаметени нивните песни и настапи на „Цветници“, „Интерфест“, „Охридски трубадури“, „Серенада“, „Тетовски филиграни“, „Низа фест“.
Што се однесува до наградите и признанијата, „Боеми“ беа три пати прогласени за „Група на годината“ во избор на ревијата „Екран“, беа и „ТВ лице на годината“ според критериумите на весникот „Вечер“, а добитници се и на бројни награди доделени од страна на локалните медиуми, како „Битолски весник“ и ТВ „Орбис“.
Без трунка пристрасност, „Боемите“ се најдобрите забавувачи во државата. Докажано и потврдено. Се „закачивте“ ли еднаш на нив, на нивната музика и професионалност, на енергијата и љубовта со која зрачат на секој нивни настап, на хуморот кој го поседуваат, на доследноста да се дистанцираат од шундот по било која цена, на нивниот шарм и вродената дарба да бидат забавувачи, поединечно или уште повеќе како тим, на широкоградоста и бескрајното човекољубие… тогаш, ви нема спас!
Јас ја имав среќата да им се најдам на патот (…или тие мене???) во далечната 1993. И оттогаш станавме и останавме другари за цел живот. Семејство. Луѓе со иста крвна група, кои на исто се радуваат, на исто и тагуваат. Покрај спомените кои живот значат, од нив ми остана и моето второ, некрстено име „Рампе“, како најавтентичното прилепско име кое можеа да ми го смислат во една постфестивалска валандовска боемска вечер.
Конечно, што би рекла мојата драга пријателка, онаа која што јас имам табиет да ја нарекувам „некогашното остро и прво новинарско перо“ на ревијата „Екран“ и, генерално, на македонската народна и новосоздадена песна, Виолета Хаџи-Скерлева, средбата со „Боеми“ беше љубов на прво слушање!
Старото, Пауно, Столе, Панскио, Стево, Мендерес, Стефче, Никола, уште еден Никола и Дарко… „формација“ која функционира на взаемно почитување.
Драги пријатели, да ви се множат годините!
ПС: Материјалот кој што следи е снимен во еден убав ноемвриски ден, 2019 лето, во ресторанот „Грне“ во Битола. Со една камера и еден микрофон. Оти, идејата не беше да се прикаже нивниот неспорен музички квалитет, туку да се овековечи реткиот јубилеј достоен за почит!