Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, при своето гостување во емисијата „Само Вистина“ на телевизија Канал 5, упати остри критики кон власта поради нивното одбивање да го поддржат предлог-законот на опозицијата. Со овој закон се предвидуваше строга забрана за поседување двојни државјанства за премиерот, вицепремиерите, министрите и за сите останати членови на Владата.
Заткулисни игри и двојни аршини
Според Лукаревска, владејачкото мнозинство свесно избегнува да даде јасен одговор зошто овој закон не ја добил нивната поддршка во законодавниот дом. Таа отворено обвини дека зад ваквиот потег се кријат заткулисни игри, нагласувајќи дека власта не го прифатила предлогот на СДСМ од една едноставна причина – затоа што „пола влада им е со бугарски пасоши“.
„Да објаснат зошто веднаш го тргнаа законот, односно не го гласаа законот со којшто членовите на Владата не треба да имаат двојни државјанства, односно треба да имаат македонско државјанство“, потенцираше Лукаревска во текот на телевизиската дебата.
Пратеничката потсети и на очигледните двојни аршини, посочувајќи дека токму ВМРО претходно поднесувало закон со кој се барало пратениците да немаат двојни државјанства, но кога истото правило требало да се примени за извршната власт, односно за членовите на Владата, иницијативата била повлечена.
Лицемерие со македонскиот идентитет
Лукаревска ги разоткри тезите на власта за наводен патриотизам, укажувајќи на контрадикторноста во нивните постапки.
„Зборувате за заштита на идентитетот, македонскиот идентитет дека е загрозен и така натаму, а ваму не гласате за шанса да дадеме на сите оние коишто мислат добро на државата, да немаат и бугарско државјанство, таков закон да се донесе“, изјави таа, додавајќи дека не слушнале ниту еден издржан аргумент за отфрлањето на законот, освен фактот дека сакаат да ги заштитат своите министри со двојни државјанства.
На крајот од дебатата, Лукаревска се осврна и на актуелната блокада на евроинтеграциите, критикувајќи ја власта за сериозното доцнење со реформските закони и неисполнувањето на реформската агенда неопходна за напредок на државата.
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место