Лукашенко

Лукашенко го менува уставот на Белорусија, се укинува ненуклеарниот статус на земјата

Режимот на Александар Лукашенко соопшти дека е спроведено гласање за зголемување на неговата моќ и ослободување на Белорусија од ненуклеарниот статус, кој опозицијата и Западот го прогласија за нелегитимен и наместен.

Изборната комисија во Минск соопшти дека 65 отсто од гласачите гласале на 27 февруари за измени на уставот, додека 10 отсто гласале против, јави државната новинска агенција „БелТА“.

При гласањето, големи протести се одржаа во Минск и на други места во Белорусија, поради улогата на земјата во руската инвазија на соседна Украина.

Речиси 800 луѓе беа приведени од полицијата, соопшти Министерството за внатрешни работи на земјата. Активистите за човекови права во Белорусија на 27-ми февруари соопштија дека најмалку 530 лица се уапсени.

Уставните измени му дозволуваат на Лукашенко, кој владее со земјата од 1994 година, да го обезбеди претседателскиот мандат и да му гарантираат доживотен имунитет од кривично гонење во случај на негово повлекување од политиката.

Исто така, дозволува руските војници и нуклеарно оружје да бидат трајно стационирани во Белорусија во иднина.

Белоруската опозициска лидерка Светлана Тихановскаја на 27 февруари во Литванија предводеше стотици Белоруси на протести против режимот во Минск, бидејќи му дозволи на Путин да ја користи територијата на земјата за да ја нападне Украина.

Со извици „Да живее Белорусија“ и „Слава на Украина“, демонстрантите порачаа дека сакаат светот да разбере како обичните Белоруси се противат на нападот врз Украина.

„Нашите браќа од Украина нема да ни простат за нашиот молк“, рече Тихановскаја која живее во егзил во Литванија.

Изразувајќи срам поради постапките на белорускиот претседател Александар Лукашенко, 39-годишниот транспортен работник Сергеј Бигел за АФП изјави: „Ова е срам за целиот свет. Тоа е како да му забиеш нож во грб на пријател“.

Лукашенко прв пат ги најави можните уставни промени по претседателските избори во август 2020 година, кога предизвика демонстрации кои наидоа на брутален одговор од режимот.

Лукашенко го освои шестиот мандат на изборите и ги затвори водечките опозицинери, што предизвика санкции од Западот кој одби да го признае Лукашенко како легитимен лидер.

Ова е трет пат како Лукашенко го менува уставот на Белорусија. Во 1996 година тој значително ги прошири овластувањата на самиот претседател и ги намали овластувањата на парламентот, а во 2004 година ги укина ограничувањата на бројот на претседателски мандати.

Извор: Радио Слободна Европа

Прочитајте повеќе

Страв и фрустрација во Иран по нападот врз Израел

Страв и фрустрација во Иран по нападот врз Израел

Светските лидери го осудија големиот ирански напад врз Израел, а многу Иранци се загрижени дека …