Маѓар против Москва: Новиот цврст став кон Русија

Маѓар против Москва: Новиот цврст став кон Русија

За време на владеењето на Виктор Орбан, ниту една друга земја од ЕУ не беше толку проруски настроена како Унгарија. Поради неговата услужност кон рускиот диктатор, сменетиот автократ понекогаш беше нарекуван „пудлицата на Путин“ или „агент на Кремљ“. Со години Унгарија важеше за безбедносен ризик во ЕУ и НАТО, а руските шпиони долго време можеа речиси непречено да дејствуваат во земјата. Како што се покажа во пролетта 2026 година, дури и поранешниот министер за надворешни работи Петер Сијарто лично му пренесувал доверливи информации од состаноци на ЕУ на својот руски колега Сергеј Лавров.

Со доаѓањето на новата влада предводена од Петер Маѓар на почетокот на мај 2026 година, на сето тоа му беше ставен крај. За разлика од Орбан, новиот унгарски премиер повеќепати остро ја осуди руската агресија врз Украина. Неодамна унгарската влада дури ја прогласи Русија за закана за националната безбедност.

Сега следуваше и досега најострата мерка на новата влада против руската политика: оваа недела унгарското Министерство за надворешни работи протера десет руски дипломати, кои наводно го прекршиле Виенскиот договор за дипломатски односи. Тоа преку Фејсбук го соопшти министерката за надворешни работи Анита Орбан (која не е во роднинска врска со поранешниот премиер).

Бад Штафелштајн, Германија 2026 | Анита Орбан на летниот собир на пратеничката група на ЦСУ
Новата министерка за надворешни работи на Унгарија, Анита Орбан, зборува за време на посетата на летниот собир на пратеничката група на германската ЦСУ, 28 јули 2026 годинаФотографија: Daniel Vogl/dpa/picture alliance

Орбан не наведе повеќе детали, но ваквата дипломатска формулација вообичаено значи дека станува збор за шпиони. Таа додаде дека одлуката е донесена за да се заштитат безбедноста и суверенитетот на Унгарија. Сепак, тоа не значи прекин на дипломатските односи. Унгарија, според неа, сака да го задржи „неопходниот дијалог, меѓусебната почит и почитувањето на правилата“.

Враќање во сојузите

Колку што беше кратка изјавата на унгарската министерка, толку побројни беа реакциите и коментарите за оваа мерка. Не е ни чудно, бидејќи новата влада практично спроведува пресвртница од 180 степени во односите со Русија. Воедно, ова е една од најострите дипломатски санкции кон Москва од падот на комунизмот во 1989/90 година.

Експертот за разузнавање Петер Тарјани во интервју за порталот „Индекс“ изјави дека „не станува збор за дипломатски конфликт, туку за сериозна разузнавачка афера“. Според него, со оваа мерка Унгарија се враќа во „главниот тек на безбедносната политика“ на своите сојузници.

Политикологот и водечки унгарски експерт за Русија, Андраш Рац, кој е заменик-директор на Унгарскиот институт за надворешна политика (МКИ), за државната агенција МТИ изјави дека Унгарија е единствената земја-членка на ЕУ и НАТО каде вакво протерување не било извршено во изминатите години. Според него, таков чекор требало да биде преземен уште пред четири и пол години.

„Сега Унгарија го отплаќа својот стар долг кон сојузниците“, рече Рац.

Апсурдна блискост со Русија

Под власта на Виктор Орбан, Унгарија беше единствената земја во ЕУ што никогаш безрезервно не ја осуди руската војна против Украина. Во последните две години од неговото владеење, Орбан дури ги обвинуваше Украина и Западот за агресијата.

Унгарија, Будимпешта 2025 | Плакат на унгарската влада против поддршката од ЕУ за Украина
Со овој плакат, меѓу другото, владата на Орбан водеше кампања против поддршката на ЕУ за УкраинаФотографија: Attila Kisbenedek/AFP/Getty Images

Но неговата проруски ориентирана политика започна многу порано, веднаш по враќањето на власт во 2010 година. Тој ја оправдуваше со зависноста на Унгарија од руските енергетски испораки. Сепак, одамна е побиено тврдењето дека рускиот гас е поевтин. И проширувањето на нуклеарната централа Пакш со руска помош ја чини Унгарија скапо на долг рок. Затоа голем дел од наклонетоста на Орбан кон Русија останува неразјаснета.

Оваа блискост често доведуваше до апсурдни ситуации што ја загрозуваа националната безбедност, додека Орбан истовремено тврдеше дека токму неговите критичари го нарушуваат унгарскиот суверенитет.

До 2016 година руски разузнавачи со години непречено учествувале во паравоени вежби во кругови на унгарската крајна десница. Од 2012 година руските служби со години краделе чувствителни податоци од унгарското Министерство за надворешни работи и други институции без владата јавно да реагира.

Во 2019 година Русија доби дозвола да го премести седиштето на Меѓународната инвестициска банка (ИИБ), позната и како „шпионска банка“, во Будимпешта. Дури по американските санкции, банката беше повлечена во 2023 година.

Истражувачкиот новинар Саболч Пањи во повеќе наврати предупредуваше дека Унгарија станала „логистички центар и база за распоредување на руските разузнавачки служби“, со што го доведувала во опасност целиот регион.

Растечко незадоволство кај Унгарците

Строго прорускиот курс на Орбан на крајот предизвикуваше сè поголемо незадоволство кај многу Унгарци. Јасната проевропска и прозападна ориентација на Петер Маѓар значително придонесе за изборната победа на неговата партија Тиса (Почит и слобода).

За време на изборната кампања во пролетта 2026 година, на митинзите често се гледаа европски знамиња, а спонтано се слушаше и паролата: „Руси, одете си дома!“

За разлика од Орбан, Маѓар и водечките политичари од неговата партија се убедени дека местото на Унгарија е исклучиво во Европа и дека со Русија треба да се одржуваат само прагматични односи на пониско ниво. Многу набљудувачи и експерти сепак се изненадени од радикалноста на новата политика.

Поранешниот заменик-шеф на унгарската контраразузнавачка служба Андраш Телкеш во весникот „Непсава“ напиша дека протерувањето на дипломатите покажува дека руското разузнавачко присуство во Унгарија е „многу длабоко“ и дека земјата има сериозен проблем.

Според Телкеш, протерувањето на десет дипломати ќе помогне да се обнови довербата на разузнавачките служби на НАТО во врска со Унгарија. Тој додава:

„Да беа протерани две или три лица, тоа ќе беше сигнал. Протерувањето на десет лица веќе значи војна.“

Ќе запре ли Москва со испораките на гас?

Руското Министерство за надворешни работи невообичаено остро реагираше на протерувањето на руските дипломати. Портпаролката зборуваше за „русофобно лоби во Будимпешта“ и најави „остар и болен“ одговор.

Рускиот пратеник Андреј Колесник, член на Комитетот за одбрана на Државната дума, изјави дека треба да се разгледа и можноста за прекин на испораките на гас кон Унгарија.

Унгарската министерка за надворешни работи Анита Орбан е меѓу најупатените во новата влада во врска со ваквите руски притисоци. Таа докторирала во 2007 година на тема руската енергетска политика во Централна Европа, а во 2008 година ја објавила книгата „Моќ, енергија и новиот руски империјализам“.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Парламентот на Косово ја избра Јустина Широка Пула за претседател

Парламентот на Косово ја избра Јустина Широка Пула за претседател

Парламентот на Косово ја избра економистката Јустина Широка Пула за претседател на земјата – функција …