Мајка на дете со посебни образовни потреби: Секој 1 септември ми е кошмар

Мајка на дете со посебни образовни потреби: Секој 1 септември ми е кошмар

Секој 1 септември ми е кошмар, вели Сузана Стојановска, самохрана мајка на дете со посебни образовни потреби која се обидува да обезбеди образовен асистент за нејзиниот син. Но, бидејќи во моментов обазовни асистенти законски се обезбедени само за учениците во основно образование, а нејзиниот син е веќе трета година во средно образование, тоа практично не е можно. Додека не се донесе законот, како што велат од МОН, образовни асистенти за учениците во средно образование се обезбедуваат преку програмата за општинско корисна работа, која ја спроведуваат општините, Град Скопје, МОН и МТСП со поддршка на УНДП.

Мајката се обратила со писмо до Министерството за образование и наука, во кое посочува дека од почетокот на образовниот процес на нејзиниот син, цели 11 години ја поминува истата голгота. Како што вели за Мета.мк, покрај до МОН, писмото го испратила и до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, до Владата, и до Хелсиншкиот комитет.

Како што вели таа, нејзиниот тргнува во трета година во Државното училиште за физичка култура „Методи Митевски Брицо“ во Скопје, кое е во групата училишта за кои државата има посебен интерес и, според Стојановска, не е во надлежност на Град Скопје, туку на МОН.

„Повеќе пати се обратив во надлежниот сектор при МОН образложувајќи го проблемот и образложувајќи дека не е надлежен град Скопје туку конкретното министерство (за да не ме препраќаат од една во друга институција), но без успех. Одговорот е дека Законот за средно образование сѐ уште не е донесен“, вели Стојановска во писмото.

Таа стравува дека може да помине уште долг временски период додека да се донесе Законот за средно образование и прашува дали тоа да значи дека децата со посебни образовни потреби „треба да седат дома, да не следат редовна настава и да го прекинат образованието?“

Мајката на ученикот во трета година потенцира оти согласно член 26 од Конвенцијата за правата на лицата со хендикеп на ООН и согласно член 118 од уставот на РСМ, државата е должна е да му обезбеди на ученикот непречен образовен процес согласно неговите потреби.

Новинарите на Новинската агенција Мета се обратија до Министерството за образование и наука од каде велат дека со донесувањето на новиот Закон за средно образование, оваа услуга ќе се воведе и во средните училишта.

„Со изработката на новиот Закон за средно образование кој е во процедура, услугата ќе се воведе и во средните училишта, а во меѓувреме за оваа цел образовни асистенти за средношколци во општински средни училишта се ангажираат преку програма за општинско корисна работа, склучена помеѓу општините, Град Скопје, МОН, МТСП и УНДП како финансиер и за истото, лицето кое го посочувате веќе е известено“, се наведува во одговорот што Мета.мк го доби од министерството.

Согласно нивните податоци во минатата година биле ангажирани 500 образовни асистенти, а за претстојната учебна година се предвидува ангажирање на 720 асистенти.

Од МОН објаснуваат дека за ангажирање на образовен асистент потребно е да се обезбеди соодветна медицинска документација, односно потврда од Комисија за проценка на функционалност известување до училиштето за потребата од образовен асистент.

Инаку, во земјава постојат здруженија што се занимаваат со унапредување на децата со нетипичен развој и нивното право на напредок во образованието, а постојат и деца кои поставуваат амбиции и стремежи за успех.

Пред два месеца, младите од здружението „Доза среќа“ за време на Научната олимпијада за млади иноватори и таленти се закитија со вкупно 23 златни медали под водство на менторот Др. Драган Јованов. Мета.мк во неколку наврати има пишувано за успесите на младите од ова здружение како и од инклузивниот ансамбл на Колектив ветерница и здружението Трисомија 21.

Прочитајте повеќе

Ова ВМРО или она ВМРО

Ова ВМРО или она ВМРО

Во јавноста почнаа да се прават споредби за времето кога Груевски стана премиер и стоте …