Македонија и Грција со заедничка гранична проверка за откривање радиоактивни материи

Македонија и Грција со заедничка гранична проверка за откривање радиоактивни материи

Македонија и Грција ќе воспостават заедничка проверка на граничните премини за откривање радиоактивни опасни материи и ќе ја подобрат соработката за да се намалат ризиците од сообраќајни несреќи и евентуално загадување од радијација. На оваа тема, денес, разговараа научници и други претставници на Македонија и на Грција во рамки на проектот СТРАС „Безбеден прекуграничен транспорт на опасни радиоактивни материјали“.

Активностите на двете земји вклучуваат детекција и локализација на радиоактивни извори со модерна опрема (која ќе биде набавена преку проектот), означување на опасни точки на патиштата каде се можни сообраќајни несреќи заради разни причини, развивање заеднички протоколи за интервенција во случај на сообраќајни несреќи со радиоактивни материјали и организација на обуки за сите засегнати страни вклучени во осигурување на безбедноста на сообраќајот.

„Основна цел на проектот е да се оневозможи создавање и транспорт на т.н. „валкани“ бомби од страна на терористичките групи. Сé поголема е загриженоста на меѓународната, посебно на европската заедница, од овие опасности, по ужасните напади во Брисел и извештаите дека терористите работат на стекнување радиоактивен материјал за да се создаде валкана бомба“, вели професор д-р Даме Димитровски од Машинскиот факултет во Скопје.

На крајот на проектот, Македонија и Грција ќе воспостават заедничка проверка на граничните премини за откривање радиоактивни опасни материи. Проблемите произлегуваат од недостатокот на соработка меѓу двете земји, а резултатот е одложување на товарите, а во некои случаи и на луѓето во прекуграничната област. Добро е познато дека еден од главните проблеми во транспортот е трговијата со радиоактивни материјали, особено недозволената трговија и начините за откривање и локализација на радиоактивните извори.

„Грција инсталираше мониторинг портал за радијација уште во 2004 година на границата да се спречат ваквите акции. Од друга страна, Вие имате преносни детектори за утврдување на зрачење од радиоактивни материјали. Беа направени неколку напори за подобрување на безбедноста и сигурноста на транспортот на радиоактивни и други опасни материи кои може да претставуваат значителен ризик за поединците, за општеството и за животната средина. И покрај овие напори годишно се следат неколку инциденти, особено за време на прекуграничното движење на стоките. Корисници од овој проект се националните власти кои, меѓудругото, се надлежни да обезбедат контрола во областа на радијационите материјали“, вели професор д-р Стелиос Ксантос од Tехнолошкиот образовен институт „Александар“ во Солун, Грција.

На тричасовната средба во Дојран учествуваа претставници на Инженерската институција на Македонија, Дирекцијата за заштита и спасување и Машинскиот факултет од Скопје, а од грчка страна учествуваа претставници на Tехнолошкиот образовен институт „Алексанар“ од Солун, Грчката комисија за атомска енергија и Универзитетот „Аристотел“ од Солун.

Вкупниот буџет на проектот изнесува 946.452 евра, а македонските партнери ќе добијат 341.910,00 евра за спроведување активностите во следните 24 месеци. Средствата се обезбедени во рамки на ИНТЕРЕГ ИПА Програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Грција, која нуди многу можности за соработка и социо-економски развој во двете земји.

Прочитајте повеќе

Граѓаните ќе може да ја тужат државата пред Управен суд поради загаден воздух

Граѓаните ќе може да ја тужат државата пред Управен суд поради загаден воздух

Овој начелен став го донесе Врховниот суд на денешната јавна седница, каде судиите расправаа во …