Македонија со години била вклучена во проект со Универзитетот „Колумбија“, каде што се создавала голема база на мозочно ткиво со цел да се вршат испитувања за самоубиствата и шизофренијата. За да се запазат етичките процедури, биле формирани етички совети во рамки на медицинските установи во Македонија и во САД, кои биле задолжени за обезбедување на неопходната документација. Од семејствата била побарана согласност за земање примероци што биле соодветни за истражувањето.
Но, научен труд објавен во МАНУ, кој може да се најде и на страницата на американската Национална библиотека за медицина на 8 јули 2014 година укажуваат дека логистички најтежок бил процесот за дозволи за изнесување биолошки материјал од Македонија, кој барал ангажирање специјален испраќач на аеродромот. Во документот како автори се потпишани професорите Алексеј Дума, Горазд Росоклија и ЕјЏеј Дворк на оваа тема се наведува следното:
„Најголемата тешкотија беше да се добие дозвола за изнесување на ткивото од Македонија. Иако примероците беа пренесени како чекиран багаж на комерцијални летови, беше неопходно, покрај добивањето дозволи од Министерството за здравство, да се ангажира и посредник кој ќе го придружува истражувачот при патувањето до аеродромот и формално ќе го извезе ткивото.“
„Секој примерок беше неопходно да се подготви неколку часа пред да биде испратен во САД“, објаснува професорот Алексеј Дума.
Научната соработка започнала во 1996 година
Според документот објавен на веб-страницата на Националната библиотека за медицина на САД, научната соработка започнала во 1996 година меѓу Државниот психијатриски институт на Њујорк (NYSPI) и Институтот за судска медицина во Скопје. Целта била истражување на невропатологијата на шизофренијата.
Соработката вклучувала:
- собирање обдукциски примероци и клинички податоци во Македонија
- невропатолошки анализи во Њујорк
- обука на македонски лекари во САД
- финансирање од Фондацијата Фогарти и Националниот институт за ментално здравје на САД
Само мал дел од обдукциите исполнувале услови
Дума вели дека од околу 300–350 годишни обдукции во земјата, само 10–15 ги исполнувале строгите критериуми за меѓународното истражување. Откако би биле испратени во САД, примероците станувале дел од глобална база на мозочно ткиво која требало да доведе до значајни медицински откритија за поврзаноста на самоубиствата и шизофренијата.
Во проектот биле вклучени најмногу младите кадри од Институтот за судска медицина во Скопје, со цел обука и понатамошно усовршување во САД.
Според американската Национална библиотека за медицина, проектот собирал 25–75 мозочни примероци годишно. Македонски психијатри и патологисти биле обучувани за собирање замрзнати примероци, а неколкумина биле во посета на САД за да видат како материјалот се користи. Клиничките податоци и ткивата досега учествувале во 39 финансирани истражувања во САД, Канада и Македонија.
Судски вештаци: „Проектот не беше таен“
Пензионирани судски вештаци од Институтот велат дека проектот траел повеќе години и не бил таен. Поранешниот директор Алексeј Дума се споменува како клучен носител на соработката, заедно со професорот Горазд Росоклија — научник од областа на невропатологијата и невроимунологијата, кој од 1992 година предавал на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Колумбија“.
Според Дума, проектот бил „најголемиот меѓународен истражувачки ангажман“ во кој некогаш учествувала Македонија. САД веќе имале база со повеќе од 1.000 примероци од различни земји.
Росоклија за ТВ Телма потврди дека секое земање примерок било врз основа на согласност од семејствата и одобрение од етичките тела во Македонија и САД.
Како Македонија се најде во документите за Епстин
Темата повторно се актуализираше кога американското Министерство за правда јавно објави документи поврзани со починатиот милијардер Џефри Епстин. Во нив се споменува грант што во 90-тите години го добиле Универзитетот „Колумбија“ и македонски медицински експерти, вклучувајќи ги Институтот за судска медицина, Институтот за патологија и Клиниката за психијатрија.
Во електронска порака, која станала дел од документацијата, се наведува дека Македонија со години придонесувала со примероци на човечки мозоци за истражувања на самоубиства.
Извор: DW
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место