Во неможност својата книга „Дневникот на Еден Морепловец“ да ја промовира во книжарница, поранешниот вработен на брод за крстарење, Златко Симовски, промоцијата ја направил во продавница за алкохол во Битола.
Во продолжение во интегрална форма ја пренесуваме пораката на Симовски до читателите на ПУБЛИКУМ:
Неодамна, обидувајќи се да договорам продажба и промоција на мојата книга во локална книжарница во Битола, ми кажаа дека престанале да продаваат македонски автори па немало смисла да прават промоција на книги од истите.
Бев свесен дека сум влегол во погрешна книжарница и дека повеќето би одговориле позитивно на моето барање, но, изненаден од грубиот однос на сопственикот (и од потреба да излезам од матрицата), се одлучив да направам малку поинаква промоција чија главна цел ќе биде подигнување на свеста за проблемите со кои се соочуваат македонските автори, па продолжив до соседниот „Бутик за Алкохол Гермит“ чии сопственици беа поотворени за соработка. Македонска надреална ситуација во вистинска смисла на зборот.
Мојата порака до читателите, продавачите на книги и издавачките куќи гласи: Поддржете ги македонските автори. Нивните книги можеби не се напишани на изолирани плажи и во планински куќарки и зад нив не стои огромна маркетиншка машинерија, но произлегуваат од вистината и животот.