Македонската е-спорт екипа освои шампионско место во „League of Legends“ и второ место во “Counter Strike: Global Offensive“ на европскиот куп на нации во е-спорт „StayHome European Nations Cup“.

„Во League of Legends во финалниот меч ја совладавме репрезентацијата на Израел со резултат 3-1 во мечеви. Кантерџиите го заслужија второто место во овој шампионат во финалниот меч со Чешка каде тесно изгубивме со 2-0, а играта за фудбалерот во PES 2020, Давид Гаревски, заврши во четврт финалето со Украина“ велат од Македонската Е-спорт Федерација.

Дванаесет членки на Европската Федерација го организираат Купот на нации за да ја подигнат свеста кај младите во Европа за опасноста од ковид-19 и да порачаат дека е добро да се остане што е можно повеќе во карантин за да се спречи ширењето на вирусот. Купот се одржа во три наслови League of Legends, Counter Strike: Global Offensive и ProEvolution Soccer 2020.

На квалификациите за купот се пријавија 130 тимови и 40 поединци, а натпреварите ги проследија повеќе од 3.000 ентузијасти.

„Севкупно, Македонија уште еднаш покажа и докажа дека има таленти и квалитетен кадар во е-спортот кои можат достојно да ја претставуваат во дигиталните арени на европската сцена и пошироко. Македонската Е-спорт Федерација, одговорна за селекција на репрезентативните тимови, останува посветена на својата мисија да ја зголеми е-спорт свеста и да помогне во негово официјализирање со што овие е-спорт атлети ќе се здобијат со официјален статус на спортисти, ќе можат да просперираат и да ги покажат своите квалитети“, потенцираат од Македонската Е-спорт Федерација.

Извор:МЕТА