Францускиот претседател Емануел Макрон во неделата го загуби своето парламентарно мнозинство по големите изборни добивки на новоформираната левичарска алијанса и на екстремната десница, во неверојатен удар за неговите планови за големи реформи во вториот мандат. Изборниот резултатот ја фрли француската политика во превирања, зголемувајќи ја можноста за парализиран законодавен дом или коалиции со Макрон принуден да посегне по нови сојузници. Коалицијата „Заедно“ на Макрон беше на пат да биде најголемата партија во следното Национално собрание, но ќе ѝ недостигаат места потребни за мнозинство. Исходот сериозно ја оцрни победата на Макрон на претседателските избори во април, кога тој ја победи екстремната десница и беше првиот француски претседател кој освои втор мандат во повеќе од две децении.
Новата левичарска коалиција NUPES под 70-годишниот Жан-Лук Меланшон е на пат да освои 149-200 места, според проекциите. Коалицијата, формирана во мај по расцепот на левицата за претседателските избори во април, ги обединува социјалистите, тврдокорната левица, комунистите и зелените. Левицата имаше само 60 места во парламентот во заминување, што значи дека би можеле тројно да ја зголемат својата застапеност. Партијата на лидерката на крајната десница Марин Ле Пен, исто така, е на пат на огромни придобивки откако имаше само осум места во парламентот во заминување. Според проекциите, таа треба да има 60-102 пратеници во новиот парламент.
Макрон се надеваше дека ќе го запечати својот втор мандат со амбициозна програма за намалување на даноците, реформи на социјалната помош и зголемување на старосната граница за пензионирање која сега е доведена во прашање. „Ова ќе ги искомплицира реформите… Ќе биде многу потешко да се владее“, вели Доминик Русо, професор по право на Универзитетот Пантеон-Сорбона во Париз. Како претседател, Макрон ја задржува контролата врз надворешната политика, при што се обидува да одигра важна улога во ставањето крај на руската инвазија на Украина.
Извор: Радио Слободна Европа