Макрон и Мишел по самитот на ЕУ: Преговорите меѓу Северна Македонија и Бугарија продолжуваат деновиве

Макрон и Мишел по самитот на ЕУ: Преговорите меѓу Северна Македонија и Бугарија продолжуваат деновиве

Претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел и францускиот претседател Емануел Макрон по денешниот самит на европските лидери изјавија дека преговорите меѓу Северна Македонија и Бугарија ќе продолжат и наредните денови, а во функција на деблокада на почетокот на преговорите со ЕУ на Северна Македонија и Албанија.

Во својот говор, Мишел се заблагодари на француското претседателство со Европската Унија и за огромната политичка работа што ја направил во неколку области, при што го спомена денешното гласање во бугарскиот парламент, но и посочи дека треба одблиску да се следи оваа тема, бидејќи уште нешто треба да биде направено.

Исто така, и Макрон на прес-конференцијата спомена дека има нов развој на ситуацијата во однос на почетокот на преговорите со ЕУ на Македонија и Албанија. Тој го поздрави гласањето во бугарскиот парламент, за кој Макрон смета дека се отвора патот за укинување на ветото и отворање на преговорите за пристапување на Северна Македонија и со тоа напредок на албанското досие.

„Ќе продолжиме со ова. Имавме преговори со бугарската и македонската страна за да го решиме тој договор во наредните денови“, изјави францускиот претседател Емануел Макрон.

Во официјалниот документ со објавените заклучоци по дводневниот самит на лидерите на земјите-членки на ЕУ, и Европскиот совет посочува дека финален договор меѓу двете земји нема.

„Европскиот совет беше информиран за последните случувања на дискусиите меѓу Бугарија и Северна Македонија. Тој повикува на брзо решавање на последните преостанати прашања за да може да се отворат пристапните преговори без одлагање“, се наведува во документот.

Дека ништо не е готово, денеска потврди и македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи. Според него, францускиот предлог за отстранување на бугарското вето не бил конечен, а Франција треба да ги види позициите на двете земји и да достави конечен предлог.

Тој додаде дека три прашања се клучни во однос на тоа дали владата ќе го прифати францускиот предлог. Османи рече дека јазикот, историските прашања како главен критериум за напредување на преговорите и динамиката на уставните измени се клучни за тоа каква одлука ќе донесе земјата.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

АХВ: Операторите со храна да не ги полнат пакетчињата со чоколади со поминат рок

АХВ: Операторите со храна да не ги полнат пакетчињата со чоколади со поминат рок

Oператорите со храна да бидат одговорни и да не се обидуваат да манипулираат со потрошувачите, …