Кандидатот за премиер на Србија, Ѓуро Мацут до Собранието на Србија достави предлог за состав на Влада. Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ потврди дека предлогот за новата Влада пристигнал во Собранието и дека почетокот на седницата е закажан за утре (15 април) во 10 часот.
Утврден е дневниот ред на Втората специјална седница на Народното собрание – Избор на Влада и положување заклетва на претседател и членови на Владата.
За прв вицепремиер и министер за финансии е предложен Синиша Мали, за вицепремиер и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ, а за вицепремиер и министер за економија Адријана Месаровиќ. Братислав Гашиќ е предложен за министер за одбрана, Марко Ѓуриќ за министер за надворешни работи, а Немања Старовиќ за министер за евроинтеграции.
На 6 април, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, му го довери мандатот за состав на новата влада на ендокринологот и професор на Медицинскиот факултет во Белград, Ѓуро Мацут. Вучиќ претходно одржа консултации со парламентарните партии за мандатот за состав на новата влада, во кои не учествуваше ниту една опозициска партија.
Опозицијата предложи формирање преодна влада, што владејачката коалиција го отфрли.
Владата на Србија е во технички мандат од 19 март, кога пратениците во Собранието ја потврдија оставката на Вучевиќ од функцијата премиер, со што започна рокот од 30 дена за избор на нова влада. Вучевиќ поднесе оставка еден и пол месец претходно, откако активисти на владејачката Српска напредна партија претепаа група студенти кои ја блокираа работата на факултетот во Нови Сад.
Падот на Владата на Србија предводена од Милош Вучевиќ се случи во екот на антирежимските протести предводени од студенти кои блокираат десетици факултети низ Србија од крајот на ноември 2024 година.
Фокусот на нивните барања, кои ги поставија пред институциите на Србија, е утврдување на правна и политичка одговорност за смртта на 16 лица при падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад, на 1 ноември минатата година.
Извор: РСЕ