Мандатот кај Мицкоски, министрите и двотретинското мнозинство извесни

Мандатот кај Мицкоски, министрите и двотретинското мнозинство извесни

Идниот премиер најави „час поскоро“ ќе ја предложи новата влада. Таа ќе биде со нови и реорганизирани министерства за што му се потребни и 80 гласа во Собранието. Пред да се изгласа новата влада, „Вреди“ сака да се изгласаат и измени за да нема предвремени избори за градоначалници.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска напладне (6 јуни) му го додели мандатот за формирање Влада на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Повикувајќи се на изборниот резултат и распоредот на сили во парламентот, претседателката рече дека доверувањето на мандатот на Мицкоски е „вистински правен и политички чекор“.

„При конституирањето на Собранието, претседателот беше избран со 76 гласа ’за‘. Овој резултат и преговорите што се во тек ми даваат за право основано да сметам дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, господинот Христијан Мицкоски, има сериозна можност да формира влада односно да освои 61 глас зад својата програма и составот на Владата што се разбира ќе го предложи во следните 20 дена“, рече Сиљановска-Давкова.

По церемонијата на доделување, во тек е средба помеѓу претседателката на државата и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, по што се очекува и тој да даде изјава за медиумите.

Пред да дојде до изборот на Влада, во Собранието ќе се прави нејзина реорганизација – ќе се формираат нови и ќе се трансформираат стари министерства.

ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата „Вреди“ (ВЛЕН) и ЗНАМ, како извесни партнери во идната влада, заедно имаат 78 пратеници. За да ја направат реорганизацијата, пак, потребно им е двотретинско мнозинство (80 гласа) во 120-члениот парламент.

Мицкоски предлог-законските измени вчера ги поднесе во Собранието, но иако не сакаше да потврди директно дека обезбедил поддршка од 80 пратеници рече дека не се „почетници“ за да „веруваат во случајности“.

„Не сме наивни политичари да веруваме во случајности. Во политиката ретко има случајности“, рече Мицкоски.

А, партнерите на ВМРО-ДПМНЕ, од „Вреди“ за Радио Слободна Европа (РСЕ) брифираат дека сакаат пред формирање на владата да се изгласаат и законски измени за да се спречат предвремени избори за градоначалници кои планираат да ги поднесат деновиве.

Влада најдоцна до крајот на јуни

Денешното доделување на мандатот од страна на претседателката е еден ден пред истекот на рокот од 10 дена. Тој започна да тече со конституирањето на новиот парламентарен состав на 28 јуни.

Сега, Мицкоски има 20 дена до Собранието да достави програма и предлог состав на Владата. Меѓутоа, најавите се тоа да се случи и порано.

„Очекувам час поскоро да го поднесам составот“, рече Мицкоски додавајќи дека се размислува кога тоа да биде и поради верските празници што доаѓаат – Курбан Бајрам (16 јуни) и Духовден (21 јуни).

Рокови за формирање Влада

  • По конституирањето на Собранието, претседателот има рок од 10 дена да го додели мандатот
  • По доделување, мандатарот за најмногу 20 дена треба да предложи програма и состав на Владата
  • Седница за избор на Владата се одржува во рок од 15 дена од приемот на предлогот
  • Расправата во Собранието може да трае најмногу два дена

Кога Мицкоски ќе го достави предлогот, Африм Гаши како претседател на парламентот веднаш треба да го испрати до пратениците.

Собраниската седница за избор на Владата, пак, се одржува во рок од 15 дена од денот на доставување на предлогот. Дебата, според парламентарниот Деловник, може да трае најмногу два дена.

Расправата се води како „единствен претрес“ и за Владата се гласа во целина што значи дека нема гласање за секој министер поединечно. Потребни се 61 глас „за“.

Новите министерства ќе се изгласаат за неколку дена?

Идните министри во Владата, Мицкоски ќе ги предложи според новите и реорганизирани ресори. Иако во јавноста се шпекулира со имињата, официјално тој сè уште не ги соопштува. Како што рече, „преговорите се завршени во одредена мера“ и останува уште еднаш да бидат потврдени „во делот на третиот ешалон“.

Откако вчера во улога на пратеник ги поднесе предлог-измените на Закон за организација и работа на органите за државната управа кои се однесуваат на министерствата во Владата, Мицкоски очекува тие да бидат изгласани до 10-11 јуни.

„Очекувам во петок да се најде на седница на Собранието, да се утврди потребата за овој закон за потоа матичните комисии да ја продолжат расправата и потоа да се врати на пленарна седница. Најдоцна очекувам понеделник-вторник (10-11 јуни) овој закон да биде изгласан во нормална постапка согласно Деловникот“, рече Мицкоски на 5 јуни.

Нови и реорганизирани министерства

Нови министерства

  • Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини
  • Министерство за спорт
  • Министерство за дигитализација
  • Министерство за администрација

* Министерството за информатичко општество и администрација се укинува

Реорганизарани министерства

  • Министерство за економија во Министерство за економија и труд
  • Министерство за труд и социјална политика во Министерство за социјална политика, демографија и млади
  • Министерство за култура во Министерство за култура и туризам

Предлогот кој тој го поднесе предвидува, на пример, постоечкото Министерство за економија да добие нови, а да изгуби дел од старите надлежности.

Тоа ќе биде Министерство за економија и труд што значи дека ќе земе под своја капа дел од надлежностите на досегашното Министерство за труд и социјална политика МТСП. Според Мицкоски, на ваков начин работодавците и работниците ќе бидат под иста капа и ќе може полесно да се води дијалог.

МТСП, пак, ќе се трансформира во Министерство за социјална политика, демографија и млади.

Од друга страна, надлежностите за енергетика и рударство од Министерството за економија ќе преминат во новото Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.

Економија ќе ги предаде ингеренциите и за туризмот кој ќе биде дел од реорганизираното Министерство за култура и туризам.

Ингеренциите од Министерството за информатичко општество и администрација, ќе ги наследат две нови министерства – едното за дигитализација и другото за администрација. Со ова, Мицкоски очекува дека ќе се намалат сомнежите за корупција во администрацијата.

Агенцијата за млади и спорт, пак, ќе се укине и наместо неа ќе има Министерство за спорт.

ВМРО-ДПМНЕ прифаќа да нема предвремени избори за градоначалници

Со предлогот-измените да се спречат предвремени избори за градоначалници, што од „Вреди“ брифираат дека ќе ги поднесат деновиве во собраниска процедура, ВМРО-ДПМНЕ нема проблем.

Мицкоски вели дека иако како партија поради рејтингот можеби им одговара да има избори, од друга страна е мудро и одговорно да се интервенира во законите за да нема дополнителни трошоци – два пати да се даваат пари за избори ако редовни локални треба да има во октомври 2025 година.

Станува збор за измени што би се направиле на Изборниот законик и Законот за локална самоуправа со цел да не се гласа на предвремени избори во општините чии градоначалници би станале министри.

Како кандидати за преселба во извршната власт се споменуваат градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари, како иден министер за здравство и градоначалникот на Аеродром Тимчо Муцунски кој е во игра за неколку ресори во извршната власт.

Актуелните законски решенија предвидуваат дека предвремени избори за градоначалници не се организираат само доколку до редовните има помалку од шест месеци.

Ваквите измени на системските закони, како и процедурите за формирање на нова влада следуваат по изборите на 8 мај. На нив, од извесните коалициски партнери, ВМРО-ДПМНЕ освои 58 пратенички мандати „Вреди“ 14, а ЗНАМ шест.

СДСМ и Европскиот фронт предводен од ДУИ добија по 18 пратеници, а Левица шест.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

полиција полицајци

Двајца полицајци се сомничат дека примиле поткуп за да не констатираат сообраќаен прекршок

Тие се сомничат дека на 04.07.2024 околу 23.00 часот на ул.„Даме Груев“ во Скопје, при …