Марк Руте: „Ние сме следната цел на Русија“

Марк Руте: „Ние сме следната цел на Русија“

Генералниот секретар на НАТО во четвртокот (11 декември, 2025) всушност допатува во Берлин на настан на Минхенската безбедносна конференција со цел да претстави фундаментални размислувања за иднината на Алијансата. Тој зборуваше за улогата на европските држави, кои мора да преземат поголема одговорност бидејќи деценискиот главен гарант на воениот пакт, САД, стануваат сè понепредвидливи.

Новата Национална безбедносна стратегија на САД ја уплаши Европа, опишувајќи ја ЕУ како слаба и истрошена од миграцијата, а не како партнер на САД. За време на средбата со канцеларот Фридрих Мерц во неговиот кабинет, Руте се обиде да смирува и посочи дека во документот се наведува и оти САД остануваат посветени на Европа и европската безбедност, одноисно дека „САД држат до своите обврски спрема НАТО“. Но, дали е сега време за принципиелни преиспитувања? Поверојатно дека не е. Сега се клучни денови за судбината на Украина – дали САД, кои со децении беа силата што ја заштитува Европа, ќе ја остават Украина на цедило? И со неа и земјите-членки на ЕУ? Мерц рече дека „ништо веќе  е како што некогаш било. Живееме во друг свет и други времиња. И тоа бара да се одговори различно отколку во минатото.

Европа бара прекин на огнот и безбедносни гаранции

Различни времиња, различни одговори – тоа мометално е кризен менаџмент. Може ли Европа, можат ли европските членки на НАТО да ги ублажат најстрогите барања од американскиот план за мир во Украина? Мерц ги повторува точките што се важни за Европа, имено „прекин на огнот што конечно ќе стави крај на оваа ужасна војна во Украина по речиси четири години. Прекинот на огнот мора да биде обезбеден со цврсти правни и материјални гаранции.“ Тоа подразбира гаранции од НАТО, ЕУ, но и од САД. „Договорно решение мора да ги зема в предвид и европските безбедносни интереси. Тоа не смее да биде на сметка на ЕУ и НАТО“, додава Мерц.

Зеленски подготвен за избори во Украина

Но, дали Мерц и Руте, францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер може да го постигнат ова? Првобитниот план на САД со 28 точки за ставање крај на војната толку многу излегуваше во пресрет на интересите на агресорот, Русија, што дури имаше гласини дека текстот всушност е составен во Москва. Иако се чини дека таквиот план е ад акта, американскиот претседател Доналд Трамп бара од украинскиот претседател Володимир Зеленски брзо одржување избори како доказ дека е легитимен претседател. И тоа среде војна. Зеленски се согласува. А, и нема некој избор. Украина во меѓувреме им претстави свој план на САД.

Од лево на десно: германскиот канцелар Фридрих Мерц, британскиот премиер Кир Стармер и претседателите на Украина и на Франција, Володимир Зеленски и Емануел Макрон седат на столчиња додека разговараат а зад нив се гледат знамињата на нивните земји
Фридрих Мерц, Кир Стармер, Володимир Зеленски и Емануел Макрон на 8 декември во Лондон

Следна средба во Берлин со Стармер и Макрон

Уште во деновите пред средбата на Мерц и Руте во политичките кругови во Берлин кружеа контрадикторни информации околу тоа што ќе донесат следните неколку дена. Се шпекулира за средба во германската престолнина, на која следниот понеделник канцеларот ќе ги дочека Стармер и Макрон. Дали ќе има и претставниците од САД? Мерц вели дека сите инволвирани страни повторно ќе ги разгледаат плановите во текот на викендот. Се мисли на територијата во источна Украина што треба да ѝ биде отстапена на Русија за да се стави крај на војната. Ваквите територијални отстапки се неприфатливи за Украина, но се чини и речиси неизбежни.

Руте предупредува од натамошни напади од Русија

На настанот од Минхенската безбедносна конференција што се одржа во претставништвото во германската престолнина, Руте децидно предупреди дека рускиот претседател Владимир Путин нема да остане на нападот врз Украина. „Ние сме следната цел на Русија. И веќе имаме претрпено штета“, наведе тој алудирајќи на европските партнери од НАТО.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, и германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул еден до друг со насмевки на лицата
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, и германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул во Берлин на 11 декември 2025 година

Русија речиси секојдневно напаѓа инфраструктура на запад, ги дели општествата преку дезинформации и шири страв и терор преку напади со беспилотни летала. „Но, премногу луѓе кај нас сè уште не ја препознаваат итноста. Премногу луѓе си мислат дека времето работи за нас. Но, не е така“, порача генералниот секретар. Земјите-членки на НАТО одамна требало ментално да се стават во воена состојба, рече Руте и додаде дека треба енергично да работат на тоа да може самите да се одбранат. Во моментов постоело само едно лице кое може да го сопре Путин, а тоа е американскиот претседател Доналд Трамп. А, Европјаните прво ќе мора повторно да го придобијат, како што многу пати се обидуваат. Можниот успех ќе се покаже во следните неколку дена.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

САД ги замрзнуваат сите процеси на издавање визи за 75 земји, вклучувајќи ја и Македонија

САД ги замрзнуваат сите процеси на издавање визи за 75 земји, вклучувајќи ја и Македонија

Стејт департментот ја паузира обработката на имигрантски визи за 75 земји во обид да се …