Дури ни луѓето во градежништвото не се свесни колкава е дупката во системот. Опсесивноста со зголемен профит ги втурнува дел од инвеститорите да не размислуваат за ризиците и последиците од нивните постапки, а тука им се придружуваат и сите оние кои треба да го спречат таквиот пристап, односно да го корегираат, вели деканот на Градежниот Факултет, Горан Марковски.
Пред една недела во пожар во дискотеката во Кочани Пулс загинаа 59 млади луѓе. Последните податоци од надлежните институции отворија прашања и покажаа низа слабости во системот. За еден од нив, за сегментот во градежшништвото, разговаравме со професорот и декан на Градижниот факултет, Горан Марковски.
Господине Марковски, една од пораките на собирите во чест на починатите луѓе беше „ако се е по закон, немаше да има крв“. Колку ова фраза ги опишува проблемите и во градежниот сектор?
Да, целосно ги опишува. Ако се било направено согласно законите, прописите и стандардите кои што се во областа на градежништвото, особено оние кои што се поврзани со заштита од пожари и експлозии апсолутно крв ќе немало. Односно, дури и да се случил пожар, во тој случај би постоел многу мал ризик, последиците од него би биле незначителни. Така што пораката која што ја споменавте, мислам дека најкусно и можеби најточно ги опишува причините за оваа голема трагедија која што не снајде.
Зашто се заобиколуваат правилата? Дали им е многу скапо да се гради по правила и по книга или станува збор за нешто друго?
Најверојатно се работи за една опсесивност по што поголем профит и водејќи се потенцијалните инвеститори од тоа начело, жртвуваат, ги сметнуваат од ум ризиците и последиците кои може да настанат од таквиот пристап. Тука им се придружуваат и сите оние кои треба да го спречат таквиот пристап, односно да го коригират.
Тука не би ја издвоил ни инженерската средина. И доаѓа до едно заедничко здружување, јас дури би рекол и непријателско здружување, непријателско кон државата, кон функционирањето на системот кое што доведува до такви несакани настани.
Можеби има проткајано тука и одредено незнаење на оние кои што треба да знаат, но мислам дека доминира митото и корупцијата, а кај инвеститорите желбата да на што по едноставен и поефтин начин, дојдат до профитите што ги посакуваат.
Велите злосторничко здружување. Како изгледа таквото злосторнично здружување во хиерархијата? Кој се влегува тука?
Многу, во зависност од тоа за каков објект се работи. Многумина треба да влезат, почнувајќи од луѓе кои што се многу блиски до врвот на власта, па се до оние најниски ешалони на службеници во државни институции, во општини итн. Секој си го наоѓа своето место во тоа здружување и секој си има одредена цена.
Така добиваме неквалитет, така добиваме опасни простори кои што, се разбира, не секогаш ама од време на време, ќе си го покажат сето она што во нив е вградено, сиот тој неквалитет, сиот тој јавашлок, цела импровизација и се разбира се она што е незаконски исплатено и ќе предизвикуваат ваков евидентен пожар кој што со себе однесе 59 млади животи.
Каде се градежните инспектори во сликата?
Па, сигурно не таму каде што треба да бидат затоа што градежните инспектори со реална инспекција, навремена, можат да го спречат сето ова. Сега, рака на срце, не знам дали во случајов е така, но имаме се помалку градежни инспектори. Во големи средини, како што е Скопје, се бројат на прсти на една рака затоа што струката градежништво во последно време е неатрактивна.
Да сте градежен инспектор не е едноставна работа, се работи за многу чувствителна дејност која што треба да биде добро наградена и добро платена, но и добро контролирана, за да не се премолчуваат одредени работи во изградбата.
Но, во секој случај, како што се и градежни и пазарни и санитарни инспектори, можеби ја имаат клучната улога во тоа да спречат функционирање на вакви субстандардни објекти.
Пазарните инспектори изминатава недела излегоа на терен во потрага да побараат дискотеки кои се лиценцирани и на крај увидоа дека малку од нив работат легално. Дали има потреба, како што би рекол премиерот, во една робусна акција и оние малку градежни инспектори што работат, да излезат на терен и да направат еден вид „чешлање“ на тоа што го имаме сега за да се превенираат вакви трагедии?
Да, мислам дека тоа е втората фаза на ова што го спомена премиерот. Ова што беше досега е само проверка дали имаат потребна документација. Излезе дека практично половина од оние, не сакам да кажам дека се тоа некои официјални клубови, практично немаат лиценца. Работат без лиценца, што е основен предуслов за работа. Второ е дали стектатата лиценца оние кои што ја имаат, ја добиле врз основа на пропишаните стандарди и правила.
Правилникот за заштита од пожари е толку ригорозен да, јас лично мислам дека 80 проценти од објектите треба да бидат затворени бидејќи сигурно многу малку од нив ги задоволуваат сите пропишани стандарди.
Кои се објекти влегуваат во ова?
Видете, за нас се најбитни објектите во коишто се собираат голем број на луѓе. А тука покрај ваквите објекти за забава, се и концертни сали, спортски сали, училишта, болници. Приоритет треба да се стави на ваквиот тип на објекти каде што во исто време има голем број на луѓе.
Понатаму со акцијата треба да се продолжи и на станбени објекти и на објекти каде што има престој на помалку луѓе. Но, во секој случај мораме добро да се освестиме и да се исконтролира се и да се потикнат луѓето да ги задоволат условите кои што се бараат за нормално живеење и работа, односно услови кои гарантираат мал ризик од вакви последици.
Од она што го гледате како експерт во вашето поле, пред кои системски пропусти најмногу замижуваат градежните инспектори? Што вие забележувате како пропуст во најобична прошетка и движење низ градот?
Прво што може да се види и однадвор е запазување на стандардите за безбедност при работа. Јас немам видено работник или инженер на градилиште кој е со полна опрема за безбедност при работа која е со закон пропишана. Почнувајќи од заштитни чевли, па се до шлем на глава. Скоро и да немам видено такво нешто.
Тоа е основно, прво правило кое што треба да се почитува и кое што веднаш треба да се казни и надзорниот орган кој дозволува такво нешто, ако го најдете на објект, а и секако раководителот на градилиштето, сопственикот, инвеститорот итн. И да се стопира градбата додека не се преземат и не докаже дека се преземени сите мерки. Тоа е од аспект на безбедност при работа.
За безбедност на околината каде се гради објектот, сега зборувам за густо населени градски средини. Гледаме дека не се заштитени, улици се одронуваат заради несоодветни ископи, несоодветни заштити. Се доведува во прашање безбедност на соседните објекти само со цел да се заштеди нешто при градбата.
И тоа го имаме и евидентирано и го покажуваме на студентите во предавањата како не треба да се работи. И тоа централното градско подрачје на Скопје, можам да замислам што е понатаму. Понатаму надзорот треба да сугерира во однос на квалитетот на градбата. И ред други работи. Ние со стандарди и со пропишани правила, законски норми и не сме толку лоши. Пропишано е се, ама не се почитува.
Дали алармирате до надлежните институции кога ќе забележите одреден пропуст на градилиште или вака во некаква прошетка, па да ги известите дека таму и таму се случува тоа и тоа?
Па, јас сум еден од можеби ретките луѓе во градежништвото кои долго време отворено и пишува и говори за проблемите со кои што се соочуваме. И за тоа треба да се зборува. Јас би бил среќен кога повеќемина тоа истото би го правеле и веројатно тогаш ќе допре гласот подлабоко и повисоко и некако ќе стане поверодостојно сето тоа.
За жал, и покрај тоа најчесто наидуваме на молк и ингнорирање. Инаку, имам пишувано дека сите оние колосални објекти кои што се градат на Водно се небезбедни, дека можат да предизвикуваат слегување на тлото, дека потпорните ѕидови не се како што треба. После тоа, веднаш еден потпорен ѕид се урна.
За некои работи човек и не треба да е некој голем стручњак за да реагира. Меѓутоа, интересите и поврзаноста на она злосторничко здружување се толку силни да многу тешко може да се продре внатре и некои работи да се поместат.
Извор: РСЕ
Целиот текст ТУКА