Марта Кос: Очекувам силна посветеност од земјите на Западен Балкан

Марта Кос: Очекувам силна посветеност од земјите на Западен Балкан

Очекувам навистина силна посветеност од сите кандидати од Западен Балкан да останат на европскиот пат, изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос по пристигнувањето на состанокот на Советот на ЕУ за надворешни работи во Брисел. Таа кажа дека проширувањето е приоритет за Европската Унија, но дека неговиот успех зависи од спроведените реформи во земјите кандидати.

„Ако нашите кандидати имаат резултати, ќе ги имаме и ние. Ние веќе ги имаме. Првпат по 17 години формиравме работна група за пристапување на нова земја, а тоа е Црна Гора. Покрај тоа, последниот „Евробарометар“ покажа навистина голема определеност на луѓето во Црна Гора да станат членка на ЕУ“, рече еврокомесарката.

Maрта Кос додаде и дека ЕУ има „опипливи резултати“ кога станува збор за постепената интеграција, наведувајќи го како пример приклучувањето на Србија кон системот SEPA, со што ѝ се придружи на АЛбанија, Македонија и Црна Гора.

Таа се заложи и за измена на методологијата за проширување, со цел принципот на постепена интеграција да се применува и во други области, а не само во оние поврзани со заедничкиот пазар. Како пример ја наведе безбедносната политика, додавајќи дека за тоа интензивно се преговара со земјите-членки на ЕУ.

„Сѐ уште користиме методологија стара 40 години. А тоа значи дека живееме во поинакво време. Ова не е време на мир, немаме многу време“, рече Кос.

Марта Кос најави нов самит на земјите од Западен Балкан и ЕУ на 5 јуни во Подгорица.

Извор: МЕТА