Мартина Димоска: Отсечена од светот, правам научни експерименти во астронаутска мисија

Од најдобра студентка на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, до учество во аналогна астронаутска мисија во САД, спонзорирана од НАСА, Мартина Димоска од Кичево, инжинерка за материјали и нанотехнологија, е првата балканска аналогна атронаутка која е „затворена“ 21 ден на Марс, целосно отсечена од светот со задоцнета комуникација од 20 минути во еден правец поради далечината меѓу Земјата и Марс.

Димоска е најмлада менторка на NASA Space Apps натпреварот, а е и главна организаторка на NASA Space Apps Challenge Mountain View во Силиконската долина во Калифорнија. Мартина беше и на пракса во ЦЕРН, како и стипендистка на Kent State University во САД.

За тоа што значи да се биде на аналогна мисија, за истражувањата што ги прави како и за нејзините идни планови, открива Димоска во ова интервју за Мета.мк.

Што е аналогна мисија и која е твојата улога во неа? 

Аналогните aстронаутски мисии нè подготвуваат за идно истражување на астероиди, Мeсечина, Марс и други планетарни тела. Да се прават тестирања директно во вселената, пред да се доволно пати тестирани, испитувани или симулирани на земјата би било многу опасна и глупава одлука. При aналогните мисии, не само што се тестира нова опрема што би можела да се користи, се тестираат и веќе постоечки хардверски и оперативни концепти, како и динамиката на екипажот но и нивната индивидуална подготвеност.
Тие се од огромна вредност на научната вселенска заедница и затоа ми е многу драго што сум првата македонска аналогна астронаутка, но и првата балканска аналогна астронаутка.

При тестирање на нови научни експерименти во аналогни астронаутски мисии, се штеди на пари, ресурси, опрема и работна сила. Може да се развијат контролни студии особено за летови во вселената со екипаж, но и контрамерки што може да се тестираат при овие мисии, пред било што да се испроба во вселената. За повеќе околу аналогните мисии може да прочитате тука.

Астронаутите редовно користат аналогни мисии при нивниот тренинг на кои се подготвуваат на поинаквиот начин на живот, изолацијата и екстремните вселенски услови. Најчесто овие мисии имаат тежок и напорен распоред, тренинзи и подготовки, но и многу научни експерименти. Астронаутите се лишени од нормалниот живот, а екипажот кој се состои од само неколкумина го одржува целото живеалиште. Фокусот е во автономноста. Ова всушност најдобро може да се објасни како „служење војска“ и таквиот начин на почитување на хиерархија и послушност.

Во моментов ја служам 14. по ред мисија на УНД ИЛМАХ (интегрирано аналогно живеалиште за Месечината и за Марс) финансирана од НАСА и имам титула „Офицер за наука“. „Затворени“ сме 21 ден на Марс, целосно отсечени од светот со задоцнета комуникација од 20 минути во еден правец поради далечината меѓу Земјата и Марс. Во ова марсовско сценарио, заедно со моите двајца членови на екипажот, командантот на Мисијата Тарун Бандемегала и инженерот за летање Праника Гупта, ќе извршиме неколку истражувања. Повеќе информации за живеалиштето може да најдете тука.

Дали е ова возбудливо искуство за тебе, со оглед на тоа дека си првата жена – аналогна астронаутка од Балканот? 

Морам да признаам дека е навистина напорно, зошто покрај моите обврски на мисијата мора да ја работам и својата инженерска работа, но и да давам интервјуа и да креирам содржини за социјалните медиуми. Но сепак, многу ми е драго што конечно можам да отворам пат за идните генерации што сакаат да се дел од вакви научни експерименти за нашиот регион. Ова е долго очекувано искуство за мене, зошто го најавував одамна. Овој пат е збогатен со сите искуства и тренинзи кои што ги исполнував низ годините, а ме доведоа тука.

И порано бев прифаќана на аналогни астронаутски мисии, но никако не се вклопуваа во мојот веќе густ распоред. После приклучувањето на магистерските вселенски студии при Интернационалниот вселенски универзитет, моите професори значително го проширија мојот опсег за аналогни астронаутски мисии, па добив огромна прегледност на секторот, и подобро можев да разликувам кои се популистички, а кои соработуваат со вселенски агенции и значително придонесуваат на научниот свет. Така, формирав и носев подобри одлуки на која да се пријавам, и која би одговарала најдобро на мојот кариерен пат и иден развој.

Што истражуваш додека си на мисијата?

Одговорна сум, заедно со мојот тим, за неколку истражувања што ги спроведуваме тука – Собирање ЕЕГ податоци (се скенира твојот мозок со метод на електроенцефалографија). При ваквите испитувања, гледаме како изолацијата и долготрајните вселенски патувања може да влијаат на пример на когнитивното распаѓање, на можноста на нашата меморија „да се потсетува“ и слично. Овие експерименти се развиени од д-р Тери Ректор. Следно истражување е 20 минутно еднонасочно (вкупно 40 минути во двата правци) постојано одложување на комуникацијата преку онлајн-системот ECHO. Марс и Земјата имаат доцнење при комуникацијата и во зависност од взаемната местоположба на двете планети, доцнењето може да биде од 4,3 или произволно 5 минути, до 21 или произволно 20 минути. За да извршиме дневни итни задачи и да решиме некој битен проблем, треба да сме ефикасни, брзи и многу трпеливи, но и многу смирени.

Се прави и студија за вежбање каде носиме посебно одело што ги мери нашите витални знаци, наречено CardioBreath. Тоа е научна соработка развиена од Универзитетот Симон Фрејзер во партнерство со Канадската вселенска агенција, НАСА и УНД. Истите одела се присутни и на ISS (Меѓународната вселенска станица). Се прават и истражувања поврзани со растителни модули, осносно истражувања со растенија, каде што садиме брзорастечки семиња наменети за вселенско патување, садиме и microgreens, користиме Hamama системи.

Имаме уред наречен ЕxoLab кој што го „фаќа“ јаглеродниот диоксид и е наменет за да помогне при опстојувањето на живот на Земјата и во вселената. Вакви уреди е планирано да се лансираат на 15 ноември 2022 година на ISS и може да се прават взаемни истражувања за да се воочат разликите меѓу Земјата и вселената. Теренски се тестира подобрената верзија на вселенското оделото UND NDX2-AT EVA, при EVA екстравехикуларни активности, односно ова се добро познатите „вселенски прошетки“ или Space Walks.

Во текот на мисијата правиме дополнителни екскурзии со ровер и собираме примероци, мапираме терен за иден развој на живеалиштето, но и геолошки ги испитуваме собрани примероци во лабараторијата за геологија. Имаме доста истражувања што опфаќаат микробиологија, истражувања поврзани со 3D печатење и многу други експерименти за кои што не смееме сè уште да изнесуваме јавни податоци. Имаме дневни тестирања, психолошки прашалници, решавање на проблеми во животно загрозувачки ситуации, и многу строг распоред кој мора да го следиме.

Кои се твоите планови за во иднина на професионален план?

Сакам да воспоставам посериозна соработка со нашата земја и институциите со кои што имам можност да соработувам со цел да се збогати нашето познавање и учество во вселенската индустрија. Веќе имам тим што активно работи и сериозно придонесува и неодамна ја отворивме International Space Alliance. Дополнително, приватниот вселенски сектор ми е клучен фокус периодов и освен тоа што се реализирам како инженер, активно ги следам сите други подвизи, но особено аналогните мисии. Напорно работиме на NASA Space Apps Challenge хакатоните исто така, и имаме многу важни локации и одлична соработка со локалното население. Го водиме NASA Space Apps Challenge Mountain View во Силиконската Долина, во Калифорнија каде домаќин е NASA Ames Research Center, и NASA Space Apps Challenge Cleveland, во Охајо, каде домаќин е NASA Glenn Research Center. Од над 300 локации во светот, ние сме единствените две локации што се одржуваат директно во НАСА истражувачки центар, поддржан од NASA персонал. Ова е препознаено и ценето од сите, а нашата блиска соработка со NASA Space Apps Challenge Strumica во Македонија отвора нови врати и многу можности за учесниците, но и за нашата земја.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Победник на вечерта: „Опенхајмер“ освои седум Оскари

Филмот „Опенхајмер“ ја оправда фаворитската улога на 96. доделување на најпрестижните филмски награди во светот. …