Мас: Преговорите продолжуваат, се надеваме на решение до декември

Мас: Преговорите продолжуваат, се надеваме на решение до декември

Утре во Брисел веројатно нема да биде одобрен почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, `но шефот на германската дипломатија Мас смета дека се уште има шанси тоа да се случи во текот на декември.

На утрешниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел најверојатно нема да има позитивен исход за македонските аспирации да се започнат преговорите за членство, но шефот на германската дипломатија Хајко Мас се надева дека тоа сепак ќе се случи во текот на германското претседавање со ЕУ кое завршува на крајот на годинава. Говорејќи на доделувањето на наградата за човекови права на Фондацијата „Фридрих Еберт“ на македонскиот премиер Зоран Заев, Мас рече дека преговорите на таа тема продолжуваат.

„Водиме интензивни разговори за да ја одржиме првата пристапна конференција уште оваа година за време на германското претседателство“, рече Мас. Во својот говор, германскиот министер, воопшто не ја спомена утрешната средба на министрите на ЕУ како можен епилог од спорот.
Клучно е во наредните денови да се најде решение, а Германија е подготвена да помогне на тој пат, дополни тој.

Премиерот Заев во своето обраќање не ја спомена директно бугарската блокада, но посочи дека нема намера да преговара за правото на самоопределување.
„Човековите права и правото на самоопределување на секој еден граѓанин не може да бидат предмет на дипломатски преговори и договори. Тие се потврдени и гарантирани принципи на меѓународното јавно право и придобивките од истото.“

„Затоа, непобитен е фактот дека македонскиот јазик и македонскиот народ се реалност“, порача Заев во Берлин. Тој дополни дека средствата од наградата ги донира во солидарниот фонд за борба против Ковид-19.

Мас го претстави Заев како надеж на една генерација на која и беше доста од национализмот и од политиката кој повеќе гледаше кон минатото наместо кон иднината, потсетувајќи притоа и на крвавиот упад во Собранието.

Германскиот министер оцени дека првиот чекор на враќањето на Северна Македонија на патот кон Европа било враќањето на демократијата во земјата, а вториот- Преспанскиот договор со кој беше надминат деценискиот спор со Грција.

„Од февруари 2019 година твојата земја има ново име. Заради таа одлука мораше да издржиш голем отпор на внатрешнополитички план. Особено беше бурно кога приближувањето кон ЕУ не одеше толку брзо како што беа надежите, а долгиот пат кон Европа се чинеше уште подалечен. Трпеше удари, но не се откажа од твојот зацртан пат кон Европа. Новите избори го потврдија твојот про-европски курс. Првите плодови на оваа политичка храброст Македонците ги пожнеаја во март годинава со влезот во НАТО како 30 сојузник“.
„Голем чекор за твојата земја, но и голем чекор за безбедноста на целиот регион на Западниот Балкан“, рече Мас.

Како особено значајна реформа во Северна Македонија, Мас го посочи Законот за антидискриминација кој беше донесен во октомври годинава со широк консензус.

Цитирајќи ја паролата на Заев „Едно општество за сите“, Мас порача дека „нема подобри зборови со кои може да се претстават Европа и нејзините вредности.”

„А тоа е токму спротивното од она во што сакаат да веруваме националистите: Човек може да биде Македонец или Албанец и истовремено да биде горд граѓанин на Скопје, Северна Македонија и Европа.“

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Сите македонски претседатели - од Глигоров до Пендаровски

Сите македонски претседатели – од Глигоров до Пендаровски

Од 1991 година досега, петмина претседатели избрани од парламентот и од народот ја имале привилегијата …