Мечето што пред неколку дена на патот кон Радожда го спаси стружанецот Гоце Митрески е вратено во шума со надеж дека ќе успее да ја најде мајка си. Од Агенција за храна и ветерина за Мета.мк изјавија дека осободувањето на мечето било организирано и со помош на ловечко здружение било пуштено на безбедна локација. Сепак, не помина многу време кога стружани повторно ги контактираа активистите дека излегло од шумата и повторно се движи по прометен пат и изразија загриженост за неговата безбедност.
Загриженост за благосостојбата на малото диво животно изразија и од Четири Шепи (Four Paws), глобална организација за заштита на животните, во допис кој го испратија до Мета.мк.
„Four Paws е свесен за состојбата на младенчето мечка пронајдено во Северна Македонија, кое за жал беше пуштено назад во дивината против нашите препораки упатени до локалните власти. Откако бевме контактиран од лицето кое ја пронашло мечката во близина на пат, експерт од Four Paws советуваше дека здравствената состојба на младенчето треба да ги одреди следните чекори за да се гарантира неговата безбедност. Од гледна точка на благосостојбата и заштитата на животните, наш предлог беше да му се даде шанса за рехабилитација во специјализиран центар и потоа да се врати во дивината“, наведено е во дописот од директорката на секторот Wild animals rescue & Advocasy при Four Paws International, Барбара ван Генне.
Таа истакна дека одлуката на властите да го ослободат младенчето е длабоко загрижувачка затоа што од име на организацијата веднаш му понудиле поддршка на одговорното Министерство за животна средина и просторно планирање на Северна Македонија со сите предложени мерки.
Дека одлуката да се пушти мечето кое неколку дена помина во контакт со луѓе е дискутабилна вели и експертот Диме Меловски од Македонското еколошко друштво (МЕД).
„Не е изнанадувачки мечето да излезе на пат затоа што веројатно нема мајка. Со мечки е многу деликатно затоа што кога се во контакт со човек многу тешко може да се вратат во природа, а поготово кога се работи за мало мече и мислам дека судбината му е запечатена освен ако не се најде мајка му. Мечките се многу прилагодливи на луѓе. Бидејќи се работи за мало мече, тоа значи дека се уште не научило како само да се храни и да се снаоѓа, така што единствено решение а да не биде евтаназија е да се однесе мечето во некое од прифатилиштата за мечки во соседните земји“, рече Меловски.
Сепак, од Агенцијата за храна и ветеринарство се убедени дека постапиле правилно затоа што во недостиг на центар за спасување на диви животни мечето нема каде да се згрижи додека да се организира негов транспорт до соодветно спасувалиште.
„Мечето најверојатно пак ќе избега во шума. Процедурата за спасување на мечето Теди од Шип траеше неколку месеци, пола година. И каде да го чуваме во тој период ова мече. Ова беше најдобрата солуција за да се спаси мечето. Друга работа е што кога ќе се однесеше во Бугарија. Тоа е огромна процедура со дозволи, не само наши дозволи туку и со дозволи од Бугарија. Што може ние да правиме кога државата нема решено вакви работи. Ние веднаш реагиравме и организиравме доброволно ловечки друштва затоа што и самото мече претставува опасност, а да се бара мајката во таква ситуација е многу опасно и може да настрадаат сите што се во нејзина близина“, изјави за Мета.мк инспекторот Пејо Кировски од АХВ.
Олеснување на меѓуграничната процедура за спасување на диви животни беше една од темите кои кон крајот на мај ги дискутираа претставничките на Four Paws International, Иона Данглер и Барбара ван Генне со претставници на повеќе македонски институции. При една од тие средби, генералниот секретар на Владата Методија Димовски ја истакна потребата од создавање легална рамка за заштита и благосостојба на дивите животни во земјата.
Димовски рече дека легислативата на нашата земја во голем дел е усогласена со легислативата на Европската Унија и дека земјата е потписник на меѓународните договори и конвенции што ги допираат овие теми.
Тој изрази уверување дека Владата, Министерството за животна средина и просторно планирање и Парламентот интензивно ќе се ангажираат за унапредување на легислативата за заштита на дивите животни.