Медиапул: Во Бугарија биле прислушувани и предводниците на протестите против власта на Борисов

Медиумите во Бугарија објавуват дека биле прислушувани сегашниот технички министер за култура, Велислав Минеков, адвокатот Николај Хаџигенов и Арман Бабикјан, кои беа меѓу најактивните во протестите против власта минатото лето а медиумите ги нарекуваа „Отровното трио“, пишува бугарски „Медиапул“.

Прислушувањето наводно се вршело во рамки на истражните постапки за избеганиот бугарски олигарх Васил Божков, против кого неделава САД постави санкции и го замрзна целиот негов имот и активи и им забрани на државјаните на САД да реализираат какви било зделки со него.

Во моментот Божков е во Дубаи (таму стигна во февруари минатата година откако обвинителството почна истрага против него) и така избегнува екстрадиција. Бугарското обвинителство го товари за раководење организирана криминална група, обид за поткуп на службени лица, избегнување даноци.

Ова е најновата епизода од случајот за наводно прислушување на опозициски личности од страна на претходната власт. Во протестите против власта предводена од ГЕРБ на Бојко Борисов минатата година се бараше и оставка на Главниот јавен обвинител на Бугарија, Иван Гешев. Уште тогаш Гешев обвинуваше дека протестите се организирани од Васил Божков, а сега, како што дознава „Медиапул“ биле применувани специјални разузнавачки средства во истражна постапка поради сомнеж дека Божков плаќа за протести и за пресметки.

Кога главниот обвинител Гешев обвини дека олигархот плаќа демонстранти, беа објавени негови телефонски разговори со новинарот Огњан Стефанов и со тогашниот пратеник од левицата Александар Паунов, инаку член на маргиналната Комунистичка партија. Во разговорите Божков објаснува дека може да испрати луѓе да протестираат. Обвинителството тогаш инсинуираше дека „заговорот“ оди подлабоко.

Портпаролката на Главниот јавен обвинител, пак, денеска изјави дека во моментот не е утврдено незаконско прислушување на политичари од опозицијата, пишува „Медиапул“.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Болсонаро се криел во унгарската амбасада во Бразилија откако му бил одземен пасошот

Поранешниот бразилски екстремно десничарски претседател Жаир Болсонаро минатиот месец поминал две ноќи во унгарската амбасада …