Медиумите препишуваат полициски соопштенија и не ги следат до крај случаите на фемициди

Медиумите препишуваат полициски соопштенија и не ги следат до крај случаите на фемициди

„Родовиот баланс во секојдневниот живот и во политиката, во сите сегменти во општеството е предуслов за ставање крај на родово базираното насилство“, рече амбасадорката на Сојузна Република Германија. Анке Холштајн во своето обраќање на презентација на Анализата на случаи фемициди во рамки на глобалната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“ – Не молчи. Не трај. Стави крај.

Голема улога во зголемувањето на јавната свест во врска со сите форми на родово базирано насилство, особено во време на пандемија имаат медиумите. Дел од анализата на УНДП се осврнува токму на недоволното медиумско известување на оваа тема, вклучувајќи го и известувањето за фемицидите, како најтешка форма на родово базирано насилство кое означува намерно убиство на жена затоа што е жена.

Според анализата, за медиумите да станат висктински катализатори на промени треба да поведуваат прашања, да информираат, да едуцираат, да го помогнат разбирањето на општата популација за социјалните и општествени теми од интерес и да поттикнуваат дијалог. А, за да го постигнат посакуваниот резултат тие треба за родовите прашања и родово базираното насилство да известуваат на непристрасен начин, со избегнување на виктимизација и стигматизација на жените и жртвите на насилство.

„Во спротивно, медиумите ќе придонесат за зајакнување на стереотипите, предрасудите и креирање погрешна слика за корените на родово базираното насилство, каде што доминираат наративи во кои причината за насилството се бара во жртвата, а не во сторителот или во непостапувањето на институциите. Наративот во кој се бара оправдување за сторителот, претставувајќи го како одговорен, вреден, мирен човек, кој бил почитуван од соседите, ја насочува публиката кон барање вина и одговорност од жртвата“, наведено е во анализата.

При анализата на написи во медиумите поврзани за фемициди од 2017 до 2020 година забележливо е дека во медиумските известувања за убиствата на жени во Северна Македонија се фактографски со претставување на случајот преку информации добиени од дневните билтени на МВР.

„Сите медиумски известувања се речиси исти, многу често со текст што комплетно соодветствува со текстот од дневниот билтен на МВР. Во сите известувања недостасува осврт на убиството како форма на родово базирано насилство, комплексноста на насилството како појава и општествен проблем, неговите причини и последици, како и објаснување на терминот фемицид“, забележува анализата.

Според наодите, во сите известувања недостасува и информација за постапување на институциите, осврт на Кривичниот законик, ратификувани меѓународни документи на оваа тема и можните и очекувани казни за сторителот, а недостасуваат и екпертски изјави или изјави од одговорни лица од институциите. Во известувањата недостасуваат и информации кои ќе ги насочат жртвите каде да побараат помош,

Алармантен е и податокот дека споед наодите за ниеден од фемицидите не беше пронајдено последователно известување за судскиот процес и досудената казна за сторителот.

Она што е забележително е променетиот наратив што се користисти во сензационалистичкото известување, особено при креирање на насловите во стил „љубовна драма“, „семејна драма“ чија основна цел е да го привлечат читателот да го отвори линкот, иако во самиот текст нема многу информации за самиот настан.

Исто така, голем број наслови на медиумските известувања за убиства на жени го вклучуваат начинот на извршување на убиството, како и односот на жртвата и сторителот:

„За убиството на жената во Битола осомничен нејзиниот сопруг, ја убил со сукало“ „Скопјанка починала откако сопругот ја претепал“ „Внук ја убил баба си со метален боксирач – 30 дневен-притвор за убиецот“ „Ужас во Македонија: Со нож ја убил партнерката пред очите на десетгодишното дете“ „Убиство во Драчево: Внук си ја заклал бабата“ „Кочанчанецот ја бодел сопругата со нож, па ја докрајчил со чекан – сè гледал малолетниот син“

Аланизата покажува дека има многу наслови кои предизвикуваат терор кај читателот, но истовремено поттикнуваат љубопитност за дознавање на деталите за убиството, сепак многу малку од медиумските известувања навистина обезбедуваат суштинска и значајна информација за настанот за кој пишуваат во насловот.

Позитивен аспект од анализата на медиумските известувања е дека освен еден исклучок, не е забележан говор на директно или индиректно обвинување на жртвите за тоа што се случило, ниту коментирање на карактерот на сторителот, но од друга страна фактографското известување базирано на преземени текстови од дневните билтени на МВР укажува на недоволно разбирање, незаинтересираност и ниско ниво на посветеност на медиумите за оваа тема.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

На гласачките места во 14 казнено поправни установи своето гласачко право денеска ќе можат да …