Меѓународен ден на мајчиниот јазик: Јавна дискусија за промовирање и подигање на свеста за културната разноликост

Меѓународен ден на мајчиниот јазик: Јавна дискусија за промовирање и подигање на свеста за културната разноликост

Во организација на претседателот на Владата, Оливер Спасовски по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик денеска, во Свечената сала на Владата се одржа јавна дискусија за промовирање и подигање на свеста за мајчиниот јазик и културната разноликост, во рамките на подготовките за донесувањето на Програма за покренување на јавната свест за примена на Законот за употреба на јазиците.

Во продолжение, ви го пренесуваме интегралниот текст од воведното обраќање на премиерот Спасовски:

„Во пресрет на утрешниот Меѓународен ден на мајчиниот јазик, Владата на Северна Македонија, во соработка со сите институции вклучени во овој настан, го дава својот придонес во одбележувањето на овој ден.

Под покровителство на Обединетите Нации и УНЕСКО, цел свет денеска и утре, организира настани со кои се промовираат негувањето и афирмацијата на сите јазици што ги користат народите во светот.

Оваа иницијатива ја зголеми свеста за јазичните прашања и ги мобилизираше сите засегнати страни, владини и граѓански организации во земјите членки на Обединетите Нации, да покренат програми за поддршка на имплементацијата на стратегиите и политиките во полза на различноста на јазиците во сите делови на светот.

Почитувани,

Дозволете ми да ја изразам мојата благодарност што по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, ја прифативте поканата да учествувате и да го дадете вашиот придонес во јавната дискусија за подигнување на свеста за употреба на мајчиниот јазик.

Темата што ја предложи УНЕСКО за одбележување на годинашниот Меѓународен ден на мајчиниот јазик е „Јазици без граници“.

Во таа насока, целта на оваа дискусија е придонес кон промовирање и подигање на свеста за мајчиниот јазик и културната разноликост низ целиот свет, што е од суштинско значење за одржливите општества.

Една од стратешките цели на Владата на Република Северна Македонија е концептот „Едно општество за сите“.

Од формирањето во 2017-та година, Владата континуирано работи на создавање на одржливо граѓанско општество во кое е афирмирана и воспоставена меѓусебна почит меѓу сите етнички заедници во земјата, со истовремено признавање на етничките, националните, верските и културните разлики.

Оваа цел во себе ги обединува посебноста и суштината на нашето заедништво, и во таа насока убеден сум дека сите учесници на денешната дискусија ќе го дадат значаен придонес во таа насока.

Како што се појаснува во Националната стратегија за развој на концептот на едно општество и интеркултурализам, јазикот и јазичните права се многу важни за постигнување еднаквост и за реализација на едно општество за сите граѓани.

За таа цел, постојано треба да се промовираат вредностите на јазичниот плуралитет и неговата кохезивна улога.

Тргнувајќи од оваа стратегија, како и од обврската од Законот за употреба на јазиците, Владата на Република Северна Македонија е задолжена да развие Програма за покренување на јавната свест за доследна примена на Законот за употреба на јазиците.

Главна цел на Програмата за покренување на јавната свест за доследна примена на Законот за употреба на јазиците кај граѓаните, институциите и организациите, е да се разбере важноста и придобивките што ќе ги создаде неговата имплементација во државата.

Примената на Законот за употреба на јазиците се заснова на промовирање на основните човечки вредности, еднаквост на слободите и човековите права и на почитување на различностите.

Концептот на разноличност во Република Северна Македонија треба да се прифати како мост помеѓу различните етнички заедници во земјата.

Како истоветна слика на концептот на Европската Унија и НАТО, како организации кои во различноста го пронајдоа и го јакнат единството и заедништвото.

Постигнувањето на еднакво општество и можности за сите граѓани во нашата држава, е една од целите на Владата на Република Северна Македонија. Програмата за покренување на јавната свест за доследна примена на Законот за употреба на јазиците ќе даде придонес за полесна комуникација меѓу граѓаните како и полесен пристап кон институции со олеснета комуникација на повеќе јазици.

Владата на Република Северна Македонија од 2017 година, е определена да им овозможи на сите граѓани полесно да функционираат во секојдневниот живот и во комуникацијата со институциите.

Го донесовме Законот за употреба на јазиците како дел од нашиот концепт едно општество за сите граѓани, со поддршка на огромно мнозинство од граѓаните во нашата земја.

Покажавме дека водиме грижа за сите граѓани.

Северна Македонија – заедничко и еднакво општество на сите граѓани, е концепт во кој силно веруваме.

Се определивме за политики што ја градат Република Северна Македонија како граѓанска држава на сите кои живеат во неа: Македонците, Албанците, Турците, Србите, Власите, Ромите, Бошњаците и сите други заедници. Креираме јазични политики кои што се сообразуваат според потребите на граѓаните од сите етнички заедници.

Ако некој граѓанин има право да зборува на својот мајчин јазик, со тоа не губат другите граѓани, туку добива Република Северна Македонија, како граѓанска и демократска држава.

Македонскиот јазик денес е признаен во целиот свет. Рамноправен со сите светски јазици. Запишан како македонски јазик во личната карта и во каталогот на нациите во Обединетите Нации. Како што е посебен и рамноправен и македонскиот народ во заедницата на народите.

Како мнозински народ во нашата земја, имаме одговорност да креираме политики и атмосфера за негување, заштита и унапредување, афирмација и поддршка на употребата на сите останати јазици на припадниците на граѓаните кои живеат во нашата земја.

На централно ниво, со примена на Законот за употреба на јазиците се употребува македонскиот јазик и неговото писмо, и албанскиот јазик и неговото писмо. На локално ниво, се употребуваат повеќе јазици освен македонскиот јазик.

Албанскиот јазик се употребува во 25 општини, турскиот јазик во 10 општини, српскиот јазик во 3 општини, ромскиот јазик во 2 општини, босанскиот јазик во 2 општини и влашкиот јазик во една општина.

Ова покажува отвореност на општеството на нашата држава на сите рамништа, особено земајќи предвид дека во неколку од општините во кои се употребуваат повеќе јазици, тоа е направено со одлука на советот, а не поради законска одредба, што ја покажува желбата на институциите да бидат отворени и пристапни кон своите граѓани.

Почитувани,

Со настанот на кој денеска учествуваме сите ние – Дискусија за подигнување на свеста за употребата на мајчиниот јазик – правиме уште еден заеднички чекор на најдобар можен начин да ја промовираме и практикуваме нашата стратешка определба за изградба на концептот „Едно општество за сите“, по углед на големата европска идеја – Обединети во различностите.

Нашата определба да градиме и негуваме општество еднакво за сите, нашата цел да изградиме граѓанско општество, истовремено со почит кон социјалните, етничките, националните, верските и културните разлики – е посебноста и суштината на нашето заедништво. Тоа заедништво што се градеше со векови, за нас претставува обврска за нашата заедничка иднина.

Затоа со право се залагаме и велиме дека разноликостите на нашето општество ги сметаме за наша предност. За наше заедничко богатство. За наша предност.

Нека ни е среќен Меѓународниот ден на мајчиниот јазик!“

Прочитајте повеќе

пошта

Синдикатот на Пошта бара нова систематизација, најавува протести и штрајк

Поштата е на работ на егзистенција, изјави денеска на прес-конференција пред Владата синдикалниот лидер Боро …