Мерц бара забрзана пензиска реформа и промени на пазарот на труд

Мерц бара забрзана пензиска реформа и промени на пазарот на труд

Првиот ден по политичкиот потрес што го предизвика  оставката на Бербел Бас од функцијата министерка за труд и социјала и копретседателка на СПД во владината коалиција, германскиот канцелар Фридрих Мерц  (ЦДУ)  и уште четворица министри беа гости на годишниот Ден на работодавачите организиран од Сојузот на германските работодавачи (БДА).

БДА претставува околу еден милион компании кои вработуваат околу 30 милиони луѓе, односно обезбедуваат повеќе од 60 проценти од работните места во  Германија. Затоа настанот има значајна политичка и економска тежина.

Мерц постави јасни рокови за новиот министер за труд

Запрашан што очекува од новиот министер за труд Александер Швајцер (СПД), Мерц порача дека тој веќе следниот ден за првпат ќе учествува на владина седница.

„Утре првпат ќе биде на седница на кабинетот. Тоа обично трае еден час, а од 11 часот треба да почне работа во министерството и тоа толку брзо и ефикасно што законските предлози за кои се договоривме што поскоро да стигнат во кабинетот“, рече канцеларот.

Мерц јасно стави до знаење дека очекува забрзување на реформите. Според него, Швајцер мора да обезбеди предлог-законот за  пензиска реформа  уште оваа година да биде целосно подготвен и формулиран за да може брзо да помине низ законодавната процедура.

„Ако тоа се постигне, тогаш ја завршил својата работа“, изјави Мерц.

Кон крајот на јуни експертска комисија претстави предлози за реформа на законското пензиско осигурување во Германија. На 1 јули конзервативните коалициски партнери од ЦДУ/ЦСУ и Социјалдемократите се договорија од тие препораки да изготват законски предлог.

Сепак, во  СПД се појави отпор против укинувањето на можноста за пензионирање без намалување на пензијата по 45 години уплата на придонеси. Несогласувањата меѓу коалициските партнери доведоа до застој на реформата.

Канцеларот сега бара реформата да биде усвоена без отстапки.

„Да се замине порано во пензија без намалување на пензијата, ако некој е здрав и способен за работа, не е ниту праведно, ниту пензискиот систем и нашата економија можат да си го дозволат тоа кога сѐ помал број вработени треба да финансираат сѐ поголем број пензионери“, рече Мерц.

Оваа порака воедно претставува и директен предизвик за СПД, каде ставовите по ова прашање остануваат непроменети.

Работодавачите бараат повеќе реформи и побрзи одлуки

Германските работодавачи внимателно ги следат овие дебати. По околу 17 месеци од формирањето на владата, почетниот ентузијазам во деловните кругови се претвори во фрустрација и разочараност.

Фридрих Мерц најавуваше „чиста политика на ЦДУ“, но во коалиција со СПД не успеа да реализира голем дел од ветувањата. Пред сè, владата досега не успеа значително да ја зголеми  конкурентноста на германската економија  ниту трајно да го поттикне растот.

Во изминатата година германската индустрија изгубила околу 177.000 работни места. Особено погодени се автомобилската индустрија, машиноградбата и металниот сектор.

„Не ни требаат нови анализи на состојбата, туку одлуки што компаниите и вработените ќе ги почувствуваат во секојдневниот живот“, изјави претседателот на БДА, Рајнер Дулгер.

Според него, на Германија ѝ се потребни подобри услови за стопанството, помалку бирократија, дигитална, брза и ефикасна држава, одржливи системи на социјална заштита, квалитетно образование, функционална инфраструктура и конкурентни цени на енергијата.

На врвот на агендата на работодавачите е реформата на системите за социјално осигурување. Во Германија работодавачите и работниците подеднакво ги делат трошоците за пензиско, здравствено, осигурување за нега и осигурување за невработеност.

Стареењето и намалувањето на населението ги зголемуваат овие трошоци. Додека стапката на придонеси во последните 15 години беше релативно стабилна и изнесуваше нешто под 40 проценти од бруто платата, сега значително расте.

Годинава од секои 1.000 евра плата дури 423 евра одат во фондовите за осигурување. Без реформи, во иднина би биле потребни уште повисоки придонеси.

Поради тоа трошоците за работна сила постојано се зголемуваат, а нетрпението на работодавачите расте.

Осврнувајќи се на реформските расправи од последните месеци, Дулгер употреби споредба со воз што не тргнува од станица.

„На пат сте кон важен состанок, седите во воз, но возот не тргнува. А одамна знаеме каде треба да стигнеме“, рече тој.

Според него, иако канцеларот притиска реформите да се придвижат напред, во коалицијата има многумина кои ја кочат таа динамика.

Обраќајќи ѝ се индиректно на СПД, Дулгер додаде:

„Оние што сериозно ја сфаќаат социјалната правда не смеат само да прашуваат како да се зачуваат придобивките. Тие мора истовремено да прашаат и како да ги зајакнеме луѓето што ги финансираат тие придобивки, преку работа и плаќање придонеси.“

Тој порача дека сите членови на владината коалиција треба да се ослободат од „тесниот поглед на клиентелистичката политика“.

„Кога сте член на сојузната влада, мора да важи принципот: прво државата, па потоа партијата.“

Судир околу работното време

Работодавачите  бараат и побрза либерализација на работното време. Наместо ограничување од максимум осум работни часа дневно, тие предлагаат воведување неделна горна граница на работните часови.

СПД и синдикатите се против таквата идеја, но Мерц има поинаков став.

Тој посочи дека во некои компании во странство се работи по дванаесет часа во континуитет, трипати неделно, по што работниците имаат повеќе слободно време.

„Тоа покажува дека работењето повеќе од осум часа не е експлоатација, туку може да биде добра можност за компаниите, но и за луѓето што работат во нив“, рече канцеларот.

Според него, предлог-законот за поголема флексибилност на работното време веќе предолго доцни во владината процедура.

Мерц сака да ги прошири и можностите за договори за вработување на определено време, како и полесно отпуштање на највисоко платените работници.

Канцеларот порача дека има волја да спроведе „најобемни реформи во последните децении“ и за тоа е подготвен да влезе во остри политички конфликти.

Осврнувајќи се на фактот дека  само околу десет проценти од граѓаните се задоволни од неговата работа, Мерц изјави:

„Ако не бев во овој конфликт,  моите лични рејтинзи во анкетите  ќе беа подобри. Но немам намера да станам миленик на нацијата.“

Наместо тоа, додаде тој, неговата цел е „да ја насочи оваа земја на вистински курс за, пред сѐ, на младата генерација повторно да ѝ отвори разумна перспектива“.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Шокантно сведоштво на мајката на претепаното девојче од Охрид: „Го прашуваше татко му дали да ја фрли во провалија“

Шокантно сведоштво на мајката на претепаното девојче од Охрид: „Го прашуваше татко му дали да ја фрли во провалија“

Ирена Ѓорѓиеска, мајка на претепаното девојче од Охрид кое сè уште се наоѓа на болничко …