Мерц ги брани трошоците за одбрана и предупредува од АфД

Мерц ги брани трошоците за одбрана и предупредува од АфД

Германскиот канцелар Фридрих Мерц (ЦДУ) ги бранеше значително зголемените трошоци за вооружување на Германија. Во летното интервју за АРД во неделата навечер (30.08) тој предупреди дека не треба да се прават кратења на планираните воени издатоци и новите набавки во следните години со цел финансиски да се растоварат граѓаните.

Канцеларот изјави: „Што ни користи и најдобриот родителски додаток ако ја загубиме нашата слобода и ако мирот во Европа е загрозен?“ Слободата и мирот се „приоритет што мора да го постигнеме“. Само тогаш, според него, Германија може да обезбеди и економски развој.

Германија Берлин 2026 | Канцлеларот Фридрих Мерц разгледува модел на дрон кој му го покажува маж со брада
Канцеларот Фридрих Мерц и модел на дрон – на германско-украинските владини консултации во април 2026 година стана збор и за договор со беспилотни летала меѓу двете земји

Критика на политиката на претходниците

„Мораме да ги коригираме дефицитите од последните 15 години“, рече Мерц во врска со опремувањето на германската армија. „Бундесверот не е таму каде што би требало да биде. Мораме да можеме да се браниме во Германија.“

Сепак, канцеларот се заложи проектите за модернизација на Бундесверот да се реализираат „многу поекономично“ и притоа посочи на соработката со Украина, која покажува дека производството може да биде поевтино.

Во емисијата, Мерц речиси 30 минути одговараше на прашањата на Маркус Прајс, раководител на студиото на АРД во Берлин. Како и во повеќе медиумски настапи од неговото враќање од одмор пред нешто повеќе од една недела, така и на завршната прес-конференција по владината работна седница во средата во Нојхарденберг, Мерц се осврна на безбедносните закани и неопходноста од зголемените воени трошоци. Притоа ја спомена загрозената Украина, но не експлицитно Русија или нејзиниот претседател Владимир Путин.

Германија, Берлин 2026 | Фридрих Мерц и Маркус Прајс на летното интервју на АРД
Канцеларот Фридрих Мерц во летното интервју за АРД

Тоа важеше и за прашањето на Прајс за германската реакција на инцидентот на аеродромот во Лајпциг, каде на 4 август беспилотно летало со експлозив, од непознато потекло, падна во непосредна близина на украински транспортни авиони. За овој „случај од Лајпциг“, владата ќе реагира „во наредните денови“, рече Мерц. Реакцијата ќе биде „конечно усогласена со Европската Унија и со партнерите во НАТО“. Германските сојузници нема да бидат „изненадени“ од неа.

Предупредување за успех на АфД во Саксонија-Анхалт

Осврнувајќи се на покраинските избори во Саксонија-Анхалт во недела (6.09), на кои АфД, која германската Служба за заштита на уставниот поредок ја класифицира како десноекстремистичка, според анкетите треба убедливо да стане најсилна политичка сила и се надева на апсолутно мнозинство, канцеларот предупреди од драматични економски последици.

„Покраината ќе претрпи значителна штета ако се случи она од што сега се плашиме“, рече Мерц за можната изборна победа на АфД. Тој не може да замисли дека меѓународни инвеститори би дошле да отвораат нови фабрики и компании во Саксонија-Анхалт со премиер од редовите на АфД. Сепак, нагласи дека одлуката е во рацете на гласачите.

На забелешката на новинарот дека Мерц „секогаш“ велел дека под негово политичко водство изборните резултати на АфД би биле преполовени, канцеларот возврати дека тоа не го кажувал „секогаш“, туку „последен пат во 2018 година“.

Германија, Хамбург 2018 | Фридрих Мерц зборува на конгрес на ЦДУ
Фридрих Мерц се обиде да го преземе претседателството на ЦДУ за прв пат во ноември 2018 година, но не успеа да победи. На конгресот на ЦДУ во Хамбург, тој водеше кампања врз основа на ветувањето дека, под негово политичко водство, уделот на гласовите на АфД на изборите ќе се преполови

Тогаш, според него, во контекст на „миграциската криза“ можело да се поправат уште многу работи. Промената на курсот што неговата влада сега ја спроведува во миграциската политика требало да се случи уште во 2018 година.

По телевизиското интервју, Мерц одговараше и на прашања од онлајн-заедницата преку дигиталните платформи и социјалните мрежи на АРД. Според агенциските извештаи, тој изразил скепса кон иницирање постапка за забрана на АфД како партија.

Сепак, рекол дека не сака да се затвори за барањата „барем таканаречениот етнонационалистички дел од АфД да биде забранет“. Но, во Германија условите за забрана на политичка партија се „многу, многу строги“.

Жена за претседател на Германија?

Оваа недела Мерц ќе има уште неколку обврски во Саксонија-Анхалт, но засега не се најавени јавни предизборни настапи. Веднаш по покраинските избори завршува парламентарната летна пауза и Бундестагот повторно ќе започне со работа.

Пратениците најнапред ќе се занимаваат со сојузниот буџет за 2027 година. Дел од таканаречената буџетска недела е и генералната расправа за буџетот на кабинетот на канцеларот, кога традиционално владејачките партии и опозицијата жестоко дебатираат за политичкиот курс на владата.

Мерц повторно не сакаше да се изјасни дали посакува жена да биде идниот шеф на државата. Мандатот на претседателот Франк-Валтер Штајнмајер завршува во средината на март 2027 година. За негов наследник Сојузното собрание треба да одлучува на 30 јануари.

Германија, Берлин 2026 | Реконструкција на кабинетот | Штајнмаер и Мерц при назначувањето на министрите
Претседателот Франк-Валтер Штајнмјер (л.) и канцеларот Фридрих Мерц во палатата Белви на крајот на јули 2026 година

„Не е тајна дека имам многу симпатии кон таа идеја“, рече Мерц. Но, поважно е Германија да има претседател кој ќе го обединува општеството и ќе има силен интегративен капацитет. Тоа е поважно од прашањето за полот. Сепак, тој додаде дека во Унијата има неколку жени на кои би им ја доверил таа задача.

Меѓу жените од Унијата кои со месеци се спомнуваат како потенцијални кандидатки пред сѐ е претседателката на покраинскиот парламент на Баварија, Илзе Ајгнер (ЦСУ), која има и политичко искуство на сојузно ниво. Во игра се и политичарките на ЦДУ Карин Прин и Јулија Клекнер, како и претседателката на фондацијата „Конрад Аденауер“, Анегрет Крамп-Каренбауер.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

СДСМ: Скандал кој Јаневска и ДПМНЕ го кријат - ученици однесени во казино во Монте Карло за да се коцка директорката

СДСМ: Скандал кој Јаневска и ДПМНЕ го кријат – ученици однесени во казино во Монте Карло за да се коцка директорката

Прес-конференција на Јованче Манасков, претседател на Комисија за образование и наука на СДСМ Денеска објавуваме …