Меркел и Макрон предложија посебен буџетски фонд од 500 милијарди евра за економско заздравување од корона вирусот

Германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот престедател Емануел Макрон предложија основање на посебен буџетски фонд за заздравување од економските последици од пандемијата со корона вирусот, во износ од 500 милијарди евра.

Фондот би бил поврзан со новиот буџет на ЕУ за периодот од 2021 до 2027 година, а парите ќе ги обезбеди Европската комисија со дополнително задолжување на финансиските пазари. Предноста е тоа што Комисијата има висок кредитен рејтинг и може евтино да се задолжи за разлика од земјите со висок јавен долг кои имаат лош кредитен рејтинг и задолжувањето е поскапо, како на пример што се Шпанија и Италија кои се најпогодени од корона вирусот.

Од овие 500 милијарди евра најголем бенефит ќе имаат токму овие две земји, а трошокот од финансирање на економското заздравување ќе се распореди на најбогатите членки, односно земјите кои најмногу придонесуваат во буџетот.

При носењето на првиот сет на мерки, Германија беше изрично против идејата за колективен европски долг, кој го предложија Шпанија и Италија. Италија се закани дека ќе ја напушти Европска унија, доколку не се дојде до решение за помош во заздравување на економиите.

Овој предлог сè уште не е усвоен додека за него позитивно не се изјаснат сите 25 земји-членки, но бидејќи предлогот доаѓа од Германија и Франција, голема е веројатноста да се усвои, со што ова би значело чекор понапред кон поинтегрирана Европа, бидејќи корона вирусот во голема мера ја разниша нејзината обединетост.

Францускиот претседател Макрон оцени дека ова претставува голем чекор, односно вистинска заедничка стратегија за дополнување на европскиот буџет.

Германската канцеларка Меркел истакна дека Европа ја доживува најголемата криза во нашата историја.

„Време е да возвратиме. Германија и Франција се борат заедно за европската иднина. Поради необичната природа на кризата, ние избираме необичен пат“, изјави таа.

Главниот европски аналитичар Мујтаба Рахман за Евроазија, овој чекор го нарече „европска револуција“ доколку помине помеѓу државите. На овој начин, вели тој, Европа ќе може да собере пари и да ги вложи директно во земјите, регионите и индустриите каде што има најголема потреба без дополнително да се зголеми нивниот долг и да ја влоши економската состојба.

Парите ќе бидат обезбедени за економските сектори и регионите кои се најтешко погодени од вирусот.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Болсонаро се криел во унгарската амбасада во Бразилија откако му бил одземен пасошот

Поранешниот бразилски екстремно десничарски претседател Жаир Болсонаро минатиот месец поминал две ноќи во унгарската амбасада …