Мерките ќе ја намалат цената на струјата околу Нова Година

Мерките ќе ја намалат цената на струјата околу Нова Година

Македонската влада конечно ги слушна барањата на производителите кои треба да добиваат цена на струјата од 80 евра за мегават час. Најавеното поевтинување од 10% во вакви услови е реално можно.

Подобро некогаш, отколку никогаш! Вака накусо се сведува реакцијата на производителите на храна кои безмалку една година чекаа Владата да повлече чекор за намалување на енормно високата цена на струјата. Договорот конечно падна и гласи: од први декември производителите на основните прехранбени производи ќе треба да добиваат цена на струјата од 80 евра за мегават час. Оваа цена е речиси двојно пониска од актуелните цени на стујата која ја плаќаат производителите и кои влијаеја на драстично зголемување на цените на редица производи во маркетите. Производителите се генерално задоволни и сметаат дека се создадени услови за намалување на цените на крајните производи:

„Мерката е позитивна, иако нашите барања како индустрија беа да се интервенира уште лани во ноември, кога почна зголемувањето на цените. Но, најверојатно се чекаше на ребалансот на буџетот за да се ослободат средства за ваква намена. Јас би рекол подобро некогаш, отколку никогаш“, изјави за ДВ Горан Малишиќ, претседател на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија во Стопанската комора.

„За доброто на граѓаните и компаниите“

Клучниот чекор со мерката е направен, но ефектите од неа ќе треба да следуваат откако таа ќе стане оперативна по први декември:

„Компаниите во приоритетната дејност ќе можат да ги склучат договорите, со што ќе се нормализира цената на електричната енергија и ќе дојдеме до некоја нормала. Ќе има одредена стабилизација по имплементацијата на мерката, по некои триесетина денови од добивањето на сметките. Ние како општествено одговорна индустрија не планираме во континуитет само да ги зголемуваме цените, тоа се непазарни услови и се создаваат проблеми. Ова е за доброто на граѓаните и за компаниите, оти со вакви енормни цени на струјата не можеме да се покриеме со оперативни средства за плаќање“, смета Малишиќ.

Ако фирмите навистина ги намалат цените за 10%, лебот ќе може да се продава за 5 до 8 денари поевтино
Ако фирмите навистина ги намалат цените за 10%, лебот ќе може да се продава за 5 до 8 денари поевтино

Дека мерката е позитивна немаат дилеми и останатите инволвирани во оваа клучна производствена гранка. Очекуваат дека се создадени условите занамалување на малопродажните цени за околу 10%:

„Мерките кои што се донесоа можеби требаше да бидат побрзи и поефикасни, но ние сме сепак задоволни што воопшто се случи. Ова е позитивен чекор и ќе обезбеди пониска цена за основните прехранбени производи за извесен период. Тоа би се случило околу Нова Година. Од први декември ќе започне да важи пониската цена за струјата, а од 15 ноември до 1 декември ќе треба да се склучат договорите со ‘ЕСМ продажба’ по утврдената цена од 80 евра, на што дополнително ќе треба да се плаќа и цена за дистрибуцијата. Ќе треба да се направи стабилизација на пазарот, да се почувствуваат бенефитите во компаниите од намалената цена на струјата и од Нова Година би требало да се почувствува десетпроцентно намалување, но доколку другите околности не се сменат“, вели Горан Георгиевски, претседател на Агро-бизнис комората при Сојузот на стопански комори.

Војната во Украина предизвикува страв

Во актуелните услови, главниот страв за домашните производители се околностите во и околу Украина. Тие се менуваат секојдневно, а од вчера ескалираа со повторна блокада за извоз на жито, односно пченица.

„Од вчера сме сведоци дека повторно нема извоз на украинско жито, бидејќи Русија тоа го спречува поради тамошната ескалација на конфликтот и сега тоа ќе прави притисок на берзата за цените на пченицата, односно на житото. Цената е веќе зголемена, притисокот е присутен не само кај цените на овие производи, туку и кај вештачкото ѓубриво и дефинитивно дека може да има проблеми. Но тоа е реалноста и ние на тоа, за жал, не можеме да влијаеме“, смета Горан Георгиевски.

Војната во Украина и проблемите со извозот на жито предизвикуваат страв
Војната во Украина и проблемите со извозот на жито предизвикуваат страв

Дел од производителите се надеваат дека оваа блокада ќе биде краткотрајна и дека нема позначајно да ги поремети состојбите на меѓународниот пазар:

„Па видете, цената на пченицата од утринава е зголемена за 8% и дефинитивно дека тоа не нѐ прави среќни како индустрија, народ и држава. Генерално е многу тешко и предизвикувачки, но јас сум сепак оптимист дека ќе има стабилизација и ќе се надминат проблемите“, коментира Горан Малишиќ.

– повеќеЛетно сметање на времето и во зима – колку струја може да се заштеди

Се очекува поевтинување на основните производи

Владината одлука за пониска цена на струјата се однесува на компаниите производители на масло за јадење, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи, месната и живинарската индустрија. Станува збор за идустрија во која цената на струјата има значителна улога. Колку конкретно зборува податокот дека во мелничарско-пекарската индустрија таа учествува од 15 до 20% во производствените трошоци.

Од Владата очекуваат дека мерката ќе има позитивни ефекти врз крајните цени:

„Со овие мерки компаниите, производителите на основни прехранбени производи, ќе имаат предвидливост, стабилна и поевтина струја, што крајно ќе влијае и врз стабилизирање на цените на финалните производи кои се произведуваат и се продаваат од овие компании. Веќе беше јавно соопштено од производителите на основни производи дека со ваква одлука цените треба да се намалат за најмалку 10%“, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

Ако фирмите навистина ги намалат цените за 10%, лебот ќе може да се продава за 5 до 8 денари поевтино, маслото за јадење за 15 денари, а млекото за 7,5 денари поевтино. Сирењето, кое енормно поскапе, тогаш би требало да се продава поевтино за 25 до 50 денари. Владата најави дека ако трговците не ги спуштат цените за 10%, следен чекор ќе биде замрзнување на крајните цени на производите.

Освен за индустријата која произведува основни прехранбени производи, Владата донесе мерка и за цената на струјата за училиштата и како и за јавните претпријатија од областа на водоснабдувањето. Од први декември тие ќе можат да склучуваат договори со „АД ЕСМ“ за набавка на струја по 95 евра за мегават час.

Прочитајте повеќе

Извештај на ОН: Климатските промени загрозуваат 70 отсто од работната сила

Извештај на ОН: Климатските промени загрозуваат 70 отсто од работната сила

Меѓународната организација на трудот (МОТ), која е дел од Обединетите нации, проценува дека 2,4 од …