Мета факт: Дигитализацијата при вселување во студентските домови во Скопје не функционира

Мета факт: Дигитализацијата при вселување во студентските домови во Скопје не функционира

Во мај годинава, Државниот студентски дом – Скопје најави дека упишувањето во државните студентски домови на почетокот на академската година ќе се дигитализира, со што ќе се стави крај на чекањето во долги редици и обемната документација при вселувањето. Сепак, најавената дигитализација не профункционира на почетокот на академската 2022/2023 година, а долгите редици од студенти пред студентскиот дом „Гоце Делчев“ од 9 септември годинава, покажуваат дека ветувањето за дигитализација сѐ уште не е исполнето.Мета факт: Дигитализацијата при вселување во студентските домови во Скопје не функционира

Државниот студентски дом – Скопје на 9 мај на својата страница на Фејсбук најави дигитализација на процесот на вселување во студентските домови, при што студентите беа охрабрени дека уписот ќе можат да го остварат со „само неколку клика на еко-веб страната“ на домот.

„Уписот во студентски дом ве асоцира на чекање во долги редици, обемна документација и безброј банкарски уплатници? Отсега, истото ви е достапно со само неколку клика на нашата еко-веб страна: www.dsdskopje.mk при почеток на академската година. Овозможуваме целосна дигитализација на студентската евиденција“, стои во Фејсбук објавата на ДСД – Скопје од мај годинава.

Во друга објава, 7 дена подоцна, на истата социјална мрежа Државниот студентски дом, кој раководи со државните студентски домови во главниот град, ги извести студентите дека долгите редици во банките што ги „нервираат“ кога ќе дојде време за плаќање на месечниот надоместок за престој во домовите, исто така стануваат минато бидејќи и плаќањето на станарината се дигитализира.

„Отсега, плаќајте брзо и едноставно преку веб апликација на нашата еко-веб страна www.dsdskopje.mk. Бирократските процеси се минато“, пишува во објавата.

Оваа најава директорот на ДСД – Скопје, Виктор Велевски, ја повтори и во изјава за новинската агенција Мета.мк, при што посочи дека целта на дигитализацијата е да се избегнат редици и целиот процес на вселување да биде брз и олеснувачки, како за студентите, така и за администрацијата.

„Дигитализацијата овозможува автоматско генерирање на договорите за сместување со што се олеснува процесот на сместување и избегнување на редици пред студентските домови. Воедно, со инсталација на овој софтвер се олеснува и административното работење, а овозможува дигитализирање на сите дејности кои ги извршува студентскиот дом како економски оператор (booking, aribnb, исхрана итн)“, изјави Велевски за Мета.мк во мај.

Тој тогаш извести дека се воведува „унифицирана студентска картичка“ која ќе биде официјална картичка што ќе ја добие секој студент кој престојува во ДСД Скопје и дека истата, покрај олеснувањето на административните процедури, овозможува користење на машините за рециклирање на пластична амбалажа преку кои студентите добиваат поврат на средства од секоја рециклирана амбалажа.

„Со дигитализацијата, т.е. со воведување на студентската картичка, средствата кои студентите ги прибираат по основ на рециклирање ќе можат да ги користат во бифеата на ДСД Скопје, а исто така ќе може да внесуваат парични средства на истата за плаќање на станарината по електронски пат“, најави директорот на ДСД – Скопје.

Меѓутоа, при вселувањето во студентските домови на почетокот на тековната академска 2022/23 година, евидентни беа редиците од студенти при дел од студентските домови. Мета.мк ја забележа гужвата пред студентскиот дом „Гоце Делчев“, каде студентите по неколку часа го чекаа својот ред за вселување во домот.

Наместо процесот на вселување да се одвива преку најавениот дигитализиран систем, студентите сепак мораа да купуваат хартиени документи, а уплатата за сите надоместоци мораа да ја извршат во банка.

Деталната постапка при вселувањето беше истакната и во самиот студентски дом, при што јасно е напишано дека документите се поднесуваат до комисијата за вселување. Од фотографиите објавени на социјалните мрежи се гледа дека неколкуте документи студентите во „Гоце Делчев“ ги чинеле 500 денари.

Мета факт: Дигитализацијата при вселување во студентските домови во Скопје не функционира
фото: @studentarijamk / Инстаграм

Понатаму, на интернет-страницата на ДСД – Скопје, пишува дека студентската картичка која треба да ја добијат студентите е бесплатна. Од фотографијата, пак, се гледа дека за оваа картичка студентите сепак требало да платат 300 денари.

На крај, повеќе од еден месец по вселувањето во студентските домови, студентите сѐ уште не ги добиле најавените студентски картички за кои платиле и кои треба да ги користат за исхрана, плаќање на станарина и рециклирање.

Од ДСД – Скопје велат дека во завршна фаза е имплементирањето на финалните процедури на најавената платформа. За користење на бенефитите од ваквата платформа пак, студентите ќе треба да почекаат уште некој месец.

„Дигитализацијата на домувањето е еден од најголемите приоритети на домот и затоа во моментов се врши имплементирање на финалните процедури на платформата која ја предвидовме. Овој процес, кој е во завршна фаза, ќе биде проследен и со издавање на “Студентската картичка”, со што ќе се заокружи првата фаза од проектот. Во втората фаза, се очекува студентите да ги користат картичките и да работиме на истакнување на придобивките и намалување на проблемите, доколку истите се јават, како и подигнување на еко-свеста на младите“, велат од Државниот студентски дом – Скопје.

Вина за доцнењето на дигитализацијата очигледно има и Министерството за образование и наука, бидејќи ДСД- Скопје сѐ уште не ги добил списоците со примени студенти во домовите, кои ги составува МОН.

„Во секој случај, за овој проект да биде 100% успешен, потребна е непречена и навремена комуникација и размена на информации со Министерството за образование и наука, кои ги имаат списоците со примени студенти пред почетокот на академската година, за коешто ние секојдневно инсистираме и се залагаме од наша страна“, велат од ДСД – Скопје.

Земајќи го предвид фактот дека Државниот студентски дом – Скопје и неговиот директор Виктор Велевски најавија дигитализација на вселувањето во домовите на почетокот на академската година, а со тоа и ставање крај на обемната документација и долгите редици, можеме да заклучиме дека ова ветување на почетокот од академската 2022/23 година не е исполнето, додека пристигнувањето на студентската картичка што ќе ја користат студентите во домовите е во тек.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Кривична пријава од СДСМ Прилеп за Јовчески

СДСМ Прилеп: Кривична пријава за градоначалникот Јовчески заради незаконски потпишан анекс на Договор за јавна набавка

Прес-конференција на Моника Грашеска Илиеска, координатор на советничката група на СДСМ и Коалицијата во Советот …