Мета факт: Никако да почне реновирањето на студентските домови

Мета факт: Никако да почне реновирањето на студентските домови

Долгоочекуваното и големо најавувано реновирање на студентските домови во земјава, со кое тие треба да станат „современи и енергетски ефикасни“, никако да почне. Од првата, стартот на градежните работи сега се одложува за втората половина од годинава. Иако проектната документација за домовите кои треба да бидат реновирани во првата фаза е изработена, надлежните сега најавуваат нов рок за почеток на градежните работи. Иако подготовките се во тек, кажаното во изјавите на Министерството за образование и наука (МОН) и првиот човек на ова министерство, Јетон Шаќири дека реновирањето на студентските домови ќе започне на почетокот од годинава, не е исполнето.Мета факт: Никако да почне реновирањето на студентските домови

Пред средбата што на 17 ноември 2022 година министерот Шаќири ја одржа со студентите и собраниските пратеници, а по претходните преговори меѓу студентите и државата и кратките студентски протести, министерот изјави дека првата фаза за реновирање на неколку домови треба да почне во „јануари-февруари“.

Изјавата ја пренесоа повеќе медиуми, меѓу кои и: „360 Степени“ и „Независен.мк“.

„МОН веќе има добиен проект кој треба да почне што побргу. Очекувам првата фаза да биде во јануари-февруари кога е предвидено реновирање на неколку студентски домови. Акцискиот план предвидува за три години да бидат реновирани сите студентски домови во нашата земја“, истакна министерот Јетон Шаќири на 17 ноември 2022 година.

Претходна најава дека реновирањето на студентските домови ќе започне во првите месеци од годинава даде и Министерството за образование и наука, кое за интернет порталот Факултети.мк изјави оти градежните работи треба да започнат во март годинава.

„Се очекува да се започне со градежни работи во март 2023 година. Реконструкцијата на студентските домови се очекува да трае 30 месеци од започнувањето на работите“, рекоа од МОН во изјава на 28 октомври 2022 година дадена за и објавена од Факултети.мк.

Сепак, и покрај тоа што според една од изјавите, стартот на градежните работи за реновирање на студентските домови се очекува за „јануари-февруари“, а според друга „во март 2023 година“, во тек е петтиот месец од годината – мај, а градежните работи не се на повидок.

Мета.мк упати прашања до МОН за тоа зошто доцнат градежните активности и кога се планира да започне реновирањето на студентските домови во Македонија.

Во одговорот од МОН се вели дека реализацијата на работите е предвидена во три фази, при што во првата треба да се реконструираат студентските домови каде состојбата е најитна – „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски – Питу“ во Скопје.

Токму овие два студентски дома во моментов се затворени или делумно затворени. Така, две од трите згради во „Стив Наумов“ од минатата академска 2021/2022 година не се функција. Од оваа учебна година, пак, целосно затворен е и студентскиот дом „Кузман“.

„Согласно утврдената динамика, реализацијата на работите е предвидена во 3 фази. Во првата фаза предвидена е реконструкција на студентските домови ’Стив Наумов‘ и ’Кузман Јосифовски Питу‘, во втората фаза е предвидена реконструкција на студентските домови ’Томе Стефановски-Сениќ‘, ’Никола Карев’ – Охрид, ’Браќа Миладиновци’ – Штип, ’Народен херој Орде Чопела’ – Прилеп, кои е предвидено да бидат NZEB (Near zero energy building), а во третата фаза реконструкција на мензата на студентскиот дом ’Гоце Делчев‘ и на студентските домови ’Кочо Рацин‘ – Битола и ’Пелагонија‘“, се вели во одговорот на МОН за Мета.мк.

Од таму појаснуваат оти изработката на проектната документација за студентските домови кои се дел од првата фаза „(Стив Наумов и „Кузман Јосифовски – Питу“) е завршена, за истите е добиена позитивна ревизија и тендерската документација е подготвена и доставена до Германската развојна банка за одобрување, по што ќе следи тендерска постапка.

МОН сега очекува градежните работи во овие два студентски дома да започнат во втората половина од годинава и да завршат во рок од 18 месеци, односно некаде во 2025 година.

„Отпочнувањето со работа на студентските домови предвидени за реализација во првата фаза се очекува во втората половина на 2023 година и предвидено е да трае 18 месеци. Почетокот на работите за останатите две фази предвиден е во првата половина на 2024 година, при што исто така рокот за изведба е предвидено да биде по 18 месеци“, велат од МОН.

Од МОН велат и дека за двата студентски дома од втората фаза („Браќа Миладиновци“ – Штип и „Народен херој Орде Чопела“ – Прилеп) биле изготвени проекти и за истите е добиена позитивна ревизија.

„Проектната документација за останатите два студентски дома од втората фаза (Никола Карев – Охрид и Томе Стефановски Сениќ – Скопје) ќе биде готова до 01.07.2023 година. Паралелно со завршувањето на проектната документација ќе се работи на подготовка на тендерската документација за студентските домови од фаза 2“, велат од МОН, од каде додаваат дека проектот за студентските домови од фаза 3 (домовите „Кочо Рацин“ во Битола, „Пелагонија“ во Скопје и мензата во „Гоце Делчев“ во Скопје) ќе биде изготвена до 1 октомври.

Со реконструкцијата на сите девет државни студентски домови, се очекува тие да станат современи и енергетски ефикасни.

Имајќи ги предвид моменталната ситуација во државните студентски домови каде не се забележани градежни работи, но и одговорот од Министерството за образование и наука, можеме да оцениме дека кажаното во двете изјави на МОН и министерот Јетон Шаќири дадени во октомври и ноември 2022 година не е исполнето.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Владините лопати се фрлаат и на 40 степени

Владините лопати се фрлаат и на 40 степени

Топлото време и екстремно високите температури не беа пречка премиерот и повеќе владини и локлани …