Мицкоски ги виде отворените врати на Европа

Мицкоски ги виде отворените врати на Европа

Најголемиот „сојузник“ и поддржувач на ВМРО ДПМНЕ и на Мицкоски во оддржување на тензиите до изборите, верувале или не, стана бугарската политика на провокации.

Пишува: Ерол Ризаов

Не можам да ви опишам какво олеснување ме спопадна кога ја слушнав веста на годината: „Мицкоски се врати од одмор.“ Ваау, подрипнав од радост како да ми јавиле дека сум негативен на тестот од разни вируси и микроби.

Веќе бев загрижен дека почнувам да се бугаризирам. Тоа го открив сосема случајно гледајќи ја БНТ, (Бугарската национална телевизија), замислете, не сум знаел дека знам бугарски јазик. Само до пред десетина дена разбирав по некој збор од секоја посложена реченица. Како отиде Мицкоски на одмор не само што почнав да разбирам бугарски, туку и да потпевнувам. Си го гризнав јазикот, што ти е асимилација. Ти влегува во соба и ти ја вади душата со памук без да сетиш. Се разбира, ако немаш доволно патриотски капацитет.

Го нема спасителот и готово. Стануваш Бугарин.

Фала му на Бога, имало спасение грешним, Мицко се врати и веднаш се фати на работа. Нема промена на Уставот додека е тој претседател на ВМРО ДПМНЕ. Сите остануваме тоа што сме за навек. А, како и не би кога ја стави својата глава на олтарот на државата. Рече, ако се изгласа во Собранието Бугарите да влезат во Уставот, тој заминува засекогаш од политиката. Која храброст и саможртва, каков патриотизам. Херојство од највисок ранг, рамносилно на најсветите јунаштва на саможртвување опеани од народот. Подобро политички мртов, отколку жив да се предаде на непријателот.

Руски рулет со ќор фишеци

Само пред месец дена го осуети планот за негова физичка ликвидација, а еве сега во својот најголем подем кога е пред најголемата изборна победа во историјата на ВМРО ДПМНЕ ја става кариерата како на руски рулет, ама без ниту еден куршум во буренцето од револверот. Поголем ќор-фишек немало во историјата на македонскиот народ.

Лесно му беше на Зоран Заев да се закани со оставка и повлекување од политиката на изгубени локални избори, ако го загуби и Скопје во вториот круг. Ова е нешто сосема друго. Ова не е закана, туку само потсетување до 44 пратеници на револуционерната партија од нивниот лидер, кој има огромна доверба во нив, случајно да не  тргнат по погрешниот  пат на предавниците како што се случи по Преспанскиот договор кога се изгласаа уставни промени.

Не се доволни само нотарските оставки, или можеби некој не потпишал, или пак немаат правна валидност за вакви случаи. Вака најавата на оставка на лидерот може да предизвика сенародна длабока загриженост да не почне непречено бугаризацијата и асимилацијата.

Остана неразјаснета само дилемата дали барањето за референдум ќе го поднесат до Собранието сите 44 пратеници, или ќе се оди на собирање 150 илјади потписи. Треба да бидеме спокојни и тоа многу бргу ќе биде решено. Мислам дека ако нема законски пречки, големата дилема најдобро е да се реши на елегантен и најсигурен начин што ќе се применат и двете можности, оти предавниците можат да смислат некоја ујдурма. Па така што е сигурно, сигурно е. И 44 потписи на пратениците и 150 илјади потписи на граѓаните.

И конечно, зошто само 150 илјади кога можат да се соберат и 300 и 400 илјади потписи, па и повеќе. Нема потреба од ограничувања ако е во прашање повлекувањето од политиката на спасителот на националните и државни интереси. Тоа би било полн погодок оти за ова не се виновни само Бугарите, уште помалку ЕУ, туку се работи за дебакл на катастрофалната политика на предавничката коалициона влада, нокдаун на дипломатијата.

Дури и да не успее референдумот како што беше случај со Преспанскиот договор кога речиси 650 илјади луѓе гласаа „за“, а само 20 илјади „против“, што е далеку од потребните над 800 илјади гласови излезност за успешен референдум. Во овој случај, таков резултат со 600 илјади чисто македонски гласови би бил одличен капитал  за парламентарните избори кога и да се одржат. Каков референдум, тој е смислен само Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ успешно да ја одржуваат тензијата за опасноста од бугаризација и асимилација на македонскиот народ, што засега добро им оди со извонредна помош на бугарските провокации.

Извор: DW

Целиот текст ТУКА

Прочитајте повеќе

Д-р Венко Филипче средби со граѓани (2)

Филипче: ВМРО-ДПМНЕ и Николоски ја губат поддршката во четворката, затоа вадат пропаднати афери стари три години

Кандидатот на СДСМ и коалицијата во изборна единица четири, денес беше помеѓу граѓаните на Прилеп …