„Народот е желен за правда – ако судиите од Судски совет водат инает и не се соочат со барањето за оставка, ќе се соочат со масовни протести, коишто ќе ги поддржам“. Ваква порака испрати премиерот Христијан Мицкоски, откако неколку дена по интерпелацијата во парламентот против петмина членови на Судскиот совет, тие и понатаму остануваат на своите функции.
Посочувајќи дека станува збор за предупредување, коешто бил обврзан да го испрати, бидејќи „ако не фатат на спиење и се случи народ, може да има поголеми последици“, Мицкоски го повтори ставот дека мал дел од обвинителите и судиите се последниот браник на СДСМ и ДУИ.
„Јасно е од нивното однесување. Јасно е и тоа што го прават дел од членовите на Судскиот совет, дека практично ги поддржуваат тие политики. Исто така јасна е одлуката на пратениците на Собранието коишто изгласа недоверба кон нив“, вели премиерот, кој смета дека е „доблесно и чесно да не прават трикови и да бараат дупки во законите, туку да заминат од функциите“.
Посочувајќи дека „поединци од таму тераат инает и мислат дека со инает ќе успеат нешто да направат“, тој вели дека ги слуша реакциите на народот којшто е желен за правда.
„Доколку не постапат соодветно на одлуката на тие кои ги бираа, а тоа се парламентарците, се плашам дека може да им се случи народ – да се самоорганизира и да протестира затоа што народот е желен за правда. Ние излеговме на избори, освоивме пола милион гласови, а правдата ни беше важен дел од програмата. Правда за сите, не само за поединци. И во име на тоа, имам чувство дека доколку дојде до ваква ескалација и да излезе народ да протестира, дека тој може да биде многуброен и нормално, поддржан од мене“, порача премиерот

„Преседан и упад во судството“
Изјавата следи откако Собранието на Северна Македонија на 11 март им изгласа недоверба на петмина членови на Судскиот совет избрани од парламентот, откако мнозинството пратеници ја поддржаа интерпелацијата на Весна Дамева, Павлина Црвенковска, Миљазим Мустафа, Тања Чачарова-Илиевска и Селим Адеми. Аргументите за ваквата одлука беа дека „членовите на Судскиот совет имале значителен придонес во загрозување на независноста, професионалноста и угледот на судството и придонеле за падот на довербата на граѓаните кон судството“. Интерпелацијата не значи и престанок на нивните функции. Поради тоа, владејачката партија изминативе денови го засили притисокот со упатување повици до членовите на Судскиот совет да поднесат оставки.
Американската амбасада порача дека со внимание ги следи процедурите во македонското Собрание и изјавите во врска со изгласаните интерпелации за петмината членови на Судскиот совет. „Најважно од сѐ е процесот да се следи на јасен и транспарентен начин“, вели амбасадорката на САД, Анџела Агелер.

„Распад на уставниот поредок“
Според известувач за Северна Македонија во Европскиот парламент (ЕП), Томас Вајц, станува збор за политичко мешање во независното судство. „Овој повик од владата е загрижувачки знак за политичко мешање во судството. Независноста на судскиот систем е од клучно значење за владеењето на правото и поделбата на власта, кои се фундаментални вредности за патот на Северна Македонија кон ЕУ“, вели Вајц.
Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање дали смета дека ваквата порака од Вајц ќе влијае врз заклучоците во следниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјата, одговори: „Дали ќе влијае, тоа е одлука на известувачот и на Комисијата. Но, мене ме радува фактот што по многу години не сме повеќе хибриден режим според „Економист“. На 27 февруари излезе податок, чекав да видам да се пренесе, но очигледно се пренесуваат овие, а добрите вести не се пренесуваат“, изјави Мицкоски по посетата на Општина Ѓорче Петров.
Премиерот смета дека пораките коишто ги упатува за Судскиот совет не се преседан и дека не врши упад во судството и обвинителството. „Како претседател на Владата само предупредувам на последиците од однесувањето на одредени судии“, вели тој.
Претседателот на Уставен суд, Дарко Костадиновски, на брифинг со новинарите порача дека во однос на интерпелациите за членовите на Судскиот совет, должност на законодавецот е да го почитува Уставот. Уставните гаранции за независноста на Судскиот совет, вели тој, се многу важни гаранции.
„Инструментот интерпелација во никој случај не може да биде употребен за Уставниот суд и уставните судии. Ние сме контролори на таа власт, на сите три власти – законодавната, извршната и судската. Тоа би бил распад на уставниот поредок“, изјави Костадиновски