Мицкоски најави изградба на нов колосек на Коридорот 10 преку договорот со Обединетото Кралство

Мицкоски најави изградба на нов колосек на Коридорот 10 преку договорот со Обединетото Кралство

Премиерот Христијан Мицкоски денеска при посетата на тренинг-центарот во Идризово, најави изградба на уште еден колосек на железничката линија од Коридорот 10, како дел од пакетот проекти, кои како што најави, ќе се реализираат преку новото стратешко партнерство со Обединетото Кралство.

„Првиот е реконструкција, модернизација и изградба на уште еден колосек на пругата што е дел од Коридорот 10, на потегот од Табановце до Гевгелија“, изјави премиерот Мицкоски.

Пред само пет дена премиерот Мицкоски најави реконструкција на целата траса на Коридорот 10, но не и изградба на нов колосек. Мицкоски тогаш рече дека патничките возови во Македонија ќе се движат со брзина од 160 километри на час, а товарните со 110 километри на час во просек.

Денеска премиерот најави и нова група проекти во здравството – финализирање на Клиничкиот центар во Штип заедно со Медицинскиот факултет и студентски дом со капацитет од 200 легла, завршување на здравствената установа во Кичево, како и реконструкција на Клиничката болница во Тетово. Не ја исклучи можноста и за изградба на нов Клинички центар во Скопје.

„Можно е, во догледно време, доколку сè функционира на начинот на којшто очекуваме, да биде изграден и големиот клинички центар во Скопје“, рече Мицкоски.

Премиерот го истакна договорот со Велика Британија како „историски“ и од клучно стратешко и економско значење за земјата. „Колку повеќе вакви партнерства имаме со значајни светски фактори, толку подолгорочна ќе биде стабилноста и перспективата на Македонија како држава“, рече тој најавувајќи дека веќе постои рамка за проекти во вредност од шест милијарди евра.

Во следниот период, најавена е и официјална посета на Лондон, каде што се очекува потпишување на договори помеѓу двете влади.

Општите елементи од стратешкиот договор со Обединетото Кралство премиерот Мицкоски им ги соопштува на медиумите речи секојдневно „од нога“, но деталите на договорот се непознати за јавноста. Така на пример, не се познати конкретните рокови, финансирањето и изводливоста на ваквите најави. Не е јасно дали средствата ќе бидат во форма на заем, дали ќе вклучуваат инвестиции од странски компании или, пак, нешто трето.

Дополнително, контекстот за железничкиот развој во земјава укажува на долгорочни планови за модернизација и поврзување со европските транспортни мрежи. Пругата е тема на разговор на политичарите секој изборен циклус. За жал, до сега е многу малку направено, особено во однос на Коридорот 8, Исток-Запад.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Аларм од ЗЕЛС: Во Македонија недостигаат над 400 пожарникари

Аларм од ЗЕЛС: Во Македонија недостигаат над 400 пожарникари

Северна Македонија има двојно помалку пожарникари од законски предвидените норми, а се провлекува и проблемот со недостиг …