Mицкоски најави нов Клинички центар и странски пациенти на приватен имот

Mицкоски најави нов Клинички центар и странски пациенти на приватен имот

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека, како што рече, „ултра модерниот“ Клинички центар во Скопје, ќе привлекува пациенти и од соседните држави, иако сè уште државата го нема купено земјиштето каде што треба да се гради. Станува збор за локација близу базенот „Борис Трајковски“ во Карпош.

„Сега сме фокусирани на завршување на процедурата на Клиничката болница Штип, студентскиот дом и Факултетот за медицински науки, Здравствениот дом во Кичево со проширена дејност и Клиничката болница во Тетово. Тука веќе имавме меѓународен повик за да најдеме финансиери и веќе имаме понуди кои се необрзувачки и индикативни, кои за нас се поволни и прифатливи. Овие проекти треба да ги завршиме, а логично е дека во меѓувреме размислуваме и за големиот клинички центар, кој би требало да се изгради во Скопје. Разгледуваме една локација пред базенот „Борис Трајковски“. Таа локација е на два булевари, има пристап до гас, блиску е до обиколницата. Тоа значи дека не само за главниот град и Македонија како држава, туку може и од соседните држави да привлекуваме пациенти кои ќе ги користат услугите на овој, како што е нашиот план, ултра модерен клинички центар“,  рече Мицкоски во изјава за медиумите додавајќи дека очекува следната година Клиничкиот центар да почне да се гради.

Тој најави дека планот бил под „Илинденска“ да има подземен премин кој ќе го поврзува Клиничкиот центар со „8 Септември“, како и со поликлиниката „Букурешт“.

„Сето тоа е поврзано со поликлииката „Букурешт“. „8 Септември“ има најсовремена опрема единствена на Балканот. Тоа е нашата амбиција, тоа е главниот фокус на нашите приоритети. Таму му е местото на Клиничкиот центар. На овој начин цениме дека ќе ја развиваме државата“, додаде Мицкоски.

На 14 ноември лани, Мицкоски кажа дека самата локација на ГОБ „8 Септември“ е најдобра за нов Клинички центар.

„Тој периметар мислам дека е најсоодветен, бидејќи има пристап до гас и исклучително добра сообраќајна инфраструктура и мислам како целина може сериозно да се разгледува со лесна надградба да дојдеме до она коешто го посакуваме како држава и пациентите кои ќе го добијат како квалитет. Не се откажуваме. Не е ова во консултација со експерти, ова е лично мој став“, рече Мицкоски.

Мицкоски изјавата ја даде при почеток на изградба на доградба на основно училиште во општина Ѓорче Петров каде беше заедно со министерката за образование и градоначалникот на општината.

Извор: МЕТА