Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека има чувство, но негираше дека има инфомации дека поранешни виоки функционери кои биле дел од владите на СДСМ ќе се соочат со прогон. Тој смета оти во државата мора да има еднакви услови за сите без разлика дали некој е сегашен или поранешен висок функционер. Воедно, наместо да одговори на прашање за неговиот претходник и бегалец од правдата Никола Груевски, зборуваше за неговото чувство дека ќе се гонат членови на опозицијата.
„Очекувам опозицијата критички да се однесува и кога високи функционери од поранешните влади на СДСМ, поранешни премиери и нивни блиски, од семејството, ќе бидат опфатени со одреден прогон. Не велам дека имам информации, имам чувство. Очекувам и тогаш дека ќе имаат вакви прес-конференции и нема да велат дека се работи за политички прогон туку ќе ги повикаат да одговараат пред органите и да ја докажат својата невиност“, рече Мицкоски.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче вчера изјави дека победата на Тиса и Петар Маѓар во Унгарија ќе значат крај на уште еден долгогодишен срам за Македонија, како и дека Груевски мора да се врати и да одговара.
„Новата унгарска власт повеќе нема да обезбедува засолниште на луѓето кои бегаат од правдата. Маѓар експлицитно наведе дека Унгарија ќе ги испорача оние кои се кријат на нејзина територија и директно го означи Никола Груевски како криминалец. Ова е конечен крај на ерата во која Будимпешта беше безбедно засолниште за сите осудени корумпирани криминалци“, рече Филипче.
Мицкоски, пак, рече оти го загрижува фактот дека опозицијата не го повикува и Васко Ковачевски да се врати во земјата и да се соочи со правдата и зошто не го споменуваат и неговото име на нивните прес конференции.
Ковачевски, како поранешен директор на ЕСМ, е меѓу 13 осомничени лица за злоупотреби со набавка на мазут и перење пари и во моментов е во бегство.
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место