Мицкоски нуди компромисно решение за техничката влада

Мицкоски нуди компромисно решение за техничката влада

На лидерската средба кај премиерот Христијан Мицкоскибеше постигнат начелен договор техничката влада да се укине, со можен компромис укинувањето да важи по следните избори доколку сега нема консензус. Лидерите изразија подготвеност за двотретинска поддршка на законските измени за старт на проектот „Сејф сити“, договорија итни консултации за избор на Народен правобранител, како и забрзана работа на Изборниот законик (една изборна единица, отворени листи, праг 5%, поголемо учество на дијаспората).

Во фокус беа и евроинтеграциите. За дел од темите, премиерот најави дека ќе се разговара на почести средби во наредниот период. Дел од решенијата за актуените прашања ќе се бараат и преку пратеничките групи во Собранието.

На поканата на премиерот за лидерска средба се одзваа генералниот секретар на ЗНАМ и министер за јавна администрација, Горан Минчев, градоначалникот на Тетово, Биљал Касами од коалицијата „Вреди“, како и лидерите на Левицата и на ДУИ, Димитар Апасиев и Али Ахмети.

СДСМ ја одби поканата, порачувајќи дека не се согласува со укинување на техничката влада.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, 3 април 2025 година
Лидерот на СДСМ не присуствуваше на лидерската средбаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Главни теми: техничка влада, ‘Сејф сити’, изборен законик

Средбата траеше речиси три часа, и според учесниците, поминала во конструктивна атмосфера. Премиерот Христијан Мицкоски ја оцени средбата како „зрела и конструктивна“ и нагласи дека вакви формати треба да станат практика:
„Јавноста беше сведок на поинаков пристап – дебата полна со идеи и предлози. За поголем дел од прашањата имаме заеднички јазик, за дел позициите се разликуваат, но тоа е нормално. Важно е да покажеме одговорност пред меѓународната заедница дека самите можеме да носиме зрели одлуки“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека е неопходно да се донесе Законот за прекршоци со двотретинско мнозинство за да почне „Сејф сити“ да функционира од 1 февруари.

„За техничката влада сите присутни се согласивме дека треба да замине во минатото. Ако нема согласност за следните избори, тогаш барем за тие потоа да не постои. Само за да излеземе од ќорсокак, ние го прифаќаме и тој компромис“, изјави премиерот.

Мицкоски најави дека ќе продолжи комуникацијата со опозицијата: „Очекувам предлози и од нив. Мора да зрееме во процесот. Задоволен сум што по 35 години имавме лидерска средба на која се нудеа решенија, а не се генерираа проблеми“.

Лидерска средба во Скопје, 14 јануари 2026
Учесниците на лидерската средба ја оценија како конструктивна: што е договорено?Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Евроинтеграции и изборни измени

Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, ја оцени средбата како „изненадувачки конструктивна“. Левица предлага избор на Народен правобранител од ромската заедница, како најдискриминирана група без политичка моќ.

Од средбата е задоволен и првиот човек на ДУИ, Али Ахмети.

„Ова е прва средба од ваков формат. Првото прашање е членството на Северна Македонија во ЕУ – сите треба да се ангажираме со голема посветеност“, рече Ахмети.

ДУИ поддржува една изборна единица со праг од 5% и отворени листи. За Народниот правобранител, Ахмети најави дополнителни консултации меѓу координаторите на партиите. Што се однесува до стартот на „Сејф сити“, Ахмети рече дека не се против проектот, но најави дека ќе треба да се разгледаат дополнително амандманите што се поднесени во Собранието.

Биљал Касами истакна дека „Вреди“ се залага за отворени листи, а со измените на Изборниот законик да се изнајде можност за поголемо учество на дијаспората во гласањето.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Горива бензини дизел

Бензините поскапуваат за 1 денар

Oд ноќеска стапуваат во сила новите малопродажни цени на нафтените деривати кои се зголемуваат, одлучиле …