Михалис Рокас повикува на забрзани реформи во Македонија

Михалис Рокас повикува на забрзани реформи во Македонија

„Се соочуваме со геополитички пејзаж кој брзо се менува, и само со обединување на Европа ќе обезбедиме и мир и просперитет на континентот“, порача евроамбасадорот Михалис Рокас на прес-конференцијата со македонскиот премиер Христијан Мицкоски во Владата.

Потреба од поодлучни реформи

По едночасовната средба, на која се дискутираше за најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија кон ЕУ, Рокас истакна дека сега е време да се искористи шансата за забрзување на реформите и нивно поодлучно спроведување.

„Постигнат е одреден напредок, но се потврдува потребата за поголема посветеност од целиот политички спектар. Нема напредок во однос на судските реформи и борбата против корупцијата – што се темел за довербата на граѓаните и за европската иднина на државата“, рече Рокас.

Евроамбасадорот Михалис Рокас се ракува со премиерот Христијан Мицкоски
Евроамбасадорот Михалис Рокас повикува на забрзани реформи, а премиерот Христијан Мицкоски вети дека ќе бидат спроведени

Судството и довербата на граѓаните

Трета година по ред, Македонија нема значителен напредок во овие области. „Една поголема посветеност може да обезбеди голема разлика. Потребно е да се обезбеди финансиска независност на судството, ослободено од мешање, што ќе биде клучно за враќање на довербата на јавноста и продолжување на реформите“, додаде евроамбасадорот.

Уставни измени и политички дијалог

Рокас потенцираше дека треба да се измени Кривичниот законик во согласност со препораките, да се надминат политичките поделби и да се забрзаат реформите. „Постои сериозна можност да се започне дијалог и да се продолжи со обврската во однос на уставните промени“, рече тој.

Поддршка од ЕУ и идни чекори

Евроамбасадорот го поздрави фактот што, иако реформите се бавни, сепак има извесен напредок во одредени области. „Задачата пред нас е мошне јасна и треба да започне веднаш, без одложување, за Македонија да го искористи моментот“.

„Го цениме фактот што земјата останува усогласена со надворешната и безбедносната политика на ЕУ за војната во Украина. Вашата земја навистина помина долг пат во однос на интеграциите – време е да ги надградиме со нова енергија и посветеност. ЕУ останува покрај вас, ја споделуваме истата визија – Македонија да го заземе своето место во ЕУ како просперитетен член на Унијата“, заклучи Рокас.

Премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференцијата порача дека Владата останува целосно посветена на европскиот пат и на реформите кои ја прават државата посилна, пофункционална и поправедна.

„Ќе ги адресираме сите области каде што е забележан застој, со конкретни мерки, јасни рокови и отчетност. Нашата цел е полноправно членство во рамките на Европската Унија“, рече Мицкоски.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

„Кој е следен?“ најави јавен онлајн состанок пред Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот

„Кој е следен?“ најави јавен онлајн состанок пред Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот

Протесното движење „Кој е следен?“ ќе присуствува на седницата на Постојаната анкетна комисија за заштита …